Одлична концептуализација

/, Галерија, Блесок бр. 97/Одлична концептуализација

Одлична концептуализација

#1 Во својот проект насловен „Изгрев на залез – постапокалиптична реа на транзицијата“, Сашо Димоски на мошне интересен начин ги демонстрира и потенцира можностите на современата фотографија. Проектот кој е резултат на внимателна опсервација на општествената стварност и детална пред-фотографска концептуализација, ги истакнува критичките потенцијали на фотографијата во рамки на една современа уметничка инсталација изградена од меѓузависноста на повеќе елементи.
#2 Фокусирајќи се на еден објект, Хотелот „Изгрев“ и неговата исклучително интригантна историја изложена преку три значајни временски координати (свеченото отворање во 1979, обидите за промоција и ревитализација во средината на 1990-те и актуелната руинираност, 2012), тој го употребува овој грандиозен објект како метонимија за декадентната фаза на системот во кој е изграден, во насока на потенцирање на негативните вредности на истиот, од кои не само што не сме се ослободиле, туку се задржале, се вкорениле и се надградуваат. Изгубеното чувство за време, отсуството на самокритичност и соочување со реалноста, предимензионираните очекувања за иднината, склоноста да се градат илузии во кои ќе бидеме принудени да веруваме, од денешна дистанца се чинат како трајно наследство од еден систем во распаѓање, фантом кој постојано го потхрануваме.
#3 Поставувајќи во корелација артефакти врзани за објектот, но такви кои произлегуваат од различни временски точки кои се реконтекстуализирани во една условна синхроност, Димоски отвора можност за промислување на судбината на нашето општество во постојано хаотично, непромислено и безидејно преоѓање, кое е заглавено во лутање по соодветниот општествен формат.
#4 Она што дополнително се потенцира преку проектот на Димоски е дека визуелната, појавна, фасадна страна на реалноста не само што е недоволна за нејзино критичко согледување, туку е и сериозно проблематична: токму хотелот „Изгрев“, кој претставува солиден пример на прочистениот социјалистички модернизам во архитектурата, во поширокиот контекст, за несреќа, станува типичен репрезент на декадентната „рококо“ фаза на општествениот систем.
#5 Прецизно избраниот наслов „Изгрев на залез“ кој во основа е оксиморонски, и ретро-преврамувањето на актуелната пост-апокалиптична меланхолија присутна во авторските црно-бели фотографии наспроти колор ентузијазмот од минатото, се дел од интервенциите преку кои се заокружува одличната концептуализација на целината.

2018-08-21T17:20:43+00:00 август 23rd, 2014|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 97|