Оддалечување заради блискост

/, Галерија, Блесок бр. 50/Оддалечување заради блискост

Оддалечување заради блискост

– кон фотографиите на Иван Блажев „Македонија сонувајќи“ –

#1 Фотографирањето е повеќе миг на доближување, отколку доближување на мигот. Растојанието помеѓу објективот и објектот, го води фотографот во полето на објективноста на преземената слика од организираниот живот според законите на извесноста. Љубовта кон судбината (amor fati) на луѓето што стануваат дел од контролираниот фото-пејзаж на минливоста, ја одредува нивната природност и емоционална релјефност. Нивните чисти лица и придвижени тела кон статичноста на небесната, водената и земјена длабочина ги исцртуваат координатите на просторната и традиционалистичка припадност.
#2 Кога во дланките ги држиме музејските фотографии со историско-документаристичка вредност, речиси секогаш имаме чувство дека најважното сме го покриле со прстот. Ја бараме точката на континуитетот и дисконтинуитетот, заборавајќи на интимистичката традиција на личностите и предметите врамени во композицијата. Фотографијата на Иван Блажев ги отвора прашањата на динамиката / повторливоста на денот преку разградување на системот на рационални нужности и социјални контексти. Неговото око ги реставрира интимните митолошки наслаги врз ѕидот на историските прераскажувања. Она што ја разделува интимната приказна од историската е – тишината – и тивкоста на нејзината важност. Таквата тишина не може да се изрази во бои како гласовите, таа е невидлива и неделива од сликата уште во самата утроба на камерата.
#3 Исчистената фотографија од темните социо-идеолошки комори е ослободена од секакви нужности и предвидувања. Во неа нема едноставна транспозиција на амбиентот, не постојат претпоставки за продолжени простори и движења, за крадења состојби од стварноста… Не постојат трансцендентални сеприсутности, ниту нагони за поинаквост или за чувствени револуционерности и искршени прераскажувања. Секое сеќавање е непотполно и само заради тоа е сеќавање. Фотографијата е с(р)еќавање со тенденција за потполност и реорганизација, подредување и вообразување фрагменти што би ја означиле присутноста на иницијалното повторување.

#4 Во сонот, фрагментот се соочува со својата совршеност и аморфност во однос на формите што ги претставува. Да се сонува преку отуѓени слики е да се гради привремен дом преку реконструирање на просторот на животната игра, да се бараат прелевањата на арбитрарните граници на будноста со оние на погледот. Кога умот сонува, погледот спие – кога некој зборува во сонот, сите околу него молчат. Во тој меѓупростор на перцептивната свесност се раѓаат сликите на внатрешната вистинитост. Сонувањето во движење е само реалност на нашата статична будност. Визуелизација на нечиј сон може да се случи со едноставно преземање миг од нечија туѓа реалност.
#5 Дигиталната технологија го оддалечи прилепеното око од камерата. Ова е ера на оддалечувања и митски сведочења. Растојанијата од-окото-на-фотографот-до-камерата и од-окото-на-гледачот-до-фотографијата постојат за да се разоткрие блискоста на фокусираното со граничното, и на интимното со безграничното.
#6 Фотографот патува за да не заборави, фотографира за да се сеќава. Иван Блажев сè уште го држи окото сраснато со камерата, соединувајќи ја сопствената сигурна присутност со неизвесниот распоред на елементите во просторот. Во исцртаната територија на мапата на вообичаености, неговите фотографии со своите остри агли го пресекуваат одживеаното, пуштајќи им крв на спомените. Меѓу кружниот објектив и правоаголната форма на фотографијата недостасуваат токму оние периферни сантиметри, кои припаѓаат на премачканите сеќавања на сонот.

2018-08-21T17:21:23+00:00 октомври 7th, 2006|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 50|