Новиот и (не)познатиот Чемерски

/, Галерија, Блесок бр. 56/Новиот и (не)познатиот Чемерски

Новиот и (не)познатиот Чемерски

или: Во слава на сликарството

1.

#1 Чинам дека не случајно Phillipe Davett, ликовниот критичар на угледниот “Le Mond”, пишувајќи за македонската изложба „Дијалози: македонската уметност денес“ во Париз 2003 година, меѓу сликарите посебно го издвои / „го препозна“ Глигор Чемерски и неговиот експресионизам како актуелен европски израз1F. Зашто уметноста на Чемерски веќе полни четири децении наликува на „… една авантура чија цел била да ги премости навидум несовладливите бездни на раздалечените простори и времиња, кои – како што покажува творештвото на овој сликар – не се несовладливи за духот“ (Влада Урошевиќ).
#2 Творештвото на Глигор Чемерски објективно е единствено и неповторено во ликовната уметност кај нас. Иако во пројавниот слој децидно експресионистичко, неговото сликарство, сепак, како да „се извлекува“ од премногу тесните типизирани одредници на класичните ликовни поделби на „експресионизам“ / „надреализам“ / „симболизам“ итн. Уметниците од мајсторскиот сој на Чемерски, по правило, појасно се согледуваат вон стереотипите, во пошироки филозофски / културолошки опфати. А, во еден таков широк контекст, неговото сликарство, денес, слободно можеме да го акцентираме како предвесник на постмодернизмот кај нас, а Чемерски како „сликар кој азбуката на постмодернизмот ја носел директно во гените многу години пред таа да се ‘појави’ на европската сцена“2F! Поточно, творечките рефлекси кај Чемерски „… истражуваат, испитуваат, толкуваат, преработуваат … ликовни искуства на величествени епохи, на големи поединци, на анонимни мајстори. Впрочем, тоа, од една страна, е негов природен хабитус – антиката, Стоби, сатирите, митологијата … и културно наследство – македонската варијанта на византискиот живопис, Курбиново, Света Софија …, за да, од друга страна, никогаш не остане вклештен само во националното и традицијата, туку сосема отворено да бара дијалог и со Цивилизацијата во најшироката смисла на зборот – јужноамериканската култура, Ел Греко и шпанските мајстори, Делакроа, Пикасо …“3F! Или, како што вели и самиот Чемерски, „античките пасторали, библиските драми, радоста, плодноста и изобилието се живи и сега. И страдањето, исто така. Подеднакво сум инспириран да сликам од сè што ме весели или ме мачи (…) Во мене ги носам и рицарот и змијата, принцезата, сирените и жените јаболкниците како потомство на Ева“4F.

2.

#3 Велат дека, вообичаено, кај повеќето уметници, творечкиот жар опаѓа со физичката зрелост. Кај Чемерски овој „принцип“, ако воопшто постои, е обратно пропорционален. Последниве години – во годините на физичката (и творечката) зрелост – Чемерски како да работи најмногу! Како да е под константна „творечка температура“ која што не се симнува со регуларни, овоземни и, за просечни луѓе, средства. Но, не само во активното сликање, туку и во секојдневната вообичаена комуникација Чемерски (сè уште, или уште повеќе!) се внесува целиот во разговорите за уметноста, во опишувањето / објаснувањето на неговата и на уметноста во целина. Но, и тоа секако е некаков вид Божја дарба – привилегија на одбраните.
#4 И во овој контекст, сликарскиот жар и творечкиот опус на Чемерски, не само денешниот туку согледан во целина, е веројатно најплодниот во повоената македонска ликовна уметност. Еднаков со оној на Мартиноски и Мазев – силен, страстен, херојски, магичен … Или, како што многу порано заклучи големиот Петре М. Андреевски, „ретки се фантастите од сојот на Глигор Чемерски кој толку ревносно и со толкаво количество страст му го отстапил својот живот на сликарството“5F. Денешниот, пак, творечки ритам и опус на Чемерски е толку тензичен што безмалу тешко може да се следи. Практично – секоја минута преточена во сликарство!

#b
1. Philippe Davet, L’art macedonien, ou l’echo violentdes soubresauts historiques, Le Monde, 04.04.2003
2. Златко Теодосиевски, Вистински постмодернист, ЗУМ, 2002, Скопје
3. Исто
4. Alex Krtov, The Fever Overcome, (каталог Gligor Čemerski & His No Boundaries Friends), Gral Advertising, Skopje, 2005
5. Петре М. Андреевски, Големиот сонувач, предговор во каталог: Чемерски, Струшки вечери на поезијата, 1992

2018-08-21T17:21:16+00:00 октомври 17th, 2007|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 56|