Некогаш Под, а некогаш За еден час

/, Галерија, Блесок бр. 31/Некогаш Под, а некогаш За еден час

Некогаш Под, а некогаш За еден час

– рецензии за филмовите ПОД ПОДМОРНИЦАТА (BELOW), и ФОТО ЗА ЕДЕН ЧАС (ONE-HOUR PHOTO) –

Изборот на филмовите за овој диптих рецензии од рецентната филмска продукција на Њујоршката филмска школа, веќе навистина долго време етаблирана како речиси единствена и неприкосновена филмска школа во САД, со своја специфична филмска поетика, поетика којашто значително се одвојува од Холивудската забава-бизнис-сапуница-пропаганда поетика, и е многу поблиску до европските филмски ангажирани и арт-поетики, е направен, пред сè, спрема квалитетот на оние понови наслови од таа продукција што можат да се најдат и кај нас… Конкретно, овие два филма можат да се најдат по нашите видеотеки во форма на DVD изданија.

(I) ПОД ПОДМОРНИЦАТА

Режија: Дејвид Н. Твохи;
Сценарио:
Дејвид Н. Твохи и Дарен Аронофски;
Улоги:
Брус Гринвуд, Оливија Вилијамс…

#1 Филмот Below, или Под подморницата, како што филмот е преведен во видеотеките низ Македонија, е режиран од Дејвид Н. Твохи, режисер познат по нискобуџетниот научнофантастичен филм Pitch Black со Вин Дизел во главната улога, а напишан од Дарен Аронофски (мрачниот принц на Холивуд), филмски автор кој со своите остварувања Пи и Реквием за еден сон, напросто им го одзеде здивот и тотално ги измести оние филмски фанови отворени кон таков тип на кинематографски искуства. Најпрво, овој проект, првенствено насловен како Протеус, бил планиран од страна на Аронофски како наследник на Пи од 1998 година, но подоцна тој сепак се одлучува за адаптацијата на романот на Хјуберт Селби Јуниор од којшто ќе произлезе фамозниот Реквием за еден сон. Дејствието на Под подморницата е во целост поместено во длабоките океански пространства и на американската воена подморница „Мантра“. Екипажот на „Мантра“ спасува неколку преживеани припадници на британски болнички брод потопен од нацистите, меѓу кои се наоѓа и медицинската сестра Клер Пејџ (Оливија Вилијамс). Со доаѓањето на тројцата преживеани, во подморницата започнуваат да се случуваат мистериозни настани поради што екипажот ќе почне да се сомнева дека „Мантра“ е запоседната од натприродни сили. Капетанот на подморницата Даглас О’Дел (Метју Дејвис) неочекувано загинува; водството го превзема полковникот Брајс (Брус Гринвуд) кој треба да се соочи со сè почудните настани во и околу #2 „Мантра“, исчезнувањето на поголемиот дел од неговиот екипаж, но и губењето на сопствениот разум и рационално просудување. Дали навистина „Мантра“ е запоседната, кој сè се крие во неистражените длабочини, и дали загинувањето на капетанот Даглас е несреќен случај или пак е резултат на претходно подготвена завера…
#3 Теориски, Под подморницата изгледа како речиси совршен спој, вистински рецепт за возбудлив психолошки хорор: недоволно истражените океански длабочини извонредно податливи за креирање на мистеријата, подморницата и нејзината клаустрофобичност, временското лоцирање во рамките на Втората светска војна… И пред сè, одличната авторска екипа: Дарен Аронофски и Дејвид Твохи како сценаристи а вториов и како режисер, челниците на Мирамакс како продуценти… Навистина, како сите карти да се на место. Но, крајниот заклучок што останува по гледањето на Под подморницата е дека тој не ги исполнува очекувањата. Едноставно, вистинската хемија потребна за едно квалитетно и значајно остварување не изгледа дека сосема проработела. Под подморницата ни од далеку не го постигнува ефектот на претходните остварувања на Аронофски, на пример. Ја нема потребната атмосфера, потребниот suspence за едно остварување од ваков тип. Премногу недоречености, клишеа, премногу déjà vu моменти, и сл. Се говори дека Под подморницата ќе се изгуби во рецентната (пре)продукција на независни филмски (а и други) остварувања. Сепак, тоа воопшто не мора да значи и отпишување на Аронофски како голема кинематографска надеж. Неговиот најнов авторски проект Фонтаната треба да се појави веќе кон средината или крајот на 2003 година. Останува да видиме…

2018-08-21T17:21:43+00:00 март 1st, 2003|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 31|