Наместо будење – збогум!!!

/, Блесок бр. 05, Галерија/Наместо будење – збогум!!!

Наместо будење – збогум!!!

околу филмот „Збогум на XX век“ на Александар Поповски и Дарко Митревски, алиас…

1. Пред филмот:

Пред филмот, по разните весници и списанија, разни наслови од типот:
Време е да го разбудиме Надмакедонецот во нас“, потоа „Филмот не е скап, туку скапоцен“, и така натаму, сè во тој стил… во еден од тие текстови, авторите на овој филм изјавуваат (цитат): „… од пишаното не се бега … “ Јас овде би додал: … и од снименото, исто така.

2. По филмот:

По филмот, по разните весници и списанија – нешто сосем друго.
Но, текстов нема ама баш никаква намера да продолжи на овој начин; затоа, да го спомнам она што мислам дека е најбитно во врска со филмот за кој што станува збор…
Без и најмала претенциозност за толкување ова дело од каков било аспект, овде сосем накратко ќе се задржам на еден мал број факти, и на еден мал број мои лични забелешки.

Да почнеме со фактите:

1. Околу глобалниот впечаток за филмот: на Јавното Мнение и Публиката (мноштвото), филмот не му се допадна. Оние кои тоа мислење јавно го изнесуваат, забораваат да се запрашаат околу еден друг битен факт: Дали намерата на авторите, всушност, беше тоа – филмот да е допадлив. Нивните изјави пред јавноста, како и главната порака (или поента) на филмот – „… иднината е еднакво заебана како и минатото…“, во никој случај не даваат повод за мислење дека тие имале намера филмот да биде допадлив;

2. Околу истото, можеби е нешто подискутабилно прашањето за „будењето на Надмакедонецот во нас“;

3. Околу толку потенцираната цитатност на овој филм: Јавното Мнение и Публиката (мноштвото), едвам го препознаваат, а уште помалку тоа им значи нешто. Оние кои тоа мислење јавно го изнесуваат, со право тврдат дека повеќето цитати, без вистински контекст во филмот, не функционираат. Сето тоа во филмот личи на една изнасилена и сосем грешно апсорбирана претстава за она што е постмодерна поетика. Повторно ќе се запрашаме околу фактот дали и тоа била намера на авторите;

4. Околу приказната: или – приказните? Или: зачетоците на приказните? Или, сепак, околу обидите за приказни? Да ги оставиме веќе намира Јавното Мнение и Публиката (мноштвото). Да не рече некој – дека некој се крие зад тоа. Туку, во филмот има една рамковна приказна; дури е и интересно како во тој хаос од расфрлани цитати, горчлив цинизам, нихилистички пораки и слично, на крајот од филмот доста силно нè изненадува начинот на кој што филмот е затворен во еден круг – назадечки, но доста ефективно… Она што како факт треба да нè заинтригира, е: зошто таа постапка нè изненадува? Треба тоа да се запрашаме, бидејќи од тој факт се доаѓа до заклучок дека во сиот тој хаос, наѕираме – структура? Или обид за структура? Или пак зачеток на структура? Или крај на истата? Дали и тоа била намера на авторите? … ;

5. Околу филмските медиумски елементи: неверојатно добра фотографија, го остава гледачот без здив; истото може да се каже за движењето и ракурсите на камерата, значи за општата динамика и изгледот на филмската слика; истите пофалби важат и за сценографијата и за шминката во филмот, а за филмската музика воопшто и да не зборуваме – таа е прекрасна и крајно издржана во однос на она што филмот требаше да биде. И тоа се факти. Штета што се единствените елементи од овој филм што носат позитивен предзнак. Не толку добри, но и не толку далеку од пофалба, се и актерските остварувања: за да бидат натпросечни, би морале да имаат и услови за тоа – а условите се наоѓаат во оствареноста на ликовите во самата драматургија. А бидејќи во овој филм неа речиси ја нема, и од толку треба да сме задоволни;

6. И на крај, околу фактот зошто цело време треба да се прашуваме за намерата на авторите: затоа што тие се тие кои пред појавувањето на филмот зборуваат за еден нов феномен, односно за новиот жанр што тие сами морале да го наречат некако, и го нарекле – ethnogoovy (колку за информација, тоа во буквален превод би било: етно+крв+истурени црева и мозоци и слично…) … Тоа е нов жанр, нели, и освен според она што го наоѓаме во филмот, ние на никаков друг начин не можеме да ги знаеме неговите основни поетички начела, и затоа толку мораме да се прашуваме. И тоа е факт, нели?

Да продолжиме со моите лични забелешки (по истиот редослед):

1. Околу допадливоста на филмот: никогаш и никаде не сум сретнал тврдење (кое е сметано за релевантно во уметноста за подолг период, а уште помалку денес) дека некое дело, ако има претензии да биде уметност, мора да е и допадливо. Затоа, тоа не може да му се земе на филмот за негативност… Она што сакам да го потенцирам, и стои како мое забележување, е тоа дека овој филм беше преполн со потенцијал да биде таков, допадлив, и тоа многу. Лично сметам дека е голема штета што не е; бидејќи, макар и иднината да е исто заебана како минатото, не гледам на кој начин допадливоста и естетиката на еден филм може да пречи во искажувањето на каква било порака, па макар и таква;

2. Околу будењето на Надмакедонецот со ваков тип на филм, јас лично не гледам како тоа може да се случи: тоа ти е како да будиш некого со ставање газа натопена во хлороформ на неговиот нос;

3. Околу цитатноста: редењето на цитат по цитат, чистото колажирање заради колажирањето само по себе, без тоа воедно да има и некое (барем) вторично значење, ако не и некое уште подлабоко, не е тешко да биде протолкувано како криење на неталентираноста зад некаква си искривена постмодернистичка поетика, што во овој случај од многумина беше протолкувано токму како такво. Но, за проблемот околу талентот ќе се навратам нешто подоцна. Она што за оваа проблематика сакам да го нагласам, е тоа што – и првичното, а и другите, вторични и други значења не смеат да бидат само лично-авторски или интерни… Тие мора да имаат покритие или подлога во некаков поширок културен или социолошки контекст; тогаш таквите постапки на цитирање и колажирање би имале свое оправдување. Тоа се вика, најчесто – авторски став, или однос на авторот кон претходните дела кои тој ги цитира; без таков став, или пак со став којшто не излегува надвор од личните или некои интерни и претесни значенски кругови, таа цитатност не може да претендира ниту кон каков било вид на уметност, ниту кон каков било вид на медиумски производ за поширока публика. А ние овде зборуваме за филм.

4. Околу приказната: Сè почнува одлично; изгледа и функционира прекрасно и силно; сè до моментот кога почнува – трчањето, така да се изразам. Значи, некаде до појавата на Човекот-Со-Зелена-Коса-Што-Свири-На-Пушка-… итн.Од тој момент почнува прелетувањето со брзина на светлината (или со Ворп-спид) преку најголемот дел од елементите на приказната кои што (со стопроцентна сигурност) можеа од филмот да направат еден од најдобрите во досегашната наша кинематографија. И не само тоа: има, на нашето поднебје, толку многу плодно тло за развивање на оваа приказна… Толку многу – веќе развиени – мотиви, магични теми и фабули, кои плачат за ваков тип на филмување. Тоа и беше она што се очекуваше – како природно продолжување, а и како веќе најавена ориентација (од страна на самите автори) со изјавата за будењето на Надмакедонецот во нас – на филмската приказна. Со тоа, она тврдење (или желба) за назначување на надмакедонштината и ќе се оправдаше; тоа не може да се направи со цитирање на холивудско-американската продукција или такво нешто слично. Овој момент, дефинитивно го сметам за највиновен што филмот испадна толку лош колку што испадна: приказната, односно приказните, односно сценариото, односно немањето на (едно добро и смислено) такво. Потоа, по секавичното завршување на приказната за човекот кој не може да умре, со брзина која за гледачот има само една можност за толкување, а тоа е пораката: сето-ова–не-е-толку-важно-гледај-сега-што-иде-итн., следи приказната за Дедо Мраз. Или, не: претходно беше, нели, оној божем журнал од почетокот на векот, така? Добро, и тоа донесе слична порака во комбинација со појавата на Дедо Мраз: тука толку многу заглавивме, па се изматкавме и задржавме, сè и сешто изнакажавме, што гледачот на филмот не може а да не помисли дека всушност, тука некаде мора да е и суштината на филмот. Па гледа малку Алан Форд, малку „Гол Пиштол“ или „Топ Сикрет“, па малку ова, малку она… за на крај, тој истиот Дедо Мраз да го наименува новиот Дедо Ное (пред да го уништи светот онаков каков што го знаеме), и да ги испише судбините на идните генерации (а меѓу нив и на јунакот од претходната приказна) на ѕидот што во иднината која доаѓа, ќе го чува Човекот-Со-Зелена-Коса-Што-Свири-… Каков крај, нели? Сега, сè поврзавме, и сè е добро…? А зошто? Само да ни биде повеќе мака за пропуштеното… За најмалку двете приказни што можеа да бидат најмалку два добри филма? Бидејќи, оваа постапка во никој случај не ги прави приказнитеприказна. Сето ова ме потсетува на еден рецепт за коктел кој еднаш порано го слушнав, и сега, со искрено мое извинување за злоупотребата на просторот што треба да му припадне на овој текст, и која што злоупотреба сепак ќе ја направам, накратко ќе ви го изнесам тој рецепт: во најквалитетното црвено вино се додава најфин ликер од кокос, па потоа и чашка од најскапото виски што ќе го пронајдете во градот. Потоа, ќе капнете две-три капки високомасно пастеризирано млеко, сето тоа ќе го осолите со морско оревче и оригано, и малку црн пипер. На крај, останува да додадете малку квасец во прав, сета таа папазјанија да ја исипете во WC-шолја, и да отидете во најблискиот бар на еден добар коктел по ваш избор… ;

5. Околу филмските медиумски елементи, фактите си остануваат – факти. Сè е на едно високо ниво, го плени окото и ја задоволува желбата за естетски дразби од највисок вид… Она што овде ќе го назначам, се однесува на нешто што погоре го назначив дека ќе го разгледаме, а тоа е – прашањето за талентираноста или неталентираноста на самите автори. Веднаш да кажам две работи: прво, не се сложувам со изјавите на многумина дека овие автори се неталентирани; а второ, ќе кажам и зошто. Не случајно токму на ова место во текстот го тврдам ова: начинот на кој што е изработен овој филм е фактот што ги побива оние што тврдат дека овие автори едноставно немаат талент; и не е само тој факт она што ги побива таквите: тука е и сиот оној опус на дела и проекти коишто стојат зад овие – како што некои знаат да речат – „млади“ автори… Таа работа, и тие резултати стојат како бедем-заштитник пред таквите негаторски тврдења, но исто така, стојат и како ѕид на обвинение над своите творци кои си дозволиле ваков кикс, и тоа при својот прв самостоен (обид за) филм. И дотолку повеќе можеме да жалиме и да се револтираме околу пропуштеното, и тоа токму заради оние – кои можеа многу подобро. Затоа и овој текст е ваков каков што е;

6. И на крај, околу фактот зошто, нели, требаше сето ова да се запраша, и на некој начин да се одговори: кажавме дека (сепак) се работи за – наводно – нов жанр, ново-наречен како ethnogoovy. Е сега, некој може да се вика Љубен, па сепак никој да не го љуби… Бидејќи речиси сè што имав да кажам – кажав претходно, и токму заради сето тоа што го кажав, без да се повторувам, само ќе назначам: она goovy – е сосем оправдано во филмот и си стои како назнака за овој нов жанр; а она ethno… каде е тоа? Некаде во одличната музичка поддршка на филмот, и во самиот хронотоп? Далеку од доволно… Тоа требаше да го наоѓаме насекаде низ филмот, низ целиот филм, но најповеќе во она што филмот го кажува. А тој не ни кажува речиси ништо. Дури и оние како мене, кои секогаш (по „консумирањето“ на едно дело што ништо не им кажало) прво се прашуваат дали тие делото не го разбрале, или пак немало што да се разбере, за овој филм морале да го констатираат истото што и јас: не дека не сум слушнал, не дека не сум видел, туку филмот не кажал, и филмот не покажал…

А без нешто да имаш да кажеш, зошто целата мака?

23.11.1998
Скопје

Музика од филмот „Збогум на XX век“

2018-08-21T17:22:14+00:00 октомври 1st, 1998|Categories: Осврти, Блесок бр. 05, Галерија|