Македонски рашомон

/, Галерија, Блесок бр. 26/Македонски рашомон

Македонски рашомон

#7 ЖК: Во „Пред дождот“ Милчо беше жртвата на српскиот војник, во „Прашина“ беше мајката на Лук и Илајџа. Значи ли тоа дека вршиш надоврзување на поетиките на Алфред Хичкок и Орсон Велс кои имале навик да се појават во некој кадар од своите филмови?
ММ: Апсолутно. Идејата да влезеш во мал кадар од свој филм е измислена од Хичкок, јас само го преземам, правејќи варијанта на тоа – се појавувавам само во фотографии (се смее). Тоа се фотографии кои играат прилично битна улога во филмот. Во „Пред дождот“ фотката беше важна оти таму е ембрионот на целото дејство, тука му пукнал филмот на Александар и затоа се вратил во Македонија. Оттука се одмотува прикаската. Во „Прашина“, пак, фотографијата со мајката на Лук и Илајџа, е можеби најстарата фотографија од целата колекција на Анџела. Од мајката всушност тргнале обајцата. Тоа е повторно играње. Сметам дека кога се бавиш со креативни работи треба многу да играш и да се отепаш од работа. Треба да се биде крајно консеквентен во тоа играње и за мене секогаш најтешката работа била како да се постигне тој баланс. Како тоа да биде и играње и како да останеш одличен ученик во смисол дека со својата одговорност ќе обезбедиш да се заврши планот, да се биде фер кон екипата, да се вратат парите…
ЖК: И „Пред дождот“ и „Прашина“ започнуваат со доматите и завршуваат со слични кадри во кои влегуваат небото, облаците, условно и птиците. Честопати „Прашина“ несвесно го нарекувам втор дел на „Пред дождот“. Може ли да зборуваме за извесна суштинска поврзаност меѓу нив, можеби за некаква трилогија?
#8ММ: Веројатно постои трилогија, но третиот филм сè уште не се кажал. Треба да си се каже. Претпоставувам дека третиот ќе биде неверојатно едноставен, аеродинамичен. Првиот имаше три дефинирани приказни, вториот во суштина се две, а третиот можеби ќе има една. Инаку, доматите се појавија многу интересно. Имав еден професор по продукција кој постојано велеше „првиот кадар ти го дефинира филмот“, а татко ми, пак, викаше дека по музиката на шпицата ќе познае каков ќе биде филмот. Кога размислував каков да биде првиот кадар во „Пред дождот“ се прашував што е она што е најтипично за оваа земја. Заклучив дека патлиџаните се единствената работа во која Македонија е супериорна од кое било друго парче земја. Во вториов филм прашањето беше како тоа да го врземе, а да биде Њујорк. Многу логично излезе дека истите тие патлиџани што ги собираа во „Пред дождот“ сега стигнале на тезга во Америка.
ЖК: Како и да се претставени Македонците, Албанците, Турците, Американците, Англичаните, и во двата твои филма, и војниците, и мувите, и овците, и пушките во нив се едно исто. Ќе бидеме нефер ако не кажеме дека повикот за космополитизам и почитување на Другиот победува во твоите филмови. Дали тоа може да се постави во релација со општиот процес на глобализација или е тоа твоја лична определба како уметник и како човек, пред сè?
ММ: Хуманизам, не глобализам. Тоа всушност се апсолутно тврди хуманистички и пацифистички убедувања и стојам сто отсто зад тоа дека луѓето секаде се исти, дека имаат исти страдања, љубови, проблеми, измами, лошотилак. Сето тоа зависи од човекот, и од моментот. Може уште еднаш да се вратиме на она претходно прашање и можеби тоа е она што на многу луѓе во Венеција им пречеше. Тоа го обработува Марија Тодорова во Imagining the Balkans. Тоа е синдром според кој својот расизам, своето насилство го проектираш на други и тоа на други таму некаде далеку, на некои човекојадци на Балканот. И кога ти ќе им понудиш дело кое е апсолутно против тоа, им го реметиш скриениот расистички концепт. Имаш ситуација кога ќе чуеш новинар како го дефинира „Прашина“ како расистички. Истиот тој е член на парамилитантни организации во Северна Ирска. Конкретно за ова прашање, иако тоа никогаш не е свесна теза, моето авторско кредо е дека сите сме луѓе и дека каде било и секогаш ќе има и добри и лоши луѓе. Прашање е како ќе ги раскажеш.

АвторЖарко Кујунџиски
2018-08-21T17:21:50+00:00 мај 1st, 2002|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 26|