Македонски рашомон

/, Галерија, Блесок бр. 26/Македонски рашомон

Македонски рашомон

Интервју со Милчо Манчевски

#1

Со Манчевски разговарав на 27 ноември 2001 година во кафулето „Бастион“. На сите ни е познато дека овој човек не е само филммејкер, иако светска слава стекна по филмот „Пред дождот“. Вториот негов филм, „Прашина“ доби разни квалификации. Во Скопје го нарекоа „македонска Герника“, Италијанскиот ромасиер Александар Барико изјави: „Ми се допаѓа „Прашина“ затоа што е едно отворено дело, има сè и сосема е спротивен на сè, комбинира лингвистички шеми со архетипи… Критичарите не се подготвени за вакви филмови и книги: тоа е како да одиш на планина во костим за капење, па се чудиш зошто ти е студено. Како кога првпат виделе локомотива и запрашале: А каде се коњите?“ Италијанското филмско списание „Чак“, пак, ќе констатира дека „со „Прашина“ почнува новиот милениум во филмската уметност.“ Во Азија, по успехот во Токио, филмот е споредуван со популарноста на делата на Марсел Пруст…

ЖК: За почеток: колку си задоволен од тоа како е прифатен „Прашина“ надвор од Македонија? Сметаш ли дека неговата фокусираност на одредени историски и културни детерминанти ја намалува можноста да биде разбирлив за оние што не ја познаваат историската рамка на филмот?
ММ: Мислам дека секој филм треба да функционира на неколку нивоа и во случајов ова што го спомнуваш е едно од нив: како се вклопува во културата и во историјата за која зборува. Меѓутоа, филмот не треба да функционира само на тоа ниво. Луѓето треба да го разберат и без да знаат нешто за оваа култура. Така е со секој добар филм. На пример, за да го сфатат и за да им се допадне „Граѓанинот Кејн“ не мора да знаат нешто за Америка во првата половина на 20 век. Тоа е мое мото: секогаш кога нешто работам – се обидувам да видам најпрво кои се луѓето. Станува збор за човечки судбини, односи, стремежи, страдања и главно е тие да се постигнат. Сето друго само ќе ја надополни сликата. Кога се снима филм за историјата и за културата на едно место не се добива класичен игран филм. Тоа е или документарец или телевизија – Си-ен-ен. Инаку, јас не сум најповикан да ги коментирам реакциите. Како автор ги гледам субјективно, ограничено. Од тие неколку места кај што сум бил увидов исклучително добри реакции. Тоа е сосем спротивно од дијапазонот на некои критичари во Венеција. И сега, откако гледам како го примаат публиката и критичарите во Токио, Тајпеј, Торонто, па и во Солун, заклучувам дека она што се случи во Венеција беше атентат врз „Прашина“. Вистинско мерило ќе биде тоа како понатаму ќе го пречека публиката во светот. Тоа секогаш е единственото вистинско мерило.
#2 ЖК: Во неколку наврати во домашни и странски весници и списанија се јавуваш како автор на колумни со политичка конотација. Сметаш ли дека тоа е причината што некои ултранационалистички критичари реагираа така во Венеција, или, пак, сметаш дека беа исфрустрирани од фактот што Милчо Манчевски, режисер од фиљан, фиљан земја Македонија, дојден од Дивиот Исток направи таков да не кажам уметнички безобразен филм како „Прашина“?…
ММ: … И се обидува да им дели лекции како се прави естетика, а не да бара помош од меѓународни невладини организации. Мислам дека има и од двете нешта што ги спомна. Не сакав да верувам, и долго после Венеција не можев да поверувам дека едното може да има врска со другото, но по сè изгледа дека уште долго ќе учам некои работи. Доволно бев наивен да мислам дека луѓето ќе се занимаваат со естетиката на делото. Заклучувам дека таквите реакции не биле толку случајни. Ваквите мислења ги базирам не само врз реакциите, туку и врз истражувањата што ги спроведоа други луѓе. Германката Ирис Кронауер, која беше гостинка и во Скопје, пишува книга за реакциите на „Прашина“. Ирис нашла текст во Германија, рецензија, каде што критичарот вели дека два дена пред да го видат филмот се договарале како ќе го рецензираат. Има други рецензии, кои велат дека филмот е само илустрација на еден новинарски текст во кој го напаѓам НАТО за неговите пропусти. НАТО, de facto, не ни е крив за тоа што се случува, ама делумно тоа е последица и на некои негови пропусти. Според таквата хипотетичка ситуација што некои ја поставуваат, излегува дека „Прашина“ е направен за еден месец. Жал ми е што заклучив дека цел сегмент од културата – критиката, за која мислев дека се занимава со естетика, всушност се занимава со политика. Увидов дека за европските филмски критичари политиката е еквивалентна на трачот во Холивуд. Не е важно кој со кого спие (како во Холивуд), туку кој какви политички мислења има.

АвторЖарко Кујунџиски
2018-08-21T17:21:50+00:00 мај 1st, 2002|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 26|