Интервју со Мимоза Несторова-Томиќ, архитект

/, Галерија, Блесок бр. 133 - 135/Интервју со Мимоза Несторова-Томиќ, архитект

Интервју со Мимоза Несторова-Томиќ, архитект

Д:        Музеите на Македонија се дел од таа приказна. Одржувањето, преправките, домаќинското неработење доведоа до тоа овој значаен музеј денес да е во опасност заедно со богатата колекција. Зошто се однесуваме така?

М:        За музеите сме многу горди, дававме чисти кубуси и чиста архитектура. Музеите на Македонија се функционално издржани, легнаа убаво на теренот, кој е специфичен иако не беше лесен за совладување. Таму беа три музеи: Aрхеолошкиот, Етнолошкиот и Историскиот. Ја искористивме белата боја за да биде во согласност со Чаршијата, ама ја обложивме со бел мермер, отпад од прилепскиот мермер и уште плус им побаравме од отпадот и во системот мозаици ги вградивме на фасадата. Тука е богатството на Македонија и треба многу внимателно да се грижиме за тоа. Таа богата колекција ни кажува од каде сме дојдени. Ако ние тоа го почитуваме со соодветна грижа, ќе нѐ почитуваат и другите. Дедовците и бабите не учеле дизајн, ама правеле квалитетни градби, убави ткаенини, облека и убав накит.

Тие значајни институции мора да имаат сервис за одржување. Наш системски недостаток и лоша организација е неодржувањето. По повеќе години негрижа, трошоците се поголеми и последиците поочајни.

11. Музеи на Македонија, урбанистичка поставеност, 1977-78 – Museums of Macedonia, urban planning layout, 1977-78

12. Музеи на Македонија поставеност на терен, 1977-78, фото Б.Бајковски – Museums of Macedonia, terrain placement, 1977-78, photo B. Bajkovski

Д:        Tвојот објект на Музеите на Македонија млади архитекти истражувачи го предложија како дел од изложбата која се одржа во престижната МОМА во Њујорк (Toward a Concrete Utopia: Architecture in Yugoslavia, 1948–1980). Какво е чувството?

М:        Навистина сум поласкана. Многу млади колеги архитекти бараа средба со мене за размена на искуствата и историјата на постземјотресно Скопје. Така за оваа изложба во МОМА беше избран овој проект. Иако оваа архитектура на музеите не припаѓа на бруталната архитектура, едноставноста во конструкцијата, динамиката на поставеност на терен и чистите фасадни платна кои не се бетон, туку природен структуриран материјал, привлекоа внимание во рамки на оваа интересна изложба. Им се заблагодарувам на колегите (В. Десков, А. Ивановска Дескова, Ј. Ивановски) кои го подготвија материјалот за изложбата. Присуството на изложба во престижниот музеј MOMA е за мене, дури и на оваа возраст, потврда на мојот став дека вљубеноста во професијата, искреноста во работата, посветеноста и професионалноста го потврдуваат вреднувањето на трудот. Во сопствената земја, сведоци сме на рушење на модерната, рушење на вредностите кои оставиле квалитетен белег во архитектурата на Македонија, сведоци сме на непочитување на авторското право. Сепак, постојат институции и аналитичари кои знаат да ја проценат вредноста.

13. Музеи на Македонија, кровна фасада, 1968 – Museums of Macedonia, roof facade, 1968

14. Музеи на Македонија, 1968, екстериер – Museums of Macedonia, 1968, exterier

15. Музеи на Македонија, ентериер, 1968 – Museums of Macedonia, interior, 1968

16. Музеи на Македонија, ентериер, 1968 – Museums of Macedonia, interior, 1968

Д:        Стоковната куќа ,,Беко“, подоцна ,,Скопјанка“, беше од рангот на париската Галери Лафајет (Galeries Lafayette), или пак миланската Ринашенте (Rinascente). Можеби во помали димензии и обем, но таа беше направена според европски стандарди.

М:        Ми беше предизвик да работам на модната куќа „Беко“, која е изградена во 1972. Нарачателот сакаше да добие луксузна стоковна куќа. Мојата идеја за отворен изложбен простор на нивоа без столбови ја остварив со добри статичари од „Бетон“ кои исклучително добро ја следеа мојата идејна концепција, сѐ беше добро смислено. Инвеститорите ниту еднаш не ми го вратија проектот на преправки, или пак доработка. Колегите од Белград и од Словенија напишаа убави текстови, ревизии, дури и најстрогиот ентериерист, колегата Гашпер од Словенија, даде најдобар коментар дека тоа е единствената стоковна куќа во Југославија без столбови внатре и дека има простор сѐ убаво да се изложи.

17. Беко, 1977 – Beko – Department store, 1977

18. Беко, 1977 – Beko – Department store, 1977

19. Беко, 1977 – Beko – Department store, 1977

Д:        „Беко“ издржа понатаму и други пренамени, но фактот што се оцени дека е објект за уривање за скопјани беше шок. Исто така, не помогнаа коментарите на социјалните мрежи, не ги гушкавме тие објекти. Дали професионалната фела доволно силно, или пак незаинтересирано реагираше за уривањето на повеќе објекти? Тука ќе ги спомнам и занаетчиските дуќани во Стара чаршија и „Менада“, која се рушеше пред наши очи и никна здание, кое тотално ја збриша македонската традиционална архитектура од влезот во Стара чаршија и изгради естетски неоправдани објекти, сето тоа така насилно. Се сруши Скопскиот саем, се преоблекоа објекти од времето на модерната. Дали се почитуваме? Што можеме да направиме?

М:        „Беко“ го срушија под изговор дека имало проблем со конструкцијата. Тоа воопшто не беше точно. Тие 6 месеци не можеа да го срушат објектот. Можеше пренамена да се направи. Целосно го погазија авторството. Приватизацијата беше остварена на еден вулгарен начин, деградација на вредности. Тие објекти така лесно ги предадоа на приватни компании, а ним не им поставија правила за почитување на одредена историја. Тие имаа право да прават што сакаат.

20. Беко, 1977 – Beko – Department store, 1977

Д:        Какво Скопје сакаше тогаш, а што денес најмногу те боли? Какво Скопје или пак какви градови сакаме? Се изгуби идентитетот на градови како твојата родна Струга, Охрид се бори со стандардите кои можат да го чинат губење на статусот на заштитен град на УНЕСКО, Крушево, Битола итн. Тие градови имаа автентична естетика која мораше да се негува и заштити со добри урбанистички планови.

М:        Скопје е главен град и многу ме боли што е неуреден град. Не се потруди да го задржи Заводот за урбанизам и архитектура. Нема урбанизам во Скопје и тоа е жално. Порано, во Заводот имаше одделение за хортикултура и се знаеше за секој жител колкава квадратура зеленило следува. Градов треба постојано да се освежува, да се освежуваат фасадите, да знаеме каде се пешачките премини, да се внимава на хигиената, тоа се тривијални работи. Може да ги учите жителите на дисциплина ако им создадете услови за дисциплина. На градов му фали зеленило, градот зависи од зеленило, загадени сме, му фалат средени дворови, зелени јавни партерни површини, линија на тротоар и градба. Мора постојано да бидеме критички настроени ако сакаме среден, пријатен град. Ѓубрето е урбанистички проблем, врзан со социолошки студии, со попис, со потребите на граѓаните. Ако е зеленилото уредно, и кантите ќе бидат чисти.

23. макета за РСВР, неизведен- the model of the bulding for Republic Secretary for Internal Affairs, unrealized, 1985

Д:        Младите генерации студенти, магистранти, докторанди (многумина од нив студираат во некои европски држави) бараат консултации кај тебе, се занимаваат со теми за Скопје, урбанистичките проблеми и критички пристапуваат на проблемот. Срдечно ги дочекуваш и не си себична во споделувањето на историјата, знаењата и советите кои се пренесуваат низ едукација.

М:        На младите архитекти им порачувам да се почитуваат меѓу себе, да создаваат атмосфера на заемно почитување, тоа е култура која им ја налага самата професија. Младите треба да се борат за својата идеја, не со сила да ја наметнуваат, туку да бидат функционалисти, рационалисти и добри конструктори. Да не се плашат да влезат во иновации, затоа што идејата е важна кај архитектот. Можеби треба да бидат погласни во почитувањето на историјата на претходниците и да ја надградуваат, дополнуваат. Секое време има свој белег на културата на еден град. Го изгубивме континуитетот.

21. Капиштец, ЈНА згради, 1984 – Kapistec, Buildings for Yugoslav National Army, 1984

22. Универзална, реконструкција, 1985, фото интернет – Universal Hall, reconstruction, 1985, internet photo

Д:        Како успеваш да ја одржиш позитивната енергија, што те исполнува во осаменоста која сите ја чувствуваме во денешно време?

М:        Хармонијата во семејството, денот поминат со моите деца, внуци, правнуци кои ме радуваат. Жал ми е што не можам да прошетам низ градот, но затоа многу читам и нова стручна литература, се навраќам и на многу книги со која ја преиспитувам филозофијата на архитектурата, социологијата на градовите и често се навраќам на темата урбанизмот како утопија или стварност. Мојата љубов кон цвеќињата ме исполнува, тоа е моето хоби.

Ги почитувам јапонската култура и филозофија и хиндуските традиционални мислители. Младите ме научија да го користам интернетот ако сакам повеќе информации. Човек учи додека е жив.

АвторМимоза Несторова-Томиќ
2021-04-03T19:03:00+00:00 декември 22nd, 2020|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 133 - 135|