Интервју со Мимоза Несторова-Томиќ, архитект

/, Галерија, Блесок бр. 133 - 135/Интервју со Мимоза Несторова-Томиќ, архитект

Интервју со Мимоза Несторова-Томиќ, архитект

Д:        Какво беше искуството да се работи со вака познати имиња? Имаше 36 години, искуството што тогаш го стекнуваше сигурно остави печат врз твојата идна работа и твојот став – да се биде принципиелен, професионален, да се почитуваат професијата и колегите, да се биде колегијален.

М:        Нашата професија бара многу дискусија и спротивставените мислења можат да доведат до позитивен резултат. Полјаците нѐ научија на голема професионална почит. Чест беше да дојдете во контакт со такви стручњаци, целата таа соработка ја почитуваа и политичарите и по секоја изработена фаза имавме професионални коктел-средби каде што имав прилика и лично да разменам мислења со меѓународни експерти и стручњаци во разни области, а нашиот Завод за урбанизам на град Скопје беше институт за градско планирање со почит. Таа солидарност што тогаш ја почувствувавме не може да се заборави. Од екипата на арх. Кензо Танге, можевме да научиме за сложна и тимска работа, со паралелно проектирање-моделирање (поставување во 3Д) и изработка на макети. Како сведок на тој период, би рекла дека научив да бидам похрабра во дискусиите, во поставувањето прашања, тие беа моја анализа и тоа беше градење на моето искуство. Тешко ми е да констатирам дека денес во 21 век немаме Завод за урбанизам во главниот град, кој со дооформување можеше и требаше да прерасне во научна институција која ќе го следи и насочува развојот на градот. Одговорност за урбанистичкиот ред или хаос не постои.

Д:        Овој период ќе биде значаен за тебе со посетата на Франција (1957), Лондон (1960), потоа САД, Њујорк, Беркли, Чикаго (заедно со Љ. Томиќ, како носител на стипендија на фондацијата „Форд“). Сигурно беше богато искуството да се патува, да се посетат така значајни центри на модерната.

М:        Беше возбудливо, ја повторивме историјата на урбанизмот од учебниците. Лондон ми остави голем впечаток, беше време на повоена архитектура на модерната, но се почитуваше социолошкиот аспект, се почитуваше историјата, се почитуваше потребата од простори за деца, за млади, но и за постари лица, се почитуваше односот архитектура- човек, се водеше грижа за загадувањето и за прочистување на Лондон од смог. Централното јадро на градот го оставија да се развива во претходните рамки, но повоено мораа да го дигнат разурнатиот Лондон, а станбената градба се одвиваше околу Лондон, но со типизирани градини, средени предбавчи, слободни тротоари, едноставно, со урбана дисциплина.

Д:        Андрејa Дaмјанов, наш стар градител, вели: „Не оди близу до вода, водата ќе ти ја урне куќата кога-тогаш. На ронатица не оди, и на суводолица“. Кои се твоите главни принципи на креативниот процес во архитектурата?

М:        Почитување на теренот, почитување на реката, инсолациските вредности, просторност и пристапност, почитување на традицијата и почитување на научните и основните параметри на урбанизмот и архитектурата.

2. Сули ан, разрушенa состојба по земјотресот – Suli An, devastated condition after the earthquake 1963, 1

3. Сули ан, разрушена состојба по земјотресот – Suli An, devastated condition after the earthquake 1963

Д:        Кој те инспирираше?

М:        Ле Корбизје беше многу популарен меѓу еснафот со својот концепт, живеење меѓу зеленило, спој на зеленилото со архитектурата. Се воодушевував од теоретичарот и философ Е. Хауард, кој ја наметна теоријата на зелени градови, кои имав и прилика да ги видам во околината на Лондон, како примери на применетата теорија. Потекнувам од големо семејство и живеевме во куќа (сега Етнолошки музеј во Струга) според концептот на градба за повеќе генерации, проектирана од француски архитект пред Првата светска војна. Така концептот на индивидуално домување ми беше ментално близок. Ме воодушевуваа организирани населби по мера на човекот и урбанисти-функционалисти (Ле Корбизје) кои работеа според Атинската повелба чиј концепт и денес е актуелен: домување, работа, одмор и сообраќај.

Д:        На Стара чаршија ти ѝ се посветуваше со многу љубов, тоа е нашето старо јадро кое за малку ќе беше срамнето со земја по земјотресот. И во овој период, денес, таа минува низ тешки преправки, не е заштитена, многу политики ѝ го сменија ликот, а пред твои очи се урнаа два твои објекти кои беа симбол на самиот влез на Чаршијата и симбол на македонската традиционална архитектура. Чаршијата ја губи автентичноста. Што погрешивме?

М:        Веднаш по земјотресот имаше опасност тој дел од градот да го срамнат со земја. Булдожери стоеја на влезот од Чаршијата. Благодарение на Заводот за урбанизам, арх. А. Циборовски зазеде став и интервенираше заедно со политичките авторитети за да се одбрани тој дел, старото јадро на градот. Остана за да биде реконструирана, да се ревитализира и да се заштити. Така еден подолг период со тим архитекти работевме на реконструкцијата и тоа беше моја задача и преокупација повеќе години. Чаршијата е законски заштитена, но се случува дива интервенција, без почитување на традицијата, автентичноста и културното наследство, авторството, со непочитување на законите. Тотално непочитување на историјата од еден период. Рушењето може да има смисла ако објектите се супстандардни, а овде се работи за бришење на авторски дела.

7. Занаетчиски дуќани на ул Казанџиска срушени 1968, фото интернет, Craft shops on Kazandziska Street, demolished 1968, internet photo

8. Занаетчиски дуќани на ул Казанџиска срушени, 1968, фото интернет Craft shops on Kazandziska Street, demolished, 1968, internet photo1

9. Менада 1970 нов објект, Menada 1970

Д:        Сме разговарале и се сеќавам дека со голема возбуда ми раскажуваше, кога се посвети максимално и со голема љубов на задачата што ја доби да го реконструираш Сули-ан. Тој беше урнат до темел во земјотресот. Да се дигне од темел и да се доведе во автентична состојба било долг пат. Одговорна и тешка задача. Подоцна, во 80-тите, кога се оформи ФЛУ, му беше доделен овој инспиративен простор, ретка прилика за еден факултет.

М:        Уште како студент во Белград, учествував во проекти за ревитализација и документација на црквата Св. Софија, на старата архитектура во Охрид, посетував дополнителни часови за реконструкција и ревитализација на стари објекти. Ми беше доделена многу одговорна задача и тоа за мене беше голем предизвик. Веднаш пристапив кон основната документација, се посветив на историска анализа, па потоа на изработка на проектот. Тоа е специфичен ан, ги почитував традиционалните изработки на градба, ,,византиското“ sидање, коe е користeно и во исламската архитектура. Ги почитував теренот, околината на објектот и ништо не жртвував. Се борев цел живот за зачувување на автентични, стари историски објекти кои се карактеристика на градот. Во 1985 година бев поканета на Интернационална конференција за реконструкција, реставрација и урбано планирање на градови и објекти во сеизмички региони (под покровителство на УНЕСКО), за да го презентирам проектот за реконструкција.

4. Сули Ан, 1968 – Suli An, 1968

5. Сули ан ФЛУ денес, Suli An today (Faculty of Fine Arts)

6. Сули Ан ентериер – Suli An, interior

АвторМимоза Несторова-Томиќ
2021-04-03T19:03:00+00:00 декември 22nd, 2020|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 133 - 135|