Интервју со Иво Трајков

/, Галерија, Блесок бр. 22/Интервју со Иво Трајков

Интервју со Иво Трајков

„Размислувам… и правам филмови!“

Сузана Тодоровска–Павлоска: … По АЈДЕ ДА СЕ ИСЧИСТИМЕ (1989, среднометражен игран филм), Т’ГА ЗА ЈУГ (1990, ТВ шоу), КАНАРСКА ВРСКА (1993, долгометражен игран филм и учесник на Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола истата година), ШПАЧЕК СПОРЕД ШПАЧЕК (1995, ТВ-его серија), ЕДЕН ОБИЧЕН БРАК (1996, документарен), СВЕДОЧЕЊЕТО НА ТАЈНИОТ СВЕДОК (1996, документарен), МИНАТО (1997/98, долгометражен игран филм), за својата сценаристичко-режисерска работа – од оваа временска и искуствена перспектива…
Иво Трајков:
Досега работев на четири играни филмови. Всушност, четвртиот, сè уште, не е завршен. КАНАРСКА ВРСКА, практично, е мојот втор игран филм, а во меѓувреме го снимив МИНАТО, филмот кој се најде надвор од конкуренција на 21-виот ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола. Некако, се движам во некои други насоки, особено кон авторскиот филм и кон она што за мене е најважно, а тоа е авторската слобода. А во денешната кинематографија тоа е најтешко да се постигне, бидејќи едноставно, еден филм чини многу пари, а кога некој дава пари, сака да врши и влијание. Тоа е нормално. Од друга страна, еден автор тоа не може да го дозволи – кога зборуваме за авторски филм, а не за филмови од комерцијална продукција. Тоа е некоја сосем друга приказна. Живеам во Прага и не морам да го работам тоа што не го сакам, бидејќи, дефинитивно го работам тоа што сакам да го работам. Така е барем во овие шест години. Тоа го решив наједноставно: не правев ништо друго, за во меѓувреме да работам филмови, туку останав во шоу-бизнисот да се занимавам со продуцентство – на кратки и документарни филмови, главно, од моите колеги. И во тоа пронајдов некаква смисла, помагајќи им на помладите или на оние за кои сметам дека вредат како луѓе и како автори. Комбинацијата да бидам и продуцент и режисер, ми дозволува – работејќи го тоа што го сакам – да можам и да преживеам. Немам куќа, не возам „Мазда“ или нешто слично, но многу ми е убаво на душата. Секој има можност да избере нешто. Јас се решив за нешто, што мене ми е важно, и сакам добро да се чувствувам внатре во себе. А добро ќе се чувствувам и ако немам што да јадам три дена.

С.Т.-П.: За почетокот на „Приказната за Иво Трајков и филмот…“, а кој датира некаде од крајот на 80-тите години…
И.Т.:
Заминав во Прага за да студирам – некако сосема случајно. И покрај тоа што Прага во тие времиња беше некако „конзервирана“, затворена, за разлика од денес, сепак, имаше некаков „филинг“ кој предизвикува. Заради градот и таа атмосфера, јас се решив таму да заминам и да се обидам да го правам тоа што го сакам. Искрено, не сметав на тоа дека ќе стасам до Академијата, по приемните испити. Но, некако, и тоа се случи од првпат. Не знам зошто. И не ми е важно. Јас заминав за да останам таму. Не поради тоа што не сакам „да бидам Македонец“, но можностите тука се многу мали, за таков тип на човек каков што сум јас, кој цврсто инсистира на некои свои работи. Тука тоа не поминува лесно. И нема можности. Кога во Македонија би се снимале по десет филмови годишно, тогаш еден или два филма од нив би можеле да бидат такви, авторски. Но јасно е дека тоа не е можно кога се снимаат еден или два филма во три години. Имав среќа, затоа што, својот прв игран филм го снимив уште за време на четвртата или петтата година од студиите. Тоа беше некаков почеток на нешто што не би го нарекол кариера, бидејќи тоа е најодвратниот збор што го познавам. Туку, би рекол – живот. Бидејќи, сè што работам е дел од мојот живот и никако поинаку. Оттука е мојата идеја да го работам само тоа што го сакам бидејќи проблемот не е да не се потпишам под нешто што не ми лежи, туку, проблемот е – зошто да изгубам толку време од својот живот за нешто што не сакам да го работам?! Во почетокот работев сè и сешто, а потоа го селектирав тоа што сакам да го правам. Сево ова е полесно во Чешка бидејќи и бројот на филмовите е поголем, има простор за некои поекстремни филмови, за нешто друго, за некои обиди, за некои работи кои ме интересираат мене. Дали сум постапил добро или не – не знам, но постои една друга работа, а тоа е моето враќање. Мислам дека тоа за еден филмаџија не е никаков проблем, таму каде што може да работи тоа што го сака, таму му е и дома.
Три-четири години размислувам и сакам да направам македонски филм и веројатно сега е време да се случи тоа.

#1 С.Т.-П.: За филмот МИНАТО, за неговата суптилност, интимност и суровост – истовремено; за филмот во кој нема многу зборови, туку само внатрешна тишина, чувства, длабока човечка болка… За филмскиот „експеримент“…
И.Т.:
Некои луѓе кои ме сакаат како автор, ми забележуваат дека сум различен во секој проект. Јас им велам дека тие се мојот живот, а јас во текот на мојот живот се менувам. Со секој нов филм, јас сум по две-три години постар. Не можам да ги правам истите филмови. Не – позрел. Постар! Знам само за една работа, а тоа е дека најважно за мене е да кажам некое свое сведоштво за овој свет, така како што јас го гледам, нешто што мене ме загрижува или нешто со кое не се согласувам. Важно ми е на некој начин да се вратам кон онаа, да ја наречам – повеќе „филозофска“ кинематографија. Има неколку причини за тоа: прво, мислам дека светската кинематографија, главно, се движи во комерцијална насока. Тоа има и позитивна смисла, така што сметам дека на светов има, на пример, 500 автори, режисери кои се подобри од мене во работата на такви филмови, па, зошто да го повторувам тоа што тие го прават, зошто да имитирам или да се трудам да посегнам по нешто што мислам дека и без тоа е недостижно. Ете, на пример, такви комерцијални филмови, без никакви забелешки, прави Холивуд. Меѓутоа, мене ме интересира нешто друго – она што во 60-тите години беше светската, а особено европската кинематографија, а потоа некаде се изгуби. Тоа е на некој начин „ангажиран“ филм. Филм кој сака да каже нешто, филм кој има мисла или идеја која треба да биде кажана. Како и да е, филмот не може да даде одговори – сите го напуштија тоа мислење. Ние во текот на нашите животи не можеме да ги најдеме одговорите, а камоли, еден филм од час и половина. Но, она што можеме, е повторно и повторно да поставуваме прашања и да се надеваме дека некој ќе ги слушне тие прашања. Затоа донесов едно малку чудно решение – си реков дека навистина не ми е важно дали филмот ќе го гледаат 100 илјади луѓе, милион, или само петмина. Важно е, дали и од тие петмина – барем двајца, кога ќе го погледнат мојот филм, ќе го задржат тоа што сум сакал да го кажам и дали барем еднаш во животот, некогаш ќе се сетат на филмот.

С.Т.-П.: За филмот (филмската уметност) и парите…
И.Т.: Некако, се изгуби улогата на уметноста – одеднаш, не знам каде е уметноста! Зошто филмот да не биде уметност? Се разбира, денес има такви, многу добри филмови кои навистина се уметност. Меѓутоа, што се однесува до мене, ништо друго не ми преостанува освен постојано и постојано да се обидувам да зборувам за денешниот свет, да поставувам прашања. Камо среќа и натаму да успевам со овие филмови. Можете да замислите колку е тешко, за вакви филмови какви што сакам јас да правам, да се најдат пари за реализација, бидејќи за филмови во кои е потребна, а ја нема авторската слобода, значи дека е кажано само половина од тоа што сум сакал да кажам. Тоа отсекогаш бил голем конфликт за мене. Но, засега добро ми оди. На пример, минатата година го завршив снимањето на еден филм, но, сè уште не е монтиран, од причина што нема пари. Имам неколку понуди за финансирање, но не сакам да ги прифатам, затоа што поставуваат одредени услови кои не можам да ги прифатам. Се работи за еден чисто авторски проект, па ако ги прифатам туѓите услови, филмот веќе нема да биде авторски. Тука лежат моите најголеми проблеми. Но, кога размислувам за тоа, обично велам, па што ако филмот „лежи“ десет години незавршен?! Верувам дека темите кои ги обработувам и ги снимам се универзални и вечни. Јас немам потреба да снимам филм за војната на Косово, на пример, ако во него не најдам некоја универзална, човечка димензија. Што е важно дали филмот ќе го завршам оваа година, следната или по десет години? Важно е само да го зачувам својот внатрешен интегритет. Веројатно тоа нема никакво значење за гледачот. Но, секој гледач е таков каков што е. Јас верувам дека и моите филмови имаат своја публика која ги сака тие авторски филмови. Таа публика не е масовна, но и тоа е во ред. Ако филмот им е наменет само на десетмина во Македонија, тогаш, зошто тие десетмина да не добијат филм?! Единствена причина за сево ова се парите. Па кој прави филм заради пари? Тоа не дава никаква смисла. Земете го за пример, мојот филм МИНАТО. Овој филм јас го работев три години. Кои се тие пари со кои може да се плати она што сум го вложил во тие три години? Јас сум голем индивидуалец, можеби екстремен, но не од оние кои велат „мора да се сруши“! Не, не – јас велам: „Ако, нека стои“! Истото го велам и за холивудските филмови – имам право на избор, па ако не ми се допаѓаат холивудските филмови, не морам ни да ги гледам, но тоа не значи дека не треба ни да ги има. Напротив!

2018-08-21T17:21:54+00:00 октомври 1st, 2001|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 22|