Инсценирање на реалноста со намера да се открие историската парадигма

/, Галерија, Блесок бр. 74/Инсценирање на реалноста со намера да се открие историската парадигма

Инсценирање на реалноста со намера да се открие историската парадигма

Алтернативното толкување на минатото во документарниот филм

Конкретните случаи на чешки и на словачки документарни филмови што се занимаваат со темата на субјективната историја ги наоѓаме во заедничката чехословачка кинематографија во скромен број. Сумата на филмови која го користи субјективниот поглед при интерпретацијата на историјата во обете национални кинематографии се појавува дури непосредно по распадот на Чехословачката Федерација во 1993 година. Таа промена е поврзана со тематиката на помирување со националното минато, со откривањето на колективниот идентитет и со превреднувањето на минатото врз основа на реперкусиите на историските настани врз субјективноста на поединецот. Карактеристична црта на таквите филмови е типичното поместување од „големите“ линеарно-тековни истории како што ги сфаќаше позитивистичката филозофија и сосредоточеноста врз потрагата по вистината за човекот – вистина презентирана врз основа на субјективното доживување како контакт со историјата. Ако зборуваме за алтернативна историја, тогаш мислиме на нејзиниот однос кон класичните интерпретации на големите истории. Алтернативниот поглед врз историските настани се создава, имено, од спектарот на субјективно прераскажаните приказни. Интенцијата на таквите раскажувања за историјата на поединецот и на граѓанските групи е да предаде алтернативна слика за искуствата од историјата. Таа слика е напати создавана и врз основа на непрецизните спомени, емоционалните додатоци или измислици, но и врз основа на неможноста од верификување на кажаното или согласно припадноста кон некоја група (народност, општество). Документарните филмови на Петер Керекес се работени според два типа архивски материјали, кои заради поедноставна ориентација можеме да ги разделиме на официјални и на приватни архиви. Во повеќето случаи станува збор за визуелни (разгледници, фотографии, неми снимки) односно за аудио-визуелни материјали (коментирани архивски белешки), кои доаѓаат, во рамките на принципите на документарниот филм, до конфронтација со актуелните изјави на конкретните поединци – директни учесници во големите истории. До нивна интерпретација се доаѓа врз основа на малите, фрагментарни кажувања. Затоа можеме да зборуваме за субјективни истории. Токму конфронтацијата на субјективниот коментар со архивските материјали е типична за овој вид на „инаква“ документарна кинематографија.
Се појавија и слични филмови кај нас, но во рамките на други национални кинематографии. На пример, во Унгарија е типичен претставник на овој вид филмови – режисерот Петер Форгач; во Австрија можеме да зборуваме за филозофска и за експериментална авангарда во филмот, која ја застапуваат Густав Дојч, Петер Черкашки, Мартин Арнолд и др., кои го истражуваат односот на филмскиот медиум кон историјата на сликата, погледот, нарацијата и сл. Сите овие тенденции се означуваат во терминологијата како „found footage” филмови, бидејќи целта на нивното истражување е да го редефинира нејасното сфаќање на историјата на културата, општеството и медиумите. Во категоријата на помладата генерација која во Чешка и во Словачка пројавува систематски интерес за темата на субјективната (алтернативната) историја, вклучуваме широк спектар од значајни документаристи. Во Словачка, најизразено се отелотвори овој стил во творештвото на Петер Керекес и на Марек Шулик, во Чешка пак –во документарците на Јан Шикла, Јана Шевчикова и на Јан Гогол помладиот. Еден од најтипичните претставници кај нас кој е специфично посветен на ваквиот тип документарци, а воедно и авторски го модификува него на систематски начин, е Петер Керекес. Затоа заслужува барем во кратки црти да се нурнеме во брановите на неговите досегашни реализации.
Меѓу тематски-сличните филмови кои ги рефлектираат личните спомени на поединецот или на групата, можеме да ги сместиме и документарците што со својата обработка им се измолкнуваат на класичните алтернативни истории, но наспроти нивната стилска различност – тие го развиваат токму овој документаристички правец. Ваков тип документарци од областа на алтернативната историја можат да бидат и две поврзани филмски митологии кои се занимаваат со колективната историја на затвореното општество. Можеме тука да ги сместиме документарниот филм Јакуб од Јана Шевчикова и Ладомировски моритати и легенди1F од Керекес. Додека Шевчикова трага по починатата личност Јакуб во колективните спомени на затвореното општество на Русините, Керекес претежно го става акцентот врз разоткривањето на локалната митологија на општествениот живот на луѓето од селото Ладомирово. Двајцата документаристи ги истражуваат културно и општествено затворените групи на луѓе и нивниот субјективен однос кон сопствената локална историја. Споменувањето со помош на актуелните изјави на современиците што претставува мисловно навраќање во минатото е феномен што е постојано присутен во концепцијата на авторските документарци на двајцата творци.
Јана Шевчикова притоа не користи никакви “found footage” материјали, без разлика на тоа дали за такви ги сметаме фотографиите од конкретното време или пак снимките од архивите. Постепено, како што ги слушаме поединечните изјави на селаните за починатиот Јакуб кои се наталожуваат, ние овде дознаваме повеќе за животот на општеството од сплетот на различните приговори, отколку за самиот лик на Јакуб. Селаните всушност во своите изјави сè почесто зборуваат самите за себе. Во преносна смисла на зборот, од потрагата по Јакуб се раѓа мит, што го карактеризира, во прв ред, колективниот идентитет на затвореното општество. Очигледно е дека Шевчикова многу повеќе ја интересира процесот на настанувањето на приказната отколку конкретните факти за мртвиот. Мртвиот со тек на време станува локална легенда, при што неговите активности преминуваат во областа на локалната митологија. Во субјективните изјави доаѓа до митологизација на реалната вистина. Се затемнува точната судбина на поединецот, па ние ја восприемаме само колективната претстава на општеството за својот идентитет од кој може да се карактеризира сегашното битисување во конкретната општина.
Филмската концепција на Керекес во Ладомировски моритати и легенди е слична и можеме да ја окарактеризираме како откривање на локалната митологија што настанала самоволно – врз основа на спомените и се зачувала имено во рамките на усно-прераскажаната историја. Содржината на документарецот е поставена врз мозаикот од усно предадени сведоштва кои наспроти извесните додатоци или измислици ја одразуваат локалната историја од субјективна гледна точка, онака како што ја гледаат самите жители во селото поединечно во контрапункт со објективното историско време. Од документарецот станува јасно дека неможноста од проверка при верификацијата на опишуваните настани, како и конкретизирањето на личните спомени се олицетворува во раѓањето на локалната митологија што стои врз темелите на „општинската“ историја.

#b
1. Моритати се жанр во кој се предава исклучиво тематика на убиство, умирачка, смрт. Во некои сегменти можат да бидат слични на баладите или на тажаленките.

АвторМартин Палух
2018-08-21T17:21:01+00:00 септември 8th, 2010|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 74|