Oваа зграда навистина зборува

/, Галерија, Блесок бр. 128/Oваа зграда навистина зборува

Oваа зграда навистина зборува

Оваа зграда (на)вистина зборува за нашата историја, за нас и во наше име

Македонија многу често страда од вишок историја, но уште повеќе од небрежност кон својата сопствена историја. Скопје како главен град на државата, се разбира, неизбежно го одразува овој феномен, за жал во екстреми во последната декада. Соочен со последиците на природни катастрофа, политички промени и урбанистичка негрижа речиси секои десет години, Скопје живее еден невротичен живот во кој постојано е свртен кон некое далечно замислено минато, а нема време или волја да го запамети и вистински вреднува своето поблиско минато. Во рамките на националниот, како и на локалниот историски наратив постојано се потенцираат поделбите, предавствата, жртвите и бришењата на историјата, наместо да се истакнуваат моментите на заеднички живот и континуитет. Иницијативата „Кога зградите би зборувале“ која постои од 2015 година поттикната од организацијата „Факултет за работи што не се учат“ (ФРШУ) се бори против овие процеси, против бришењето, криењето или игнорирањето на трагите на заедништвото, солидарноста, одговорноста, од колективната меморија. Како свое одредиште и тврдина од која ќе ја бијат битката против заборавот и негрижата, тие ја бираат Железничката зграда која е објект што хронолошки се поклопува со изградбата и развојот на модерна Македонија, од поствоениот период до денес. Но, освен самото физичко опстојување, Железничката зграда е впишана и во колективната меморија на градот, а нејзината приказна и таа на нејзините станари ги одразува сите фази на развојот и транзицијата на државата и градот помеѓу политичките системи и економските модели.

Како резултат на бројните активности произлезени од оваа иницијатива, се роди перформансот „Оваа зграда зборува (на)вистина“ што во 2019 година ја доби првата награда на Прашкото квадриенале за перформанс, дизајн и простор, вест што извонредно одекна во нашата културна јавност. За среќа, многу набргу имавме можност овој перформанс да го видиме во склоп на годинешниот Млад Отворен Театар и да се увериме во моќната порака, но и суптилното мајсторство со кое се раскажува историјата на една зграда, но и историјата на нашиот град и средина. „Оваа зграда зборува (на)вистина“ е мултимедијален перформанс кој во својата структура ги има вткаено елементите на театарското, историското, визуелното и перформативното. Тајната на неговата приемчивост и повеќеслојност е во тоа што може да ја опишеме како монодрама со два лика (Нараторот и Железничката зграда), интимна брехтовска драма на која не ѝ треба врева и хаос за да поентира, колективна приказна раскажана од еден глас, како и интерактивна на инсталација во простор која гради повеќе светови во кои публиката може да истражува.

Како и најдобрите митови и легенди, таа рафинирано ги користи основните стилски фигури, метонимијата и метафората. Железничката зграда метонимиски е прикажана преку инсталацијата која флуидно се трансформира да ги претставува сите структурни елементи на објектот, но и да биде метафора на нашата приказна, како и Кристина Леловац како наратор која успешно ги отелотворува сите различни луѓе кои се дел од нејзината историја (работниците, станарите, градските функционери, современите уметници, и конечно историчарот кој ја спасува приказната од заборав).

Претставата функционира затоа што не се обидува да биде дидактична, туку напротив како и секој добар филм или книга на раскази, ви ги нуди во посебни секвенци или кадри приказните содржани во овој наш локален Декамерон. Со секоја трансформација на инсталацијата, публиката чекор по чекор се вовлекува во историјата на зградата, но и на Скопје и Македонија, раскажувајќи ги приказните за изградбата и животот во времето на социјализмот, скопскиот земјотрес во 1963, негрижата на транзицискиот период, па дури и балканските премрежија низ посетата на Богдан Богдановиќ. Животот во оваа фактографичност ѝ влеваат приказните за нејзините станари, за проекциите во кино салата во зградата, конечно и борбата за зачувување на духот на зградата преку последната иницијатива користејќи ги современите визуелни стратегии и техники. Сето тоа не би било можно без изведбата на Кристина Леловац која фасцинира со својата сигурност, експресивност, но и длабочината на нејзината емпатија за оваа зграда и за својата историја.

На крај, може да заклучиме дека авторите на „Оваа зграда зборува (на)вистина“ ни нудат еден многу ефективен и продуктивен модел и рецепт како да ги раскажеме нашите заборавени приказни, како да го зачуваме нашиот локален наратив и историја од канџите на политиканството, преку создавање на приказни кои во исто време се безвремени, но и суштински локални и со корени во својата средина.

Автор на фотографии: Драгица Николовска

АвторМилан Дамјаноски
2019-10-21T20:07:16+00:00 октомври 1st, 2019|Categories: Изложба, Галерија, Блесок бр. 128|