Изгрев на залез – постапокалиптична реа на транзицијата

/, Галерија, Блесок бр. 97/Изгрев на залез – постапокалиптична реа на транзицијата

Изгрев на залез – постапокалиптична реа на транзицијата

#1 Хотелот Изгрев, објект парадигматичен по своите предимензионирани пропорции, наменет за масовен туризам што се промовирал како составен дел од идеолошките матрици на социјализмот, е пуштен во употреба на 1.09.1979 година, со голема свеченост на која присуствувале тогашните видни партиски и републички функционери.
Изграден како претпријатие за хотелски и угостителски услуги на туристичкиот локалитет Калишта во близина на Струга, во 1991 година, во процесот на приватизација, се трансформира во акционерско друштво во мешовита сопственост, па се продава на Македонската православна црква (МПЦ). Таа, пак, го дава под наем на приватна фирма, која по неколку години ја зафаќа финансиска афера. По притворањето на актерите во аферата и судскиот процес против нив, објектот ѝ се враќа на МПЦ. Во моментот кога се направени авторските фотографии кои ја сочинуваат оваа изложба (2011-2012 година), објектот беше руиниран, во карабинска состојба, со соголени ѕидови, без движен имот и опрема.
#2 Парадоксално, отворен е на крајот на туристичката сезона (која на тој брег на Охридско Езеро и онака трае релативно кратко), но и на почетокот на крајот на идеолошкиот и политичкиот систем што го создал. Се чини дека овој објект некако судбински, од самиот свој, ваков почеток, како да бил предодреден симболично да ја претстави и пропаста, т.е. нефункционалноста на тој систем. Комунизмот, иако длабоко хуманистички по својата идеолошка матрица, се покажа практично неприменлив поради својот неочекуван капацитет реално да произведува апсолутизам, тоталитаризам и сеопшта корупција. Така и Изгрев, како негов материјален, а сепак симболичен приказ, ми се чинеше дека ја пресликува оваа деградација изграден со една идеја за објект кој требало да биде архитектонска, економска и туристичка гордост, тој всушност бил практично неприменлив, стопански неисплатлив, обемен проект кој никогаш не заживеал.
#4 Како и многу други грандиозни проекти на системот во пропаѓање, Изгрев во деведесеттите години на минатиот век постепено станува напуштен, девастиран, празен објект, лишен дури и од обид да се воспостави неговата првична функција, но и од некаква можност за обновување или преобмислување. Заробен во општествениот процес на „вечната транзиција“, тој од објект со употребна вредност станува објект со историска вредност, т.е. станува реликвија. Или, кажано поинаку, станува споменик, уметничко дело. Токму ваквата негова трансформација е сржта на овој уметнички проект.


КОМПОНЕНТИ на проектот

#5 Трите компоненти на проектот го поврзуваат минатото со сегашноста и, иако различни, во суштина, треба да ја раскажат целата приказна за Изгрев, но и да укажат на одредени универзални феномени, или на феномени кои повторно и повторно се појавуваат. Првата компонента се репродукции на страниците на фото-албумот од свеченото отворање на хотелот Изгрев. На нив може да се забележи дел од тогашното највисоко раководство на Републиката, како и низа локални политичари, партиски активисти, стопанственици и официјални лица. Оригиналниот албум е случајно пронајден на пазар за стари работи и најверојатно се работи за дело на некој локален или службен фотограф. Репродукциите се изработени во колор за што е можно повеќе да се приближи духот на тоа време.
#6 Втората компонента е туристички проспект од хотелот за време на неговиот живот како таков. Додека албумот со фотографиите од отворањето на хотелот е своевиден документарен приказ на еден историски миг (раѓањето на хотелот), а проспектот од хотелот е документ кој треба да ја прикаже намената или идејата зад намената на овој објект (животот на хотелот), третата компонента, црно-белите фотографии би требало да ја прикажат неговата состојба во времето на изработката на овој концепт, 2011-2012 година (смртта на хотелот).
#7 Авторските фотографии се снимани на утринското сонце кое продира од исток и навлегува во внатрешноста на опустошениот објект низ широките, со ништо затворени отвори, моделирајќи ги облиците со долги коси ленти сенки и светло, и ја прикажува текстурата на материјалите. Овие фотографии се врамени во накитени, барокни рамки, кои треба симболично да покажат дека секоја идеологија има свој барок, таа има потреба да се врами во одреден кич, во одредена квазиуметност, и да произведе квазиуметнички дела за широка консумација. Приказната за Изгрев е всушност приказна за црно-белиот свет на празниот споменик кој функционира единствено во кичеста, евтино-златна гобленска рамка.

2018-08-21T17:20:43+00:00 август 23rd, 2014|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 97|