Зелениот остров како простор на слободата

/, Галерија, Блесок бр. 66/Зелениот остров како простор на слободата

Зелениот остров како простор на слободата

– од каталогот на Улупух галерија –

Во три простории во низа, Владимир Кончар реагирајќи на изложбениот простор изложува три структурални целини, три различни погледи на исечок од животот – пазар, пазариште, дуќан…
#1 Со префрлувањето во галерискиот простор и претходново сопствената свест како простор на уметничко делување, стварните секојдневни случки, луѓе и предмети се префрлуваат од вообичаената перспектива во просторот на уметноста. Идејата за изедначување на животот со уметничкото дело како посебна област во современата уметност произлегува од естетското доживување како и од промислувањето на сопствениот живот, а со оваа изложба низ неколку формални етапи е доведена до својот краен облик.
#2 Владимир Кончар го карактеризира свесен и критички поглед на светот во кој живееме, а таа критичност е особено истакната во делото „Хибернација на погледот“ од 2002 година, каде што користи политички сменети плочи со имиња на улици. Но, овој пат со изложбата го насочува погледот кон подрачјето на секојдневниот живот и упатува критика кон слепилото настанато во добата на консумеризмот во кое ги прифаќаме „благодатите“ на постиндустрискиот капитализам. Фокусирајќи се на пазарот, авторот со погледот осветлува засебен, интеркултурен простор на еден свет во мало. Токму тој насочен поглед кон секојдневното како поинакво и ново е трансферот кој нè префрла во подрачјето на уметноста креирана со специфичен однос кон стварноста.
#3 Авторот избира изолиран, утописки зелен остров како простор на слобода и поле за уметничко делување. Кончаревиот однос кон ситуациите и можностите кои во него се нудат не се укинува со селективност, туку авторот со сеопфатноста ја истакнува неговата многузначност.
Пазариштето кое постојано се менува, авторот го согледува низ различни ракурси и медиуми, укажувајќи на отвореноста на објектот, а со самото тоа и на сопствената способност за критичко мислење и застапување на различни ставови. Со изградбата на отворениот идентитет на објектот (а воедно и со изградбата на самиот себеси), авторот остава простор за избор – простор за другите.
#4 Изложбената концепција ѝ отвора место на случајноста: дали во фотографиите од животот на пазарот во сабота, видеозаписите од горен ракурс, налик на снимки со безбедносна камера која нè надгледува или оние снимени од рака во кои авторот снима додека се шета низ пазарот и купува. Случајноста најмногу се наоѓа во животна ситуација преселена во галериски простор во кој жената која инаку ги продава своите производи на пазар е преселена во нов пазарен свет. Да се потсетиме на Кожариќевите тикви врз постаменти и тезги зад кои самиот стоеше изложувајќи ѝ на публиката овошје и зеленчук. Уметничкото дело повеќе не мора да биде обликувано од уметникот – употребните објекти, продуктите на природата и ситуациите од стварниот живот стануваат уметнички дела според интенцијата и изборот на уметникот.
Владимир Кончар за свој материјал го бира пазарот, група од променливи објекти и непредвиден развој на настани во кои флуктуирачкиот објект произлегува од надворешните непредвидливи фактори, но и од самиот автор кој кон нив го насочува вниманието.
#5 Но, насочувајќи го погледот кон објектот и работејќи врз него, авторот се менува себеси, својата свест и сопствениот живот. Свеста за природното, здравото и слободното преминува и врз набљудувачот на изложбата, позитивната енергија се шири понатаму и ја населува засебната сфера на уметноста, умешноста на живеењето. Естетската димензија на животот во поширока смисла е надополнета со егзистенцијална и етичка свест за она кое го правиме, каде купуваме и што јадеме.
Со замената на позициите на субјектот и објектот доаѓа до пресврт, уметникот повеќе не го обликува својот материјал, туку материјалот го менува него самиот. Колоризмот на храната, фасцинацијата од мирисот и вкусот се преточува во обликовна енергија која нè исполнува и нè обликува.
#6 Поаѓајќи од статичниот медиум на фотографијата со кој бележи исечоци од стварниот живот, авторот започнува трансмедијално патување кое има јасна развојна патека. Во фотографиите бележи ситуација од подалечен горен план со кој опфаќа неколку редови тезги и го омеѓува подрачјето на своето дело, па фотографира од поблизок горен ракурс поединечни тезги и детали. Објективното видување и одредување на полето на делување во фотографиите налик на скенови на ситуации и детали е почетен чекор во разработката на уметничката стратегија на воведување на стварноста во доменот на уметноста.
Приближувањето кон стварното понатаму продолжува во медиумот на видеото во триканална видео проекција. Во првиот дек од видео проекцијата, камерата фиксирана над пазарот ги бележи во статичен кадар промените во текот на еден ден: од утринското поставување на првите тезги до попладневното чистење. Реалното време на случување е забрзано од дванаесеттина часови на 20 минути.
#7 Додека фотографијата фиксира само дел од секунда од стварното време, првиот дел на повеќеканалното видео згуснува голем временски период забрзувајќи го. Следниот чекор со кој Кончар го продолжува своето медиумско патување е средишното видео во кое од истиот горен ракурс со статична камера е забележано реалното време во средината на денот во период од дваесет минути во кое авторот купува. Оддалечениот план и горниот агол не ни го овозможуваат неговото препознавање и тој се стопува со масата храна и луѓе кои циркулираат низ кадарот. Третиот дел од проекцијата уште повеќе ги приближува реалното време и простор.
Авторот со камера од рака снима крупни кадри на луѓе, лица, раце и храна онака како што ги гледа додека ги обиколува тезгите и бира компир, праз, домат…
#8 Од имперсоналната статична камера и далечниот горен ракурс, преку забрзаната снимка на денот, реалното време на снимање и авторот во кадар, камерата се сели во висина на погледот, станува комуникативна и животна, на што придонесува и снимањето од рака.
Патувањето кон оживувањето на мигот продолжува во третиот сегмент на делото. Авторот во галеријата сели тезга со овошје и зеленчук и продавачка која своите производи ги продава на изложба, но овој пат како уметнички артефакти. Како ќе се развијат купопродажните односи е неважно – тоа е дело во настанување во кое не нè интересира неговиот конечен резултат, туку вредносниот акцент е насочен кон отвореноста на делото.

Превод од хрватски: И. Исаковски

АвторДаворка Периќ Вучиќ Шнепергер
2018-08-21T17:21:06+00:00 јуни 25th, 2009|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 66|