Доба на катастрофата

/, Галерија, Блесок бр. 101-102/Доба на катастрофата

Доба на катастрофата

Доба на катастрофата


Мора да се влезе во катастрофата за да се искористат нејзините бенефити а притоа да нема не страдање од нејзините недостатоци. Катастрофата не може да се забрани, туку мора да се иссурфа. (Пол Вирилио)

Теоријата на катастрофата е најверојатно првиот кохерентен обид (од времето на Аристотеловата логика) да се даде една теорија на аналогија. Кога тесноградите научници се противат на теоријата на Катастрофата со образложение дека таа не дава повеќе од аналогии, или метафори, тие не сфаќаат дека всушност правилно ја наведуваат целта на теоријата на Катастрофата, која цели да се класифицираат сите можни видови на аналогни ситуации. (Рене Том)
Се чини правилно да се започне со воведот за проектот насловен како „Доба на Катастрофата“ со цитати од Пол Вирилио и Рене Том. Имено, постојаното зголемување на бројот на природни и вештачки катастрофи во дваесеттиот и дваесет и првиот век јасно укажува на потребата за уметничката и културната реакција на самиот феномен на катастрофата. Се разбира, идејата за катастрофата не е нова. Фамозната ерупција на Везув во заливот на Неапол во 79 н.е., која ги затрупа Помпеја и Херкуланеум стана извор на имагинацијата и извор на референции во изминатите два милениуми.

Меѓутоа, бидејќи катастрофата е секогаш нова и непредвидлива ситуација, вреди да укажеме на Анри Бергсон кој тврдеше дека треба да го промениме нашиот начин на размислување кога се соочуваме со нови објекти. Свесен за тешкотијата да се оствари тоа, тој додаде „идејата дека, за новиот објект можеби ќе треба да создадеме нов концепт, можеби еден нов начин на размислување, ни е длабоко одбивна“ (Креативна Еволуција). И, навистина, како да се утврди што е предмет на катастрофата? Како просторно да го обмислиме? Што се случува со поимот на времето во време на катастрофата? Дали логиката секогаш треба да се следи, или постои и простор за интуицијата во дешифрирањето? Сепак, се вели дека „интуицијата претставува начин на сочувство со кој човек се транспортира во внатрешноста на секој предмет“ (Бергсон, креативниот ум). Но, можеме ли, всушност, денес да ја користиме Кантовата дистинкција помеѓу интуицијата од универзалиите? Современиците на Бергсон, како што е Бенедето Кроче ја сметаа интуицијата како органска целина, како потполна манифестација на свеста. Тогаш кои се сензорните и емоционалните состојки на интуицијата, со цел да се добие подлабок увид во модалитетите на катастрофата?Да

започнеме со отплеткување на концептот на катастрофата укажувајќи јасни примери на катастрофи во дваесет и првиот век, особено во општество каде што нашето постоење е доминирано од страна на техно-научниот сектор. Во смисла на природните катастрофи, Boxing Day цунами во 2004 година беше очигледна природна катастрофа, слична на ерупцијата на Везув, каде пресметките на Рене Том на „структурна стабилност“ и „морфогенезата“ се од огромен интерес, но катастрофата во Фукушима инкорпорира во себеси природни елементи како и техно-научни и биополитички сили кои се кријат зад вторите (кои се однесуваат на одбраната технологија за нуклеарни реактори, технолошки опции произлезени од овие одлуки, еколошки импакти, претрпената радијација од страна на спасувачките екипи, хигиеничари, локалното население и слично). Интересно, иако Том бил математичар, и теоријата катастрофа е гранка на теоријата на бифуркација (проучување на големи феномени предизвикани од ненадејни промени во однесувањето произлезени од мали промени на околностите) во студијата на динамички системи, Том првично ја применува теоријата на катастрофа во лингвистиката. Неговиот модел е стимулиран од едноставноста, преку употреба на мноштво интерактивни варијабили, со цел да се примени теоријата катастрофа на било кој феномен.

Од друга страна, трите социолошки парадигми кои ја дефинираат катастрофа, според Гилберт, обезбедуваат корисна хеуристика: катастрофата избувнува од надворешен настан; општеството станува ранливо заради тоа пристигнување; и резултира со социјална несигурност. Слично на тоа, Дирегров ни кажува дека катастрофата удира одеднаш и е непредвидлива и неконтролирана, а нејзиното влијание го надминува времето на самата појава. Катастрофата е посебно наведена од страна на масивната материјална штета која ја предизвикува заедно со страдањето и заканата за човечкиот идентитет, дигнитетот и безбедноста што доаѓа во таа ситуација.

Но можеби природните и вештачките катастрофи не се толку различни во крајна линија? Вирилио ја опишува катастрофата како изворен несреќен случај, донесен од нас. Нејзините ефекти брануваат на далеку и широко, и во неа е опфатено самото претставување на сите други катастрофи. Самата идеја за технолошки напредок на тој начин станува исполнета со потенцијалот на катастрофата. Чернобил е една таква индикација која нè воведува во ерата на глобалните несреќи чии последици се долгорочни. Можеби зборовите на Вирилио се далечно ехо на дистописките рефлексии на Хајдегер за катастрофата на технологија и неговата фундаментална критика на технолошкиот став. И навистина, очигледно е дека катастрофите имаат огромно влијание врз социјалните, психолошките, етичките, економските, политичките и културните сфери, ефикасно унифицирајќи го природното со техно-научното, барајќи нови начини на регулирање, управување и контрола. Цената која мора денес да ја платиме за развој на науката-технологијата само ги зголемува можностите за случување на катастрофата. А сепак нема политичко размислување кое може да се справи со динамиката на биополитиката, и затоа мора да се надградува постојано. Како што знаеме, науката и технологијата не се ништовни од идеолошко-политички проблеми. Во овој контекст, се чини јасно дека на пресликувањето на фундаментални идеологии има социјални и економски параметри, кои ќе мора да бидат земени во предвид. Врските меѓу системите на моќ и системите на знаење се од фундаментално значење за изградба на реалноста во која живееме, па секој предизвик на владејачката идеологија станува исполнет со отпор.

Улогата на естетика, изненадувачки, би можела да биде во презентацијата на ставови за катастрофата и расветлувањето на модалитетите на нашиот zeitgeist, за она што конституира катастрофа и како тоа се менува во целина. „Времето“ и „темпоралноста“ (проживеаното време) стануваат метафорични возила на уметноста за пренесувањето на начини на катастрофа. Единаесет уметниците кои се вклучени во изложбата Доба на Катастрофата понудија одговори на погоре поставените прашања од „живеената катастрофа“, во овој момент во историјата, како што го доживуваме тоа искуство во животот или преку медиумите. Ние стануваме целосно свесни како индивидуи и како општество за нашата ранливост во пресрет на следната катастрофа која демне зад ќошот, со чии последици ќе мора да се соочиме. Во овој контекст, уметниците во оваа изложба ги презентираат тековните искуствени позиции во однос на перцепцијата на катастрофата, некои од нив инспирирани од митски претстави на нашата имагинација, математички модели, роботски инженеринг, биополитички перспективи, пост-апокалиптични слики и еволутивни модели на пост –апокалиптичкото човечко суштество.

Сепак, повторувајќи го Хајдегер, можеби спасувачката сила на уметноста (вгнездена во технологијата) овозможува повторно освојување на оригиналната суштината на науката и обезбедува длабока рефлексија врз феномените кои вклучуваат комбинации на цунами и технолошки катастрофи, зрачење и оган, сино небо и пуста земја, врел пепел и напалм?

2018-12-19T13:06:34+00:00 ноември 12th, 2015|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 101-102|