Дијалог со животот

/, Блесок бр. 03, Галерија/Дијалог со животот

Дијалог со животот

(за сликарството на Чемерски)

#1 Долгогодишната љубов кон делото на Глигор Чемерски прави да верувам и во таквите определби на природата на уметничкото творештво според кои често пати можеме да го поистоветиме авторот со неговите творби. Мислам дека тие се вистинската биографија на уметникот кој ги создал, негов исказ и материјализација на неговата креативна духовност. Творечкиот акт често се осмислува и како појава во која личноста што го извршува се наоѓа во исклучителна состојба, кога уметникот му се предава на трансот за да стаса до возвишените предели на духот каде што се сплотуваат доброто и убавото. Низ таа катарза тој практично се изедначува со ритуалот на мистичните дејствија на која и да е митологија или религија. Всушност, токму тука тој го бара и го изнаоѓа сакралното.
#6 Да не заборавиме дека Чемерски израсна крај Петар Мазев, секако еден од бардовите на поновото македонско сликарство, според чии многубројни изјави „од најраното детство на Чемерски па низ целиот мој живот јас од него немав поблизок творечки собеседник“. Во Белград каде што во почетокот на шеесеттите ги доврши своите сликарски студии и Специјалката и каде што со многу успех ја доживеа својата прва културна промоција, тој се пронајде во пријателска четворка уште со Тодор Стевановиќ, Радислав Тркуља и Филип Буловиќ. „Го делевме лебот и солта, платното и боите, но заради анархичноста и крајната независност на секој од нас, толку „неподносливи“ за тогашното наше сликарско окружување, никогаш не создадовме „група“, ми се доверува умтеникот. Веќе во овој период Бата Михаиловиќ, извонредно ситуиран во париската хиерархија, му отвори пристап во галеријата „Рив Гош“ и кон своите пријатели од прочуената „Кобра“. Еве што пишува Михаиловиќ во еден париски предговор за изложбата на Чемерски во „Галери ду Флев“ Го сакам сликарството на Глигор Чемерски. Глигор е роден експресионист. Тој е сликар со силен гест, полн со елан, со молњи и грмотевици. Бевме во потрага по истиот дух, кога мошне одамна се сретнавме во манастирот Нерези, близу Скопје. Глигор тогаш имаше токму деветнаесет години. Оваа средба пред грандиозното „Оплакување“ стори да ги откриеме заедничките корени. Оттогаш ние се колнеме само во Курбиново, Сопоќани, Ван Гог, Ел Греко и Пикасо… Се колнеме само во сликарството“.

#2 Чемерски, значи, не беше сам во опсесијата да се нурне во најзапретаните предели на уметничката бездна, во траумите на човечката личност и на егзистенцијата, да се објават личните порази и тревоги. Предизвикот да се евоцираат силите на злото, земното, но мошне често и метафизичкото, творецот ги вградува во своите ликовни состави за да се „ослободи“ од нив, но секако и зашто очекува да ги сподели со другите. Формата на вака ангажираното творештво не еднаш се појавува во различните филозофско-социолошки аспирации и стилски насоки на современата уметност во симболизмот, во фигуративните и „апстрактните“ варијанти на експресионизмот, па дури и во надреализмот. Зарем една од тенденциите на фигуративното сликарство не го негуваше „нагрденото“, за да нападне цинично или скоро бласфемично некаков, можеби, цивилизациски „грев“? И така сè до трансавангардата, до дрските и непредвидливи талкања на постмодерната.
Но за сето тоа време некои големи уметници на ова столетие како маѓепсани ги сонуваа медитеранските предели во кои сè ги поттикнуваше низ својата личност да го обноват татнежот на некогашните легендарни и митски времиња, но и спритуалната убавина на византиската уметност и на Истокот. Сето тоа го следиме и во сликарството на Чемерски, од неговите почетоци до неговите најнови слики. Тој можеби напати ќе ни наложува да се „пресметаме“ со него, зашто ретко ни ги „гали“ очите со шармот на својот ликовен ракопис, наспроти неговата дионизиска сплотеност со животот, наспроти „елан витал“ што струи низ неговата рака, наспроти дури и на творечкиот нагон на кој безрезервно му се препушта. Некаква нотка на сомнеж, инторнирана од силите на деструкцијата и тука како постојано да одекнува.
Најновите слики на Чемерски сплотени се во логиката на ваквото тревожно трагање по смислата на уметничкиот исказ, врзано во поглед на модернитетот, чинам, за целите последни сто години. Но само по тоа. Зашто тој е мислител во постојана проверка на својот дух, на животот, но и на исчезнувањето и на умирањето, што го упатува не само на едно време, туку на целото време на уметноста, што е секако многу подолго и дефинитивно отворено. Можеби тука е и коренот на неговото безмилосно и штедро раздавање.
Уште во раните шеесетти години Чемерски првин им се предаде на мотивите кај кои сè беше можно: милозливото пастирче, неговите кози и јариња, лесно се претвораа во питоми митски сугестии, сликани со наслада, лежерно и деликатно, со бои што потсетуваа на древни искуства. Тие како да беа далечно ехо на некогашните критски или помпејски фрески. Набрзо таа младешка еуфорија ќе се преобрази во напнати, симболични или алегориски композиции. Потоа надојдоа дела блиски на цинизмот на „арт брут“, со време тие се претворија во празнични „Самрачни ора“ (1976) и во верига на меѓусебно судрени, одбивни чудовишта, како во големата слика „Балканијада – или Апологија на војничката љубов“.
#3 Од осмата деценија наваму Чемерски создаде низа монументални фреско и мозаични мурали. Но сега извиените и набабрени форми, сладострасно слеаните медитерански обоени созвучја, се сменуваа со моќни или грчевито извиткани состави. Легендата, митот и поновата историја, националната или духовната слобода, народното оро или прастариот ритуален танц, изедначуваа во делата на Чемерски со неговите визии за Прометеј, за Големата мајка или пак за некоја од визиите на Апокалипсата. Алтамира и целиот медитерански свет тука влегуваат во дијалог со творештвото на Леже и Пикасо, но и со прелестно изведените сонувања на сликарите на фреските од црквите на дамнешниот дванаесетти век, Свети Ѓорѓи во Курбиново и Свети Пантелејмон во Нерези. Настана збиен синкретизам на верувања, стилови, времиња, кој не се лишува од нарацијата и од филозофската и етичка теза, или од космополитскиот ангажман на човечноста. Така и во колосалните димензии на својот „Сликоностас“ (Париз 1986) Чемерски ги беше распослал своите дотогашни опсесии со спиритуалните и естетски хоризонти на византиската уметност, споделувајќи ги на нему својствен начин сродните занеси и на руската ликовна авангарда.
#5 Оваа застрашувачка сложена ликовна програма Чемерски ја вгради и во наредните свои слики и цртежи, врзувајќи се за матрицата на византискиот ликовен идиом. Тој го почитува, но и драматично настојува да го преобрази во факт на ова денешно време. Во серијата „Патетични глави“ изобличувањата допираат дури и до гротескното. Од 1990 година тече поројот дела со претстави на „Свети Ѓорѓија и ламјата“. Отпрвин Чемерски со фуриозни судири на ликовните елементи ја прикажуваше пресметката на светителот со чудовиштето.
Потоа, опијанет од својата ликовна моќ, сликарот во драмата наоѓаше повод да ја извлече својата сласна цртачка калиграфија, втопена во уште поштедро обоените деструкции на формата. Серијата ја следеше и историјата во времето на последниот неколкугодишен балкански воен колеж. Чемерски ја искажа својата тревога со концептуална промена на старата легенда. Во речиси кружни состави сега уметникот не ја дефинира категорично разврската на борбата меѓу доброто и злото, меѓу светителот и ѕверот. Дури сега, во најновите варијанти на претставување на овој мотив сликарот втиснал жизнерадосна, скоро еротска компонента. Овој отклон од етаблираната иконографија за Свети Ѓорѓија е видлив во низата“Апокрифи“ каде со своевидна паганска сласт е потисната стегнатата христијанска чедност.
Вљубен и во местата каде што се искажало византиското „чудо“, Чемерски постојано трагаше по нови, а скрити гнезда, како што е и манастирот Свети Јоаким Осоговски каде од 1992 година се раѓаат не само неговите сновиденички визии за манастирот, туку и голем број на ноќни имагинации. Откако сликарот ги растроил компонентите што ја сочинуваат, црквата се претвора во нешто живо и тие се сега во дијалог со просторот, земен и небесен. Боите се „намуртени“, ноктурни, а во светото место не е само спокој, туку и возбуда.
Но ретко кој мотив го опседнал духот на Чемерски како прочуеното „Оплакување Христово“ од Нерези. Тоа е секако и неговиот најдраматичен напор. Во низа дела создадени од 1994 до 1997 сликарот ликовно го парафразира истиот мотив, но со филозофска опсервација и со инструментариумот на ововековен уметник. „Предвремениот“ експресионизам на нерешката фреска тој го преобразува со познавањето на сите други „експресионизми“, а особено на оние од ова столетие. Елегантните, впечатливо и смело извиени форми на нерешкото „Оплакување“, Чемерски го преточува во аглесто разбиените ленти, површини и вкочанети облици на телата. Речиси театралниот ритуал на фреската е прекроен во жестоко устремени состави, прекриени предимно со сини и сиво-пепелести бои. „Еластичноста“ на дамнешната претстава на Христовата смрт како да станала „непримерна“ откако се случиле сите умирачки на нашето време и токму поради тоа овие тегобни парафрази на Чемерски се разликуваат од оние, хедонистички и необврзани, што Пикасо ги направи врз низа големи дела од минатото.
#4 Сета многувидност и целото сетилно богатство на своето општење со медитеранските поттици Чемерски во последните години ги внесе и во серијата „Охриѓанки“, во сцените зашеметени од светлините на Кавала и Тасос, но и во низата паганско-митолошки оди од циклусот што лежерно го нарече „Септември“. Цртачката кореографија на Чемерски се преобразила. Извиените, виуличави или до тремоло растреперени линии што игриво и лебдечки се дружат со основата на платното и тукуречи тие го покриваат секое делче на сликата. Долго освојуваното изведувачко знаење се претворило во мајсторска хедонистичка егзибиција. Секое делче од сликите е грижливо колористички „нахрането“ за секој детаљ во ова густо сликарско ткиво да биде еманација на висока духовна и визуелна култура. И тука сè ни сугерира дека Чемерски во своите сензуални мечтаења повторно ги соединил епохите. Така ги чувствувам неговите најнови младешки евокации на пасторалните сцени, охридските атракции што ги изедначил со беломорските ведути, слободно и со многу фантазија усогласени од неговиот личен сензибилитет. Тој знае за Матисовите и Пикасовите сродни занеси со Медитеранот, но не ги повторува туку ги обликува во посебен факт на уметноста на крајот на ова нерадосно столетие. Тој всушност ја потврдува мудроста и вербата на античките мислители и уметници, дека уметноста е победа над хаосот и смртта. Оваа особена „неомодерна“ убавина во делата на Чемерски е неговиот творечки освоен пасош за влез и во наредното столетие.

АвторБорис Петковски
2018-08-21T17:22:16+00:00 јуни 1st, 1998|Categories: Осврти, Блесок бр. 03, Галерија|