Геопоетиката како провокација за ликовен запис

/, Блесок бр. 09, Галерија/Геопоетиката како провокација за ликовен запис

Геопоетиката како провокација за ликовен запис

#2 2. „Во секој случај, е малку важно тоа, дали ќе останеме во книжевноста или скулптурата; пред сè, станува збор за тоа, чекор по чекор, пасаж по пасаж, да се искуси чувството на животот на земјата, да се изрази едно сфаќање на светот, и да се означи најобемниот, најсуптилниот можен однос, меѓу човековиот дух и хаосмосот“ – кажува Кенет Вајт,
Шкотланѓанец по потекло, населен во Бретања, на бреговите на Атлантскиот океан, каде се напојува од самиот извор на исконската енергија…

Кога, во рамките на својата последна книга есеи, освен за писателите – номади, патеписци и истражувачи на духот; вдахновено говори за сликарите и композиторите, чиишто дела дополнително ја вознесуваат геопоетичката духовност и сензибилитет; Кенет Вајт со тоа го потврдува несомнено интермедијалниот интерес кон различните регистри на креативноста, што го негува геопоетиката, едно од своите есенцијалните својства.
Геопоетичката постапка во ликовните уметности (во чии рамки се вбројува и land art), според мислењето на К. Вајт, е блиска до, и налик на, духот на зен-будизмот, наклонет кон естетиката на назначувањето, наговестувањето; ослободувањето од преголемото количество на детали, отвореноста и белината на просторот.
Искажувањето на Хемиш Фултон: „Мојот облик на уметност – тоа е патувањето пеш низ пејзажот“ – го отсликува ритуално-шаманскиот однос на уметникот и геопоетичарот, неговото интенционално проникнување со природата, издигнато до рамништето и обликот на една „непосредна религија“.
#4 Патувањето, номадството, пловидбата претставуваат типични геопоетички топоси (метафори), низ кои опстојува самиот еротски мит на потрагата и прогонството, едниот од втемелувачките митови на европската цивилизација, но и култниот епистемолошки образец на самата геопоетика.
Веројатно понесени од истиот тој нескротен, истражувачки дух и темелен предизвик, сликарите Жорж Амар и Јаник Франсоа, во текот на 1997 и 1998 г., организираат “A Workshop Throught the World”. Нивната виртуелна изложба, односно, некои од нивните дела, денес се достапни и можат да се видат со посредство на Интернет.
Јаник Франсоа го опишува своето творештво како вдахновено собирање (во тој контекст, да се потсетиме, собирањето е парадигматичниот начин на сочувување и претставување и на фолклорното, пред сè, книжевно наследство): „Го собирам она, што е заборавено, отфрлено, оставено-пердуви, птичји скелети, инсекти, дрва што пливаат-и ги поставувам заедно“.
Геопоетичката ликовна постапка е заснована на хармоничниот однос, шаманскиот дослух со земјата, природата, водата; како и на одржување на церемонијалниот пристап кон творечкото искуство. К. Вајт, кој високо го цени и настојува да го реанимира наследството на „дивата мисла“, во прилог на тоа, се повикува на култот кон земјата, својствен на австралиските домородци: за разлика од неумерениот егзибиционизам на современата квази-уметност; обележувањето, создавањето на знаците, тие го оправдуваат само во два случаи-кога се работи за глад, или, пак, за церемонијални подготовки-инаку, во спротивно, како што сметаат тие, коските на починатите, поднесуваат непотребна болка.
Имајќи го предвид таквото внимателно, „ненасилно“ однесување кон материјалот-и во тие рамки, кон земјата, како основен материјал; респектирањето на „молкот и на тишината“ како иманентни елементи на творечкиот ритуал; обновувањето на платонистичката естетика на отсутното и идеалното, во доменот на визуелните уметности; геопоетиката се покажува блиска до концептуализмот – кога, приоритетната улога и значење им припаѓаат на: самата „онтологија на процесот“ (Мишко Шуваковиќ, 1996); дематеријализацијата на уметничкото дело како предмет; виртуелната димензија на естетскиот чин (потенцијалните, материјално неприсутни и неискажливи вредности), бриколажот; наместо на „технолошкото“ насилство врз природата и материјалите.
Во својата основа, лојална кон „текстот на природата“ (Фридрих Ниче), геопоетиката, попрво, ја следи концепцијата на „музејот без ѕидови“ (Андре Малро), својствена за радикализмот на движењата во ликовната уметност на 20 век, за настојувањето, да се раскрсти со лимитирачкиот и конвенционален канон на институциите.

#5 3. Инсталацијата „Геопоетика-вода“, изработена од страна на акад. Сликар Предраг Урошевиќ, се надоврзува на неговиот – во мај 1998 г., во Даут-пашиниот амам, во Скопје и во ноември, и во Домот на културата „Студентски град“, во Белград – изложен циклус графики (монотипии), „Геопоетика-земја“ од 1998 г.
Геопоетичката определба можеме да ја следиме и откриеме на неколку нивои: на нивото на мотивот, на нивото на постапката и на нивото на уметничкиот материјал, употребен во градењето на инсталацијата.
Најнапред да напоменеме, дека инсталацијата како жанр, припаѓа на тн. автографиски режим (Жерар Женет, 1996:185), односно на групата уметнички дела, што се карактеризираат со својата физичка единственост, еднократност, ефемерност, сингуларен идентитет. Делата од автографискиот режим, во чии рамки спаѓаат и перформансите (ликовните, тетарските и музичките), се засновани врз една процесуална постапка, што начелно ги укинува можностите за материјално траење на уметничкиот предмет.
Таков е токму примерот со инсталацијата „Геопоетика-вода“ – таа и мотивски (тематски), се повикува на ерозивното дејство на елементот на водата, во нејзините длабочини и на дното, претставувајќи ги иконографските симболи на една бродска урнатина (со посредство на написот „Титаник“, упатувајќи на еден од горчливите и, можеби, парадигматични неуспеси на современата цивилизација, во нејзиното дрско настовјување да завладее со стихијната сила на природата).
Инсталацијата очигледно евоцира некои од елементите на културната меморија на 20 век, и, уште на прв поглед, ја конотира поетиката на урнатините, опсесијата на модерниот човек со минатото, мистичниот предизвик на подводната археологија… темпоралната суштина на човекот и неговите творби, нивната неумолива ефемерност, распадливост.
На нивото на уметничката постапка, евидентираме постапка на бриколаж, или, уметност-од старото да се создава ново (Ж. Женет). Оваа, во основата, митопоетска дејност,
според Леви-Строс ја сочинува сржта на „дивата мисла“, а се состои во слободното позајмување од, и располагањето со, текстот на традицијата (Ж. Дерида). Тоа е лепенка, крпеница, домашно мајсторисување – кадешто самиот процес на произведувањето, има поголемо значење од целта на производството.
Во речникот на постмодерната теорија, оваа постапка се нарекува и фактоцитат (Дубравка Ораиќ, 1990) – што, во контекстот на движењата, какви што се неодадаизмот и поп-артот, резултира со промовирањето на тн. Готов предмет, или ready-made -во легитимен уметнички предмет, кому му ги придодава интенционалноста и атрибутите од симболички карактер.
Инсталацијата на Урошевиќ се гради, имено, врз основа на таквата бриколерска постапка на селекција, адаптација и апликација на веќе готови предмети, со извесни, минимални интервенции-синото платно распослано по ѕидовите, околу замислениот центар на инсталацијата, ја сугерира брановидната раздвиженост на водата; придушеното сино светло на таванот-непроѕирноста на морските длабочини; растурениот песок на дното и висечките јажиња-структурата на морската вегетација, накосената штица– палубата од некогашниот брод и т.сл.
На лице е една (зеновска?) поетика на неопределеноста и тишината, спиритуализацијата на предметите од секојдневието, до нивото на една универзална метафорика и возбуда од непознатите водени (и исто толку, човечки) длабочини…
Конечно, и самиот уметнички материјал, подеднакво кореспондира со геопоетичкиот сензибилитет: природните материјали: дрвото, каменот, песокта, со својата „сирова“ појавност и присуство, всушност, ја зацврстуваат ненасилната, бриколерска, „еколошка“ определба на геопоетиката, како и нејзината темелна возбуда, поради создавањето на ефемерни скулптури и градби, подложни само на миговното и еднократно претставување (какво што е ова).
Геопоетиката, да заклучиме, постои во соживотот, што пулсира меѓу исконскиот повик на природата и нескротливиот импулс на човекот, тогаш, кога тој, својот авторски порив, внимателно и суптилно, го одмерува со непрегледната, величествена тишина на хаосмосот.

Литература:
1. Кенет Вајт (1995) Номадскиот дух, Скопје
2. Кенет Вајт (1997) Уметност земље, ин:Висораван албатроса, Београд
3. Douglas Crimp (1983) On the Museum’s Ruins, in: The Anti-Aesthetic, ed. Hal Foster, Seattle
4. Jacques Derida (1986) Struktura, znak I igra u obradi ljudskih znanosti, in: Suvremene knjizhevne teorije, ur. M. Beker, Zagreb
5. Fridrih Niche (1998) Putnik I njegova senka, Beograd
6. Dubravka Orajikj-Tolikj (1990) Teorija citatnosti, Zagreb
7. Бошко Томашевиќ (1994) Геопоетика, ин: Багдала, Крушевац, бр. 412-413
8. Mishko Shuvakovikj (1996) Asimetrichni Drugi (eseji o umetnicima I konceptima), Novi Sad
9. Жерар Женет (1996) Уметничко дело (иманентност и трансцендентност), Нови Сад

Забелешка:
Овој текст е соопштен во рамките на „Геопоетичката вечер“, што, по повод светскиот Ден на Земјата, се одржа на 22. април1999 г., во Домот на култура „Кочо Рацин“, во Скопје. Свое учество на таа вечер имаа писателот Александар Прокопиев, со „Анти-упатство за лична употреба“ и сликарот Предраг Урошевиќ, со инсталацијата „Геопоетика-вода“. Војната во Југославија, за жал, го оневозможи присуството на писателот Владислав Бајац, оснивач на белградскиот „Центар за геопоетика“.

2018-08-21T17:22:09+00:00 јуни 1st, 1999|Categories: Осврти, Блесок бр. 09, Галерија|