Вредности концентрирани во ликовите

/, Галерија, Блесок бр. 84/Вредности концентрирани во ликовите

Вредности концентрирани во ликовите

#1 Астралната светлина во сликите на Касиопеја е окосница во делото: таа се еманира од целата површина на платното, дифузира без видлив извор – најчесто меко, сомотски, без ригидни валерски контрасти, ги детерминира и обединува (или ги нагласува) другите чинители во непредвидливата конструкцијата на сликата.
Светлината како ѕвездена прашина која истекува и се прелева низ просторот во некои слики е силна и блескава, но не пренагласена со својата последица; сенката, во некои, е тивка и прикриена до сфумато, назначена само преку дискретни и суптилни разлики меѓу формите. Нејзиниот колористички аспект се движи од монохромни гами во најтесна колористичка скала до степен на исцрпеност, преку контрастни и комплементарни шеми до симболично интимистички хармонии, звучно обоени. Општо гледано, колористички ретко поларизира – почесто изедначува и хармонизира.
#2 Имагинарната експресивна идеја елиминирана од визуелна атракција лесно и брзо ја конструира во сигурна ликовна експресија каде ја објаснува со линија, боја и читлив препознатлив облик. Имено, Наумоска во животот и творештвото со иста леснотија го препознава и наоѓа спојот што ги поврзува и објаснува едното со другото, нивниот заеднички континуитет на взаемност, движејќи се во креативниот свет и исполнувајќи ја љубопитната имагинација со вечните тајни на љубовта, разделбата, средбата…
Нејзината ликовна естетика всушност е ликовна постапност на линии, форми, бои и тонови кои меѓусебно клокотат, превираат и ферментираат, создаваат целовитост во свилести колоритни созвучја или со силни колористични спротивности, со испреплетени треперливи линии кои делумно се судруваат, се оддалечуваат како делта на голема река, порабувајќи ги формите на фигури, силуети, метафизички простори или интимистички амбиенти. Линијата е со внатрешен драматичен немир и со длабински треперења водена од желбата за децидност во потрагата на точниот облик; таа се манифестира како главен естетски израз со своја автономност и интегритет и како дефиниција на просторот, истовремено дефинирајќи ја формата, а понекогаш завлегува во него крстосувајќи го со линии, делкајќи низ него речиси до уништување, барајќи ја структурата и јадрото. Со ваков статус на линијата, Наумоска го наметнува заклучокот: тој што ја владее линијата – ја владее ликовната естетика.
#3 Забележливо е дека линијата е елементот кој ја нагласува нејзината индивидуалност и автентична созреаност.
Формата ја пласти, ја надградува во слоеви, почесто парцијално или лазурно ја лавира, претставувајќи ја деликатно; некогаш одзема, гребе, ги одвојува пластовите од целината како деновите од изминатото време, барајќи ја суштината на вистинската ликовна естетика. Низ процесот користи различни постапки, моделација, модулација, случајни преливања, драска, гребе и патинира, создавајќи богата ликовна текстура, создавајќи форма без ликовни стереотипи. Не инсистира на анатомска точност на фигурите ниту пак на децидноста на формата, прикажувањето не е секогаш категорично туку флексибилно, обрабено со треперливи линии кои одѕвонуваат во полихромни созвучја и тонови. Како секој мајстор на линијата, Наумоска ја сугерира точната линија со нагласки во валерот, тонот или бојата, а кога постојат креативни варијанти на точноста Касиопеја му препушта на гледачот да ја одбере својата линија и да ја доживее својата варијанта.
#4 Интимизмот е делумно видлив во современа и експресивна форма при третирањето на амбиентот или фигурата/фигурите, најмногу во просторот, каде ентериерската орнаментика е избегната а фигурата доминантна. Дефиницијата на формата во слики со една фигура е со внатрешна сила и напрегнатост елиминирана од секаков академизам, што прикриено го наметнува фигуративниот концепт, композицијата е непредвидлива и изненадувачка, а фигурата суверена и доминира во целиот простор. Сугерирањето на повеќе фигури и врската помеѓу фигурите ја ткаат суптилни тонски преоди, со нагласеност на линијата и гестот. Композициите ги гради централно, исполнувајќи го просторот со фигурите речиси целосно и речиси секогаш просторот останува недефиниран. Колористичката концентрација е врз фигурите, а просторот е во неутрални сивкави превези.
Високите ликовни вредности на Наумоска се концентрирани во непредвидливата модулација на ликовите, со издигнат акцент со минимални сугестивни назнаки, прикривајќи дел и разрешувајќи дел од мистичноста.
#5 Темите со кои го исполнува својот творечки универзум и ја заситува својата имагинација најчесто се со мала и прикриена наративност, исконски и вечни, /љубов, средби, разделби, веселби/ некогаш доживеани, а некогаш конструирани – зависно од својата цел – но секогаш пиктурални.

АвторИлија Кочовски
2018-08-21T17:20:54+00:00 јули 1st, 2012|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 84|