Барајќи филм

Барајќи филм

(за двете најнови македонски филмски остварувања, филмовите „Збогум на XX век“ на Д. Митревски и А. Поповски и „Маклабас“ на А. Станковски)

Веќе подолго време во македонската кинематографија се чувствува една силно изразена тенденција кон изнаоѓање на некои нови филмски изрази, односно една латентна потрага по еден – нов – македонски филм. Посебно по филмот „Пред дождот“ на Милчо Манчевски, кој застана на македонското филмско небо – како неприкосновен врв на дотогашното филмско творештво во Македонија. Тој филм дојде во нашата кинематографија како своевидно крајно заокружување на дотогашните македонски филмски тенденции и прокупации. Затоа, некако нормално се појави желбата, или поточно: потребата – за изнаоѓање на нешто ново, нешто свежо, или барем нешто поинакво, подруго во македонскиот филм, што е всушност, и суштинска цел на потрагата во секоја уметност – да се направи нешто, ако не веќе ново (бидејќи тоа – да се направи нешто сосем ново – некои од теоретичарите на уметноста го сметаат за невозможно), тогаш нешто поинакво, на некој друг начин, или барем од некаков друг агол, и слично.
    Така, речиси сите филмови што се снимени кај нас по филмот на Милчо Манчевски, ја имаат таа тенденција на помал или поголем експеримент, помалку или повеќе успешно (иако мора да заклучиме, од она што досега сме го виделе, повеќе неуспешно отколку успешно). Императивот на другоста и на новото, поинаквото, сега-засега не успева да ја оплоди нашата филмска почва.
    Затоа, намерата на овој текст е да ги разгледа, најопшто во глобала, двата најнови македонски филма, „Збогум на XX век“ и „Маклабас“, за да се добие сликата што тие (ново) ѝ донесуваат на македонската кинематографија, и – дали, и колку, го доближуваат македонскиот филм до таа некоја нова, или подруга поетика.
    Тоа што овие два филма ги разгледуваме паралелно и со една наједноставна општа споредбена анализа, не е случајно. Потребата од едно такво гледање ќе биде очигледна по изнесувањето на крајните заклучоци од споредбата и анализата. Затоа, да почнеме со конкретната разгледба, преку основните елементи кои што го чинат филмот она што е…

1. Фабула:

Збогум… : Фабулата на овој филм, всушност се состои од три приказни. Едната приказна се случува на почетокот на овој век, и зборува за (наводно) првиот инцест филмски регистриран на Балканот, како и казната што следи. Другата приказна е лоцирана (речиси) во сегашноста, односно на крајот од овој век, или уште поточно, за Нова Година, ноќта наспроти 1ви Јануари 2000-та година. Главниот лик е бесниот Дедо Мраз кој, разочаран од луѓето и нивната безобзирност, недостаток на морални вредности и бестијалност, го уништува светот. Подготвувајќи го светот за новиот почеток (можеби, тоа во филмот не е нималку јасно), тој, на еден ѕид ги испишува судбините на луѓето кои допрва доаѓаат. Третата приказна е лоцирана во иднината, а главен лик е Кузман, Човекот-кој-не-може-да-умре. Тој, во потрага по својата смрт, на крај е упатен кон ѕидот на кој што се напишани човечките судбини – се разбира, од страна на Дедо Мраз од претходната приказна, и дознава дека за да умре, мора прво да води љубов со својата сестра: инцестот од епизодата од почетокот на веков. Тоа би била фабулата (или последователните фабули) од овој филм, како што се „реално“ поставени спрема нивните временски локации.

Маклабас: Агентот Ансаров, еден од главните ликови во филмот, е вовлечен во чудна истрага за серија убиства. Жртвите се агенти на разни странски разузнавачки служби. Дознава, со помош на своите врски и контакти, дека тие луѓе се вмешани во некаква замрсена игра која се концентрира околу испитувањето и експлоатацијата на еден многу редок минерал, дотолку поскап и поскапоцен заради фактот дека од него се произведува некаков ексклузивен наркотик. Истовремено, елитните научници во тој минерал гледаат можност да навлезат во хибернираните димензии на антиматеријата. Утврдено е дека минералот (Зелениот дијамант) е свесен за себе, односно дека поседува некаков вид на свест (аспект на космичкиот ум). Ансаров одеднаш се наоѓа себеси во брутална и беспоштедна војна меѓу двете мултинационални корпорации што сакаат да остварат стратегиска предност во регионот каде што се наоѓа минералот и да остварат слободна експлоатација. Сите нивни обиди завршуваат трагично заради средбите со примитивниот и исконски (митолошки обликуван) шумски човек Маклабас. Тој е митолошкиот заштитник на планините (а со нив и самиот минерал), и тој не ја дозволува експлоатацијата на минералот, сметајќи го тоа за сквернавење на исконската невиност на природата… Самата обработка (сижеирањето) не отстапува многу од основната фабула во однос на некои хронотопски поместувања, но затоа можат да се забележат некои други сижејни методи на обработка.

2018-08-21T17:22:08+00:00 октомври 1st, 1999|Categories: Осврти, Блесок бр. 10-11, Галерија|