Амеровото „ново“ руво

/, Галерија, Блесок бр. 118/Амеровото „ново“ руво

Амеровото „ново“ руво

Како во светот на трајно намалени вредности да се сретнеш себеси?

Кога на почетокот на деведесеттите медиумите и нашите глави почна да ги бомбардира митот за глобализацијата, веројатно само ретко кој се прашуваше што би можел да биде резултатот на процесот кој светот сака да го претстави поголем од она што всушност е: наместо пионерско откривање на феномените и суштинско приближување на различните култури и облици, речиси целосно добивме опасен модел. Со донесувањето на машините и техничките играчки донесен е и привид на тоа дека сите добија еднакви шанси. Зафрлените сокаци во Истанбул, Исламабад или на кој било крај на Истокот, во суштина останаа исти, рекламата на Мекинтош од нив не направи ветена земја, но тие сокаци, тие луѓе, тие мачки, велосипеди, мобилни, сите предмети во нив, со „демократизацијата“ на интернетот и со порастот на техничките можности на фотографијата почесто ни доаѓаа пред очи. Тоа е заслуга на луѓето како Амер Капетановиќ, кои откако ја „одработија“ војната во својата земја, тргнаа понатаму, обидувајќи се, вооружени со нови технички и суштински знаења да сретнат – некој вчерашен јас. Да, кога човек пишува, без оглед колкава му е публиката, тој тоа го прави пред сè за себе. Така некако е и со фотографијата, која и не е ништо друго, а има ли нешто повеќе од тоа, освен пишување со светлина. Онаа вечна поговорка дека битката не ја бие светло оружје, туку срцето на јунакот, во случајот на марката и цената на фотоапаратот и Амер Капетановиќ, секако може да се употреби: мислам дека тоа е и единствениот фотограф кого до сега не сум го прашал за марката на апаратот, неговата цена и техничките перформанси. Тоа е како во музиката: не те интересира што свири некој, ако не му веруваш. Она што пишува на фотографиите на Амер е дека суштинските проблеми на светот не се решени, иако им е дадено ново руво. А крајот на таа бајка сите го знаеме: царот е гол. Кога некогаш изгледа повеќе гол, повеќе отколку што е, тоа ви е фотографското умеење. Новото „руво“ на Амер, при средбата со себе. Во светот кој е трајно смален со глобализацијата, ама оплеменет и со тоа зголемен, со луѓе со талент. Како него самиот.

2018-08-21T17:20:33+00:00 март 27th, 2018|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 118|