Ист текст, две изведби

/, Театар/Филм, Блесок бр. 48/Ист текст, две изведби

Ист текст, две изведби

#3

Во сцената на НТ во Куманово: Чиста идеја и чиста игра

Режијата на Љубиша Георгиевски на сцената во Куманово за стожерна идеја има една сурова вистина – надежта се раѓа на буниште. Така замислениот „Оркестар Титаник“ на сцената на Народниот театар во Куманово, чија премиера се одигра на 18 март 2006, има повеќезначен тек. Во таквата идеја се и сите реализатори на оваа изведба: актерите Горан Илиќ, Александра Пешевска, Драгиша Димитријевски, Драган Спасов и Гораст Цветковски, сценографот Љубиша Јовановски, костимографката Мери Јованов, Роберт Симоновски кој му е асистент на режисерот Љ. Георгиевски кој, пак, ја избрал и музиката за претставата.
Сите заедно создале претставата во која има многу искреност и многу вложен труд со конкретен резултат. Ова е претстава која низ своите слоеви комуницира врз основа на взаемна искреност и почит кон работата, а искрено општи како меѓу оние на сцената и така и во гледалиштето.
Значи, првото ниво е во реализацијата меѓу режијата и актерите, односно во откриената многуслојност и драматуршки срочениот тек на идејата и на ситуациите во драмата на Бојчев. Второто е во начинот на кој Љубиша Гергиевски ја поставува претставата: како театарска игра на театарска сцена што, како систем, му отвора заеднички простор за реализација со сите други во неа. Токму затоа и сите се сигурни и безбедни во процесот на тежината на постоењето која ја претвораат во смешна трагедија во која сите многу вложиле, а публиката тоа го препознава. Но, и се смее на изгубеноста во нивните и свои маки. Третото е во начинот и влогот на секој од петмината актери – да се најдат себеси и со сигурност, заедно со режисерот, да создадат свет во кој на ниво на апсурдност се чека на некаков спас кој, се разбира, ниту доаѓа ниту се знае дали некогаш воопшто ќе дојде. Надежта, нели, се раѓа на буниште!
Сите се сигурни во состојбата: надежите за иднина го имаат само пропаѓањето. И тоа она кое влече сè подолу и подолу. Прпелкањето или обидот за спас се само потврда на општата апатија. Надежта за некој нов и поинаков свет актерите ја толкуваат низ она што може да биде само одраз на празната душа, која иако ги подава рацете кон новото – тоне во старото.
Надежта е во илузијата. Се третира животот кој тоне како патниците на оној брод, но сега сместен во „Титоник“ куќата-земјата која се растура и во која „патниците-жители“, можеби, ќе ги спаси некој илузионист, продавач на трикови. Оној што доаѓа од никаде, кој за да го изведе својот трик за кој тврди и дека е едноставен, се маскира пред огледалото што го има во секоја театарска актерска гардероба.
Создадена е претстава на која, и кога се подготвувала и сега кога е готова, ѝ се верува. Им веруваш на сите низ тежината на состојбата и влогот во неа кој има силен одраз во играта на актерите кои низ соработката со режисерот стануваат вистински јунаци, страдалници и искушеници на метежот во кој пропаѓаат оние што веруваат во спасот.
Режијата на Гергиевски, сценографската рамка на Јовановски и костимите на Јован, се заедно со актерите во комично-трагични ситуации. Сè е сместено во театарот – пред огледалото во актерската гардероба и на сцената каде се проба. Се вежба спасот од темната страна на животот, онаа единствена за човекот кој е на погрешно место и на погрешна страна. Се вежба чекањето на возот, а сите возови за Европа и светот имаат, нели, некои други дестинации, други станици, други маршрути. Се игра состојба на „од овде нема бегање“, заедно со надвиснатото прашање за тоа дека животот е „Титаник“ или „Титоник“, а, на крајот, единственото можно бегство е во илузиите.
Георгиевски (по минатогодишното неуспешно враќање во театарот, по амбасадорскиот статус, со претставата „Ричард Трети“ во Битола), сега е пак на свое: спроведува чиста идеја и став кон театар во кој актерот е безбеден во работата со режисерот. Иако користи и вербални и симболни цитати од она што го има создадено, понесен од длабочината на драмата, тој сигурно го истражува и стигнува до реалното ѓубриште во кое е сместен животот тука. Актерите и ликовите се во сметот кој само се трупа и доаѓа од секаде. Му се потсмева на животот во кој добриот мал човек се прпелка, но останува со надежта за својот спас. Пустиникот е илузионист, кловнот е без иднина, маските (по секоја претстава) паѓаат. Останува секој за себе и со сите да преживее како жонглер, среде депонијата за ѓубре во која „мечката“ – водачот или возачот, го вози возот по свое.
Актерите го понесуваат и до крај го носат целиот товар: своевиден циркус или некаков вид на кловнијада. Во простор кој асоцира на ѓубриште, на смрдлива депонија, во која секој од нив во својот лик е изгубен, онеправдан маргиналец – жртва на транзициските процеси. До детали ја одигруваат состојбата на изгубени вредности, на задушеност во сопствениот крик, на реалната малодушност и на немањето ниту сила ниту мотив за поединечен или колективен бунт кој ќе го искаже револтот што се натрупува: како депонија која во секој миг станува сè поголема.
Дали на народот му се потребни само леб и театар, е едно од прашањата на претставата. Хипнозата е бегство од реалноста, но човекот мора од неа и да се разбуди. Будењето во овој „Оркестар Титаник“ е во вистината и искреноста со кои е правен. И во силината на актерите да веруваат во себе, во режисерот и во драмскиот текст. Затоа и ликовите се правени од внатре, како по Станиславски чиј систем на игра и буквално се говори и спроведува во функција на реализација. Градацијата е во искреноста на играта која ја спроведуваат петте актери. Тие се максимално точни во играта на животот однатре, на патниците кои го бараат спасот во триковите на илузионистите, во концептот за претставата во која сè започнува и завршува со ставот дека Надежта се раѓа на буниште!

2018-08-21T17:21:25+00:00 јуни 4th, 2006|Categories: Осврти, Театар/Филм, Блесок бр. 48|