Ист текст, две изведби

/, Театар/Филм, Блесок бр. 48/Ист текст, две изведби

Ист текст, две изведби

#2

На сцената на МНТ: Заглавено меѓу режијата и актерите

„Оркестар Титаник“ на сцената на Македонскиот народен театар премиерата ја имаше на 19 јануари 2006 година. Режијата е на Димитар Станкоски, во претставата се актерите Владо Јовановски, Магдалена Ризова-Черних, Нино Леви, Васил Шишков и гостинот Васил Зафирчев, музиката е на Венко Серафимов, костимите се на Марија Папучевска, а сценографијата е на Илина Ангеловска. Секој е сам, секој е жртва на времево во кое се живее со страв: никогаш не знаеш кој и кога може да ти забие нож. Личностите и настаните авторот Бојчев ги сместува во атмосфера на смислена фарса во која животот се тркала низ навидум ништо што е значајно, затоа што основата има апокалиптичен тек.
Меѓутоа, во оваа изведба сите вредности на асоцијативниот и речиси искристализиран текст на Бојчев, остануваат само да се слушаат. Претставата пропаѓа на релацијата режија-актери. На овие две нивоа не е најден клучот со кој од сцената ќе се види времево и во него изгубениот човек. Станкоски, кој е познат по добриот одбир на актерска екипа што секогаш е голема предност и вредност на неговите режии, и можел и требал и морал да создава поинаков свет со делумно други актери кои ликот/ликовите би го чувствувале од внатре. Текстот и ликовите бараат игра која не карикира, не стои в место, не се вади на надворешни ефекти. Напротив, ги има сите елементи да се игра состојба на катастрофа, на неуспешна транзициска приказна во земја во која нема ниту среќни луѓе, ниту успешна приказна. Има само сомнежи, чекања, надежи и илузии.
Актерските интерпретации се повеќе состојби на некои други ликови – одиграни некогаш, некои никогаш и, се разбира, сега се вон зададените. Симболиката дека музичарите на оркестарот на „Титаник“ свиреле до последен миг (надежта последна умира), а музиката се слушала и по дефинитивното потопување на бродот, во изведбата и не почнува. Состојбите во кои се ликовите кои толку сликовито ја прикажуваат вистината дека од овде нема бегање, дека затвореноста на и во системот наспроти поврзаноста на светот со систем на шини по кои возовите се движат во сите правци а нас не одминуваат или ги чекаме на погрешни станици, дека светот е „Титаник“ и дека единствена светлина е бегство во илузиите, не се одиграни низ форма која ќе ја прикаже вистинската состојба: луѓе кои бегаат од себе, кои не сакајќи да се соочат со себе и во своето бегство од или во очајот создаваат некакви пријателства во кои нема ни искреност. Низ играта не се бараат меѓусебни допирни точки. Текстот на места и се помакедончува, на актерите им помагаат и четворица пејачи чии песни ја бараат површната страна на состојбите. Сите и сè во изведбата се разидува и се разидуваат. Ако В. Шишков е комплетно вон ликот, ако Ризова-Черних ме потсети на еден нејзин дамнешен лик – Старицата во „Мртви души“ иако сега игра лик на млада трудна жена, ако Јовановски и Леви се сами во својата неразбрана игра, гостинот В. Зафирчев барем ме врати на ликот со кој на голема врата влезе на театарската сцена – момчето во „Елешник“, исто во режија на Станкоски (без главен акцент на телесноста). Во претставата има и една добра сцена – тонењето на музичарите во студената вода, што е малку, сосема малку за каква било надеж за некаков попозитивен исчекор на целата претстава. Комплексноста на психолошките состојби на ликовите која кај Бојчев е точно поставена и точно димензионирана и мора да излегува од нивната внатрешност, во оваа изведбата за предизвик ја има само потребата однадвор да се одигра/нагласи транзицискиот лавиринт. И тоа низ знаци кои се изразуваат преку крајно непотребна мелодраматика и исто таква карикатуралност. Се игра на ниво на замислена реална слика на она што го живееме, со многу знаци кои, поради преголемата доза, се само во функција на отсликување на видени и депласирани политички состојби и симболи.

2018-08-21T17:21:25+00:00 јуни 4th, 2006|Categories: Осврти, Театар/Филм, Блесок бр. 48|