Ист текст, две изведби

/, Театар/Филм, Блесок бр. 48/Ист текст, две изведби

Ист текст, две изведби

#1 За два месеца драмскиот текст на Христо Бојчев „Оркестар Титаник“ имаше две премиери на две македонски театарски сцени – во Македонскиот народен театар и во Народниот театар во Куманово. Текстот испровоцира, речиси паралелно, двајца режисери, два ансамбла да го имаат на својот репертоар. Факт е дека драмите на Бојчев речиси една деценија се играат не само на македонските театарски сцени, туку и на сцените во многу европски и светски театарски средини. Бојчев во своите драми главно го бара малиот човек кој е глобално изгубен во ветрометините на времево, во земјите во кои се случува познатата и извикана транзиција, притиснат од немаштијата и моќта на самоповиканите силници; малиот човек кој талка од тука до таму, тоне, се губи, се измачува со себеси и со нему сличните.
Една од тие драми на Христо Бојчев (Бугарија) сместена во глобалната суровата реалност во која е заробен малиот човек е и „Оркестар Титаник“. Драмава, на пример, во последниве две/три сезони е поставена на триесеттина сцени на повеќе од петнаесет јазици. Само во Македонија освен двете – во Скопје и Куманово, минатата година се играше и на сцената на Народниот театар во Прилеп.
„Оркестар Титаник“ низ силно чувство за сатира го прикажува светот во кој се живее: транзиција, изгубени луѓе кои не преземаат ништо, битисуваат во некаква своја јалова надеж, чекаат и се глодаат меѓу себе. Сите се на погрешната страна на животот, а другата и не им е позната. Значи, низ комично-сатирични ситуации, јунаците кои се заробени во темната страна на животот сегашен, Бојчев ги создава како точно извајани талкачи соочени со промените во општествата, тука или таму. Тие чекаат воз, или надеж, на погрешно место. Сите возови за Европа и светот имаат некои други дестинации, други станици, други маршрути…
Како јунаците на Бекет во „Чекајќи го Годо“, јунаците на Бојчев се во апсурдот: мечкарот Дуко, поранешниот управник на железничката станица Луко, трудната невеста Љупка и поранешниот уметник Мате се надеваат без да знаат на што, а од никаде/некаде им се придружува и големиот илузионист Хари Худини. Тој, наводно, го знае спасот, а тоа е ништо друго туку – илузијата. На ниво на асоцијација, тие се членови на оркестарот од потонатиот брод „Титаник“ кои, иако знаат дека бродот тоне и им нема спас, ја свират својата музика… Авторот Бојчев оди понатаму: тврди дека нивната музика се слушала во водите на Атланскиот океан и откако бродот потонал – како ехо на надежта и немоќта. Всушност, за јунаците на Бојчев животот е „Титаник“ на кој (бродот, местото, валканата железничка станица на која одамна не запрел ниту еден воз) сите ние сме патници. Прашање е како да се спасиме? Бидејќи нема конкретен и извесен одговор, сосема е јасно дека спасот го знае само големиот илузионист Хари Худини. Само тој може да го „спаси целиот оркестар“ и тоа со еден од најграндиозните трикови „Але-хоп“! Од друга страна, и драмата и двете нејзини сегашни изведби кажуваат една вистина: дека надежта се раѓа на буниште. Само меѓу сметот кој се истура од секаде и насекаде, можеби, постои можност и нешто да се најде.

2018-08-21T17:21:25+00:00 јуни 4th, 2006|Categories: Осврти, Театар/Филм, Блесок бр. 48|