Интеркултуралноста: тренд, егзотика, естетика, поетика и…така натаму!

/, Театар/Филм, Блесок бр. 47/Интеркултуралноста: тренд, егзотика, естетика, поетика и…така натаму!

Интеркултуралноста: тренд, егзотика, естетика, поетика и…така натаму!

Сепак, за каква то trendy-интеркултуралност станува збор?
Дали за онаа за која фантазираше Арто, а сосема младите „артовисти“, Гротовски и Барба (некаде во мугрите на шеесетите години на изминатиот век, во некои од најлуцидните „рани трудови“ што тогаш ги произведоа…), настојуваа вдахновено да експериментираат со неа? Со други зборови, дали таа „изворна“, истражувачка, апстрактна, вертикална, архетипска, психоаналитичка, утопијска… во крајна линија – експериментална интеркултуралност, воопшто може да се развие во трендовска појава (да стане trendy)? Дали е таа (сепак!) премногу „егзотична“ за да премине во „масовна употреба“ и, освојувајќи ги театарските сцени „вдолж и преку“, радикално да влијае на навиките на најшироката публика?
Или се работи, сепак, за некоја „подоцнежна“ варијанта на театарската интеркултуралност, некоја од мутациите на иницијалната артоовска идеја, некој од прагматичните компромиси направени во нејзиното име? Дали, сепак, таканаречената trendy-интеркултуралност, интеркултуралноста каква што денес најмногу се практикува на театарските сцени (ширум светот), не е сведена само на конзумеристичката и сосема прагматична перформативна практика што, кога им ја објаснувам на студентите, обично ја нарекувам „интеркултуралност од општ тип“ (аналогија со „антибиотик од широк спектар“)?
Имено, оваа trendy-интеркултуралност лесно ја препознаваме како очебијна, експлицитна, хоризонтална, дистопијска… во крајна линија – поедноставена до крајни граници, безмалку дидактичка интеркултуралност, сведена на ептен препознатливите елементи „превземени“ од различни култури не заради нивното креативно разменување помеѓу учесниците во процесот, туку заради вештото и ефектното комбинирање (Барба вели: монтажа!) во заедничка целина. Која што, потоа, ќе стане пошарена, подинамична и – воопшто! – попогодна за „масовна употреба“, имено!
Редно е да признаеме дека, денес, сведочиме мошне интересен парадокс: имено, теоретизирањето за и околу театарската интертекстуалност станува неспоредливо попродуктивно, полуцидно и поуспешно од самото правење на интеркултурални театарски претстави!
Или, можеби, сепак се лажеме? Можеби ќе сме поблиску до вистината доколку констатираме дека овој мошне интересен парадокс го чувствувал и самиот Арто – тој брилијантен ама и нетипичен „создавач“ на еден безмалку совршен и, токму заради своето совршенство, во секојдневна практика безмалку неостварлив театарски концепт! Како што знаеме, Арто воопшто не се обидувал да го остварува.
Доколку е така – а секојдневната театарска практика сигнализира дека (горе-долу, респектирајќи ги чесните исклучоци) можеби навистина е токму така – што е, воопшто, предметниот интерес на бројните претстави кои вообичаено се декларираат како интеркултурални? Потсетете се на некои од нив, некои што сте ги виделе и запаметиле, за потоа да се обидете сосема бегло да ја реконструирате нивната естетика. И дефинирајте го, потоа, нивниот предметен интерес.
Ајде да го поедноставиме прашањето. Ќе биде сосема доволно доколку се обидете да одговорите како тие претстави воопшто функционираат? Дали така што ги театрализираат „истостите“ што би требало „артоовски“ да ги „здружуваат“ различните култури, или (сепак, сепак!) тежнеат кон создавање на складни „приказни“ измонтирани од разликите што истите тие култури ги прават посебни и уникатни? Прашањата целат кон оние неминовни и толку природни разлики што, имено заради нивното дисциплинирано почитување од страна на сите учесници во перформативниот чин (но и од страна на нивните гледачи), интеркултураланата театарска практика од овој тип систематски ја збогатуваат со популарни претстави што честопати за своја примарна цел го имаат пропагирањето на „хармоничната коегзистенција“ и „складен соживот“…
Доколку уште еднаш ја прочитате последната реченица, лесно ќе ја забележите квалитативната промена во нејзината лексика. Наеднаш – а не без причина! – таа како да ја пречекорува онаа чувствителна линија која ги диференцира, но и ги разделува научниот и политичкиот дискурс. Категориите какви што се разлика, почитување, хармонија, коегзистенција, пропагирање, соживот несомнено се политички по својата провениенција.
Зошто тие наеднаш влегуваат и во театролошкиот дискурс?
Најпрвин затоа што политиката станува безмалку сеприсутна и орвеловски моќна, та таква и влетува (незапирливо и суверено) во сите сегменти од општествениот живот. Како една од најсензитивните уметности на нашето време, театарот, дури и да сака (а не сака!) не може да остане настрана од политиката. Но и од трендовите што таа ги наметнува.
Еден од таквите трендови – тренд што во моментов е, дури, нај-trendy од сите останати! – е токму фамозната мултикултуралност.
Поимот мултикултуралноста влезе во оптек – и тоа на голема врата! – пред некои триесеттина години: во 1971 година него го промовирал тогашниот харизматичен канадски премиер Пјер Тридо/Pierre Trudot, за да се пофали со „хармонична коегзистенција“ и „складен соживот“ какви што се практикуваат во неговата голема држава во која среќно и во целосно почитување живеат припадници на различни етникуми, говорници на различни јазици, следбеници на различни конфесии… Оттогаш наваму, фамозната мултикултуралност започна да се пропагира како безмалку магична формула. Втемелен врз високо позиционираните етички стандарди, какви што се толеранцијата и почитувањето на разликите, ваквиот концепт на мултикуклтуралноста сериозно ја наметнуваше (и продолжува да ја наметнува!) утописката идеја дека може да биде успешен секогаш и секаде каде што ќе се примени. Глобализациските процеси, кои што започнаа да се интензивираат (но и да акцелерираат) на почетокот на осумдесеттите, мошне добро ги разбраа потенцијалите на мултикултуралната утопија, та и започнаа систематски да ја дисеминираат самата идеја. Денес, веќе, може компетентно да се зборува и пишува за мултикултуралноста како „заеднички именител“ на сè и сешто: на традицијата, на образованието, на политиката, на музиката, на литературата… И на театарот, се разбира.
Обидувајќи се потенцијалите на оваа моќна и неспорно трендовска појава да ја проверам со помошта на истиот оној интернет претражувач (Google), за неполни две минути констатирав:
Одвај три елементарни поими/категории, кои што ги реферираат некои од битните аспекти на мултикултуралноста (види: multicultural theatre, multicultural policy, multicultural education), на Мрежата се појавуваат во, вкупно, повеќе од 14.000.000 севозможни виртуелни комбинации. Да, четиринаесет милиони!
Бројката изгледа толку импресивно, што автоматски ја исклучува потребата од какво било коментирање. Дури и од анализа. Таа бројка, просто, наведува на неизбежно апоричен, амбигвитетен заклучок: неспорно е дека фамозната мултикултуралност станува магична формула, ама е неспорен и сомнежот оти таа формула е (можеби!) предобра за да би била вистинита!

2018-08-21T17:21:28+00:00 април 16th, 2006|Categories: Теорија, Театар/Филм, Блесок бр. 47|