Состојба на општа зомбификација

/, Театар/Филм, Блесок бр. 46/Состојба на општа зомбификација

Состојба на општа зомбификација

ЗОО приказна: Игра на животна автентичност

Двајцата актери – Веби Керими и Сефедин Нуредини со својот колега Бајруш Мјаку, сега како режисер, а сите тројца актери во Албанскиот театар во Скопје, барале и нашле пат до себе и до публиката, наспроти неможноста еден ваков проект да реализираат како продукција на својата матична куќа – Албанскиот театар. На почетокот на минатиот ноември, на една вечер (за нив и за публиката) им беше даден простор во дворот на Театарот. Ниту стотина гледачи, за сега само таа вечер, ја видоа нивната ЗОО приказна по текстот на Едвард Олби (САД).
Во реализацијата, Керими и Нуредини играат со нов квалитет, пркосејќи ѝ на општата зомбификација. Резултатот се сумира во два принципа: амбиенталност и чиста актерска игра.
Претставата се одигра како независен проект, пријавена е за учества на неколку меѓународни фестивали, ќе има гостувања надвор од земјава, но тука никој не ја сака, никаде не се одигра по првата премиерна изведба. Тогаш се играше на отворен простор – во малиот и заграден од четири страни средишен двор на Театарот, и како продукција на Театарската и филмска продукција Б.М.
Оваа ЗОО приказна почива на одбраниот амбиентален простор и мајсторство на актерската игра. Се следи приказната на Олби која е чудна и во која авторот драмски вешто ги меша сентименталноста и цинизмот. Џери на Веби Керими и Питер на Сефедин Нуреди се ликови во кои тие ги вградуваат своите дарби на кои инсистира режијата на Мјаку. Ја играат приказната разголено и без речиси никакви додатни сценски елементи. Сè е оставено на нивната моќ да дојдат до врвот: суптилно, разложено, силно, убедливо. Се презентира двојна ситуација. Џери на Веби Керими е прототип на разочаран и уништен човек кој не гледа причини за кои треба и натаму да живее, но и нема сила да го направи замисленото – да се убие. Низ процес на сентиментален цинизам, со предизвици и пресметки со себе и со својот живот, човекот што случајно го среќава го одредува за извршител на она што тој не може да го направи. Тоа е Питер на Сефедин Нуредини, на кој играта за смртта и со смртта (што ја дознаваме на крајот) му доаѓа случајно – на клупата во паркот на која редовно одмора читајќи.
Сè во интерпретацијата на двајцата актери е чиста, реалистична игра. Препуштени на ликовите и на блискиот поглед на публиката, актерите откриваат слој по слој, иако некои од слоевите на драмата на Олби и не се многу јасни. Бесмислениот живот на Џери, како силен крик против апсурдното траење во апсурдниот живот, Веби Керими го одигрува на ниво на силна сугестивност што се гледа во речиси сите ситуации во кои е Џери. Почнува спокојно, низ сентиментални чувства да ја раскажува повремената потреба да разговара со вистински човек за тоа како се случило да оди во зоолошка градина. Објаснувањето е цинично: да дознае повеќе за начинот на кој луѓето живеат со животните и како животните живеат меѓусебно, односно, како животните одвоени во кафези живеат со луѓето. Апсурдноста ја достига кулминацијата кога тој влегува во завршната фаза на својата идеја: навредливо и низ предизвици го тера својот случаен собеседник на исконструирана тепачка во која ќе биде убиен. Сите сцени и фази на ликот Керими ги игра со разложена енергија и точна асоцијативност.
Питер на Сефедин Нуредини, е затворен во своите малограѓански сфаќања и навики. Наспроти Џери, Питер на Нуредини е лик со чудна смиреност, обоеност од внатре и затвореност во себе. Резултатот е игра која е остварена низ знаци на животна автентичност. Огорченоста, апсурдноста, затеченоста, задоволството или неизвесноста од она што следи или веќе се случило, ги нивелираат низ режијата на Мјаку. Заедно градат, разградуваат и сè претвораат во апсурд врз кој се надвиснала смртта за која се бара извршител. Во тоа што го остваруваат преземале од она што во себе го има актерскиот хабитус на Бајруш Мјаку кој низ режијата инсистира секој да го открива и игра ликот низ себе. Затоа и местото на тројцата во нивната ЗОО приказна е точно определено и остварено.

P.S. Темите кои ги кажуваат овие три претстави се жестоки. Како што е жесток живот на нивните создавачи и на нивната публика. Дали тоа е една од можните причини што тука и сега никој не ги сака!? Најверојатно не! Можеби се само жртви на општата зомбификација која владе во земјата, во културата и во театарот.

2018-08-21T17:21:29+00:00 февруари 1st, 2006|Categories: Осврти, Театар/Филм, Блесок бр. 46|