Состојба на општа зомбификација

/, Театар/Филм, Блесок бр. 46/Состојба на општа зомбификација

Состојба на општа зомбификација

Последниот маж, последната жена:
Трагичниот акорд на заговорите против слободата

Последниот маж, последната жена е продукција на новоформираниот Театар Планета од Скопје и на Трупата Ephemeride од Руан, Франција. Претставата е по драмата на Јордан Плевнеш, режијата е на Димитар Станкоски, а музиката е на Венко Серафимов. Претставата има свое достојно CV: се подготвуваше во доцните ноќни термини во Драмски театар во Скопје, премиерата ја имаше во Руан во април мината година, се прикажа во Париз, ја виде и ќе ја види публика на неколку гостувања надвор од земјава, беше учесник на минатогодишниот фестивал на камерни театри „Ристо Шишков“ во Струмица, актерот Васил Зафирчев ја доби единствената фестивалска награда, имаше една изведба во Скопје, во рамките на Младиот отворен театар 2005, во Младинскиот културен центар. Но, како и други проекти кои се создадени вон институционалниот театар, има проблем со простор во кој авторите и публиката редовно би се среќавале. Никој не ја сака.
Како и да е, тоа е претстава која провоцира, која токму тука заслужува многу почести изведби. И уште нешто: истиот текст, пак како македонско-француска копродукција, но меѓу Драмски театар во Скопје и Theatre de la Oprime во Париз, исто немаше среќа – згасна по изведбите во Париз на 11 мај 2001 година со двајцата актери од Драмски – Гордана Ендровска и Бранко Ѓорчев и на 12 мај со француските Стефани Ланиер и Рафаел Долче. Иако беше предвидено, таа во Скопје никогаш не се одигра. Никој не ја сакаше.
Плевнеш и во оваа драма продолжува со отсликување на настани и личности кои поставуваат прашања за времево изложено на разновиден терор. Тоа го прави со широки потези кои се откриваат низ идејата за човештвото на глобално ниво. Станува збор за последниот човек, сеедно дали е жена или маж, а последен е затоа што е на последната скала на човештвото. Двајцата се последни суштества на свет кој е не примерен, затворен, а тие очајнички се трудат да ги задржат остатоците на човештвото низ нивниот луд проект кој ќе ги однесе во апсолутно вечната вистина – љубовта. Драмата има поднасловот Интернационален заговор во 100 слики со пролог и епилог, а Плевнеш ликовите ги објаснува вака: Последниот маж – актер интервенционист, свирач и говорник, а Последната жена – учителка, обожавателка и еколог.
Режијата на Станкоски вешто им ја препушта сцената на Сашка Димитровска и на Васил Зафирчев. Споени низ љубовен танц, тие создаваат поглед за сега и за иднината. Концептот е јасен: се афирмира идејата за етичност во општество кои ќе биде за човекот, а не против човекот. Трагичниот акорд на двата лика Станкоски точно го сместува низ играта на Зафирчев и Димитровска. Како силно изразена иронија за животот во свет во кој се плаќаат последиците од заговорот против човекот. Ликовите преку стравот од светскиот терор ја бијат својата битка знаејќи дека во мигов ја губат, но надевајќи се дека ќе ја добијат војната.
Васил Зафирчев како Последниот маж го следи последното очајничко инсценирање на визијата за слободен дух. Времето на сцената е време на полетувањето и на падот на еден дезориентиран интелектуалец. Сашка Димитровска како Последната жена се доживува како зародиш на нешто прво, како спротивност на последното. Или како почеток. Нејзината игра го отвора и прашањето: каква би била првата жена?, и покажува дека нејзината љубов е како мост кој му помага на последниот маж да ги види своите визии за слободен дух.
Преку асоцијативна игра со чувства кои ја бараат сегашноста во иднината (по значителните скратувања на текстот) и со музиката на Серафимов која е трет партнер на дејствието, Зафирчев и Димитровска градат свет со временски и просторни поместувања, но сигурни во себе и во она што го создавале со Станкоски. Таквата игра го вовлекува во себе и гледачот. Магијата трае, одѕвонува трагичниот акорд на заговорите против слободата, а има и одговор: ликовите кои Плевнеш ги именува и како меморијали, низ својот против-заговор одигруваат повеќе ликови за, на крајот да се единствени во пораката против хаосот во светот во кој ги нурнал некој друг, некои други туѓи интереси.

2018-08-21T17:21:29+00:00 февруари 1st, 2006|Categories: Осврти, Театар/Филм, Блесок бр. 46|