Посебноста на театарската тимската работа

/, Театар/Филм, Блесок бр. 45/Посебноста на театарската тимската работа

Посебноста на театарската тимската работа

РОБЕРТО ЗУКО НА ВЛАДИМИР МИЛЧИН

Режисерот Владимир Милчин со уште неколумина творци кои често се и негови соработници во други претстави, на сцената на Народниот театар во Приштина, го реализираа Роберто Зуко на Французинот Бернар Мари Колтес (ја напиша драмата во 1988, а почина во 1989 година, како една од првите признаени жртви на сидата), чиј ракопис се оценува како радикален и емотивен, што е доминантно и во оваа претставата. На Милчин ова му е четврта претстава во тој театар, а претходните три ги реализираше во средината на осумдесеттите години на минатиот век. Главниот лик го игра Рефет Абази и она што е мошне сложено за секој актер – нему овој Роберто Зуко му е втор: првиот го играше на македонски јазик во претставата да Драмски театар во Скопје пред шест години (во 1999 година, како дипломска на режисерот Дритро Касапи).
#5 Во екипата на Роберто Зуко во Приштина од Македонија, покрај Милчин и Абази, се и Крсте С. Џидров (сценографија), Марија Папучевска (костими), Марјан Неќак (музика). Другите ликови, освен актери од Театарот во Приштина, ги играат млади актери кои се одбрани по пат на аудиција. Заедно на сцената во драмата во која само главниот лик има име а сите други објаснувања (мајка, девојка, татко, дете, инспектор, сестра, мадам, чувар…) се: Дрита Беголи, Греса Палсака, Аурита Агуши, Менсур Сафчиу, Беслим Мучај, Дрита Красничи, Чун Лајчи, Арта Мучај, Рамадан Малај, Артан Геца, Флорие Балоку, Насер Рафуна, Адриан Морина, Фатиме Сефај, Блерта Сула и Леонора Мехметај. Играат ликови на раздробени животи, немоќни луѓе заробени во својата несреќа, без разлика на кој слој од општеството му припаѓаат.
Прашањата, ако сакате – судбинските, за човекот кој за да стигне до своето чистилиште мора да ја уништи трагата на своето постоење, на слободата и на трауматичните патишта до неа, Рефет Абази како Роберто и актерите од младата генерација, на сцената ги оживуваат низ контрасти со регистер на знаци во играта, костимите, сценографските елементи и музиката на екипата која е целосно вклучена во таа потрага.
Колтес со своето драмско писмо ја етаблира детерминираната нова европска драма во која јунаци се отфрлените, насилните, емотивно дисторзираните луѓе кои зборуваат, молчат, се бунтуваат, одрекуваат. Тоа се луѓе со трауми кои живуркаат меѓу реалноста и идеалите. Затоа што ги има, затоа што светов ги препознава, драмава на Колтес во последнава деценија се игра многу (праизведбата е во Берлин во 1990), а по неа е снимен и филм. Во Антологијата на новата европска драма со наслов ММЕ… чиј приредувач е проф. д-р Јелена Лужина (Магор, 2004, Скопје) која за наслов го има насловот од драмата на Дејан Дуковски Маме му ебам кој прв почна, авторката вели дека оваа антологија посветена на новата европска драма не можела а да не ја содржи и симболичната посвета на Роберто Зуко. Во воведниот текст Театарот како шлаканица, заклучува: На студентите им кажувам и докажувам дека станува збор за драма која, меѓу другото, успеала маестрално да го најави сето она (насилство) што во европската драматика ќе се случува во деведесеттите… кажувам и докажувам дека такви најави имало и порано, ама дека имало многу причини имено за оваа драма на Колтес некои критичари да напишат оти профункционирала како Хамлет на дваесеттиот век.
Тој Хамлет на дваесеттиот век актерот Рефет Абази го игра по вторпат. Толкувањето на еден ист лик во два режисерски концепта е сложена работа за секој актер, на што на сегашново толкување на Абази на Зуко треба да се додаде и товарот од шесте изминати години во животот на Абази, знаејќи дека Зуко останал ист по годините кога е и напишан, а и првпат одигран од самиот Абази. Двата елемента, Абази како Зуко ги решава на начин кој соодветствува на сегашното видување и на ликот и на вкупноста на драмата. Претставата на В. Милчин е добро спакувана, со естетски код што го поставуваат тој и Абази, но има и посветеност на екипата што е во неа. Бидејќи се работело и со творци кои на таа сцена првпат се среќаваат и меѓу себе и со процесот на работа на гостите од Македонија, заедно стигнуваат до целта: крикот помеѓу рајот и пеколот, помеѓу митското и реалното, помеѓу земното и подземното. Како урбана драма за човекот кој е маргиналец во „здравите“ општества кои го криминализираат „болниот поединец“, отвора битни прашања: кој е криминалецот, кои се лицемерите кои создаваат убијци-трагачи по својата слобода која е само незапирливо паѓање кон бездната!? На сцената се и ликови што ги продуцираат оние кои се прават глуви и слепи во спроведувањето на своите морални светови.
Од своја страна, режисерот Владимир Милчин авторот Колтес го толкува како еден вид на божји пророк кој навести една нова и различна драматургија; понатаму дека со драмата Колтес ни го оставил својот претсмртен тестамент испишан на маргините на општеството и на работ на животот; дека Зуко е Дионис на нашето време, подземно божество распарчено од мртвите души, од тие на кои со крв им го обележува патот кон спасот; шлаканица за хипокритите и за чистите; Кошмари во кои моралните и учтиво цивилизираните ни се откриваат како слепи и глуви за големото страдање во овој свет, кој се лизга сè повеќе кон работ на бездната… и одбиваат да го видат ова лизгање, ова незапирливо лизгање кон катастрофата.
Значи, Роберто Зуко е и Хамлет и Дионис, два различни лика во еден, без разлика од каде и од кое време доаѓаат.
#6 Различноста е дел од сегашната катастрофа против која творците на овој Роберто Зуко бијат своја театарска битка. Основата е во тоа што Роберто Зуко на Рефет Абази е човек-индивидуалец кој сака да го сочува во себе она што го мисли за себе. Тој ги убива татка си, мајка си, инспекторот и едно дете. Но, дали е сериски убиец!? Убивајќи, тој сака да го уништи трагот на своето постоење, да стигне до себе, до своето чистилиште – до сонцето. Неговиот пад е потрага по слободата, по небесната ширина над светот-затвор во кој индивидуата оди кон катастрофа. Оваа состојба Абази ја игра со чувствителност во раздробувањето на тој поган свет, а истата се продуцира и во соиграта со другите ликови. Заедно го создаваат она што го поставува и решава режијата на Владимир Милчин: Роберто Зуко (со светот околу себе) да биде Дионис на нашето време, подземно божество распарчено од мртвите души на оние кои со крв им го одбележуваат патот кон спасот. Или Хамлет, како крал без свое кралство, талкач по вистината, при што сите му го вртат грбот.
Јасно е дека постигнатото е и резултат на распознавањето на идејата на релација режисер Владимир Милчин и актер Рефет Абази. Сите нивни поранешни процеси на работа (во други претстави и со други ликови) го оформуваат системот на оваа соработка на ниво на тандем. Но, во вкупниот процес на овој Роберто Зуко е и екипа со која двајцава докажано соработуваат: Крсте С. Џидров (ова му е втора сценографија за претстава по текстот на Колтес – првата ја правеше за Драмски, што за еден сценограф е сложена работа затоа што својата идеја за текстот веќе еднаш ја кажал) а речиси три децении многу често ги работи сценографиите за претставите на В. Милчин; битна е и соработката со костимографката Марија Папучева и соработката со Марјан Неќак, двајца творци со кои соработуваат и Милчин и Абази.

р.ѕ. Тандемската работа во реализацијата на овие три претстави се огледа во различноста. Се потврдува дека препознаените творци во тандем функционираат на својот најдобар начин. Посебноста е во свесноста за исклучителната различност која се реализира со творци кои си веруваат еден на друг, кои ги толкуваат идеите на заеднички начин и по мерка на другиот.

2018-08-21T17:21:30+00:00 ноември 1st, 2005|Categories: Осврти, Театар/Филм, Блесок бр. 45|