Посебноста на театарската тимската работа

/, Театар/Филм, Блесок бр. 45/Посебноста на театарската тимската работа

Посебноста на театарската тимската работа

ДОН ЖУАН НА АЛЕКСАНДАР ПОПОВСКИ

Молиеровиот Дон Жуан на сцената на Драмски театар е претстава на режисерот Александар Поповски создадена според и со сè она што може на сцената да го создаде актерот Никола Ристановски. Поповски и Ристановски идеите на театарската сцена ги потврдуваат низ неколку проекти во кои двајцата заедно редовно го претвораат просторот на драмското дејствие во свој ринг на кој битката ја добиваат заедно. Со нив во овој Дон Жуан се уште шеснаесет актери, од кои токму оние кои и порано работеле со Поповски рамноправно го градат неговиот став во одбраната на темата, а меѓу нив има и поединци-актери кои само ја пополнуваат идејата. Иако најголемиот товар го носи Ристановски, факт е дека тимот кој е на сцената го сака она што го создава, па макар тоа било со појава, со една или неколку реплики. Наметнувајќи ја идејата, Поповски наметнува темпо низ кое заедно се мисли.
#3 Во остварената мисловност, сè започнува и завршува низ концептот на Поповски кој го раздробува текстот, за чија изведба драматург е Деспина Ангеловска, и потоа применува процес на истражување во кој сцената е простор на кој сè е можно. Низ режисерката идеја и актерската изведба во костимите на Ивана Васиќ, кореографијата на Кренаре Невзати-Кери, како и применетиот видео дизајн и музиката, создадена е претстава која низ остварениот концепт има јасен став кон она што го кажува. Почнува и завршува како театар во театар: во театарот се игра „Дон Жуан“ на Жан-Батист Поклен (1622-1673, Франција) многу попознат како Молиер. Натаму, низ отворената сцена од која се гледа и актерската гардероба, сè е игра и забава на тема лицемерие на глобално ниво.
За Поповски и за Ристановски не е битен чинот дека е тоа драмска приказна за човек без морал кому ништо не му е свето, убиец, еретик, кршач на женски срца кој би се оженил за секоја жена а попатно и за куче, маче… Битна е љубовта и страста во кои е применет отворен процес на докажување дека сè е можно на темата ново демократско уредување кое опстојува на две рамништа на уништување: лицемерие и двоен морал.
Варијациите на уништувањето Поповски и Ристановски ги доведуваат до усвитеност. Поповски го отвора просторот во кој Ристановски како Дон Жуан е испровоциран и задоволен. Заедно истражуваат, бараат, ријат до најскриените детали на најбитното што го поставуваат пред себе: зошто лицемерието и двојниот морал се прифаќаат и зошто не постои борба против нив. Ако воопшто се бараат одговори, тие се собрани во еден – духовноста. Тој однос е длабоко во сè она што се игра на сцената. Никола Ристановски во толкувањето на Дон Жуан (на кој му се додаден и монолог на Дон Луј) истражува во себе и низ себе креирајќи лик кој темната страна на животот ја гради врз неподносливата тежина на лежерноста.
#4 Втората релација што претставата ја мисли е превртениот класичен однос господар-слуга, отелотворен во ликовите на Дон Жуан и Зганарел за кој Поповски поставува/бара нова релација. Зганарел го гледаме како женски лик и го толкува Ирена Ристиќ. Оваа идеја ја истражува комплетноста: половите составени од две половинки – женска и машка – создаваат единство. Ирена Ристиќ како Зганарел (а се преобразува и во други ликови) само навидум е придружник. Тој лик сега низ силината на женската имагинација ги релаксира односите, но и ја заокружува идејата за тоа дека сè е можно. Третата е нивото на радост и задоволство кои се чувствуваат во атмосферата во која е создаден овој Дон Жуан, а на ниво на целина во која ликови ја допревртуваат ракавица на дејствието и е во функција на првите две нивоа на претставата. Практично го затвораат кругот во кој е најбитна љубовта, па затоа (и понатаму) сè е можно. Детаљот и деталите се докажуваат повторно низ мисловен процес во кој се мешаат, се спојуваат, зреат, се создаваат ликови кои низ отвореноста ги надолнуваат другите. Ни Дон Жуан ни Зганарел на сцената не се само тие. Исто е и со другите ликови кои актерите ги играат низ потребата на стожерната идеја да се дојде до глобалното како надополна на себеси. Тоа се ликовите на Шарлота на Снежана Стамеска, на Елвира поделена меѓу Драгана Костадиновска и Милица Стојанова, на Матурина на Сашка Димитровска, на Пјеро на Диме Илиев, на Франциско на Димитар Зози, на Дон Луј на Ацо Јовановски, на Дон Алонзо на Калина Наумовска, на Гузман на Самоил Дуковски, Дон Карлос на Гордана Ендровска, господин Диманш на Лазе Манасковски, Свештеникот на Ѓорѓи Тодоровски, на Виолета Шапковска, Викторија Анѓушева и Душица Стојанова.
Преодите кон новово дејствие на овој Дон Жуан се и во сцените кои Поповски ги остарува како поглед на народот кој низ движења или со малку зборови, го покажува својот став кон лицемериото и двојниот морал.
Претставата не поставува прашања од типот: ќе го достигне ли некој гревот! Или: ќе побара ли некој прошка за гревот! Бара само внимание во откривањето на деталите врз кои се создадени лицемерието и двојниот морал.
Во вкупноста на реализацијата, сепак, сцената им припаѓа на идејата на Александар Поповски за негово читање на Молиеровиот Дон Жуан и како во таквата идеја ќе се вгради актерскиот хабитус на Никола Ристановски. Заедно стигнуваат до целта на идејата што е пред нив. Низ она што го достигнале, докажуваат дека се режисерско-актерски тандем кој функционира низ заедништво во толкувањето на ставот што заедно го откриваат и потоа го остваруваат.

2018-08-21T17:21:30+00:00 ноември 1st, 2005|Categories: Осврти, Театар/Филм, Блесок бр. 45|