Посебноста на театарската тимската работа

/, Театар/Филм, Блесок бр. 45/Посебноста на театарската тимската работа

Посебноста на театарската тимската работа

Свесното како исклучителната различност

На три различни сцени Слободан Унковски, Александар Поповски и Владимир Милчин поставија претстави по текстови на Чашуле, на Молиер и на Колтес, на кои заедничкото им е работата со творци кои си веруваат едни на други и процесот на работата кој ја истражува индивидуалноста која натаму се вградува во единственоста на целината

Режисерите Слободан Унковски, Александар Поповски и Владимир Милчин (според редоследот на изведбите на новите претстави) со најновите театарски творби ја продолжија својата посветеност на работа со свои тимови. Иако станува збор за претстави создадени во различни средини, тројцава режисери нив ги реализираа со творци со кои функционираат низ принципот на тимска работа. Токму во тоа е и предизвикот од реализираното, зашто го докажуваат веќе докажаното во театарот: секоја идеја се остварува само преку тимска работа. Нивниот нов сценски интерес се драми на автори од различни просторни и временски милјеа. И уште нешто: ова се тројцата режисери преку чиј ракопис се прави идентификацијата на театарските настани, процеси и проекти кои ѝ дадоа печат на македонската театарска продукција во оваа 2005 на заминување.
Слободан Унковски ги постави Црнила 005, според драмата на Коле Чашуле во Македонскиот народен театар во Скопје (11 јули, 2005). Унковски во овој ансамбл доаѓа по време од речиси две децении: во 1986 година ја реализира претставата Ништо без Трифолио по текст на Русомир Богдановски. Сега, работејќи претстава по драмата Црнила на Чашуле, Унковски претставата ја именува како Црнила 005, што е еден од адутите кои се во совршена хармонија меѓу идејата и реализацијата. Околу или со него во овој проект главно се творци со кои најцелисходно ги реализира идеите, потврдувајќи дека тимот што победува не се менува, што го потврдува и публиката која одамна не го полнела толку салонот на МНТ.
Александар Поповски во Драмски театар во Скопје го постави Молиеровиот Дон Жуан (премиера на 18 јули 2005 во Охрид, а на сцената на Драмски на 1 октомври 2005), верувајќи во себе, во идејата и во тимот со кој е реализирана сложената структура на претставата. Со многу љубопитство од страна на публиката, овој Дон Жуан на Поповски сега е најгледаната претставата во Драмски, иако во меморијата на овој театар се уште две изведби на овој текст: во 1980 во режија на Љубиша Георгиевски и во 1994 во режија на Ненад Стојановски.
Владимир Милчин драмата на Бернар Мари Колтес Роберто Зуко, која се сместува во зачетоците на новата европска драма и деценија и половина не се симнува од театарските сцени во светот, ја постави на сцената на Националниот театар во Приштина (премиера на 8 ноември 2005). На таа сцена и со драмска претстава Милчин се врати исто по две децении: во 1985 година во тогашното Покраинско народно позориште – Албанска драма, го режираше Дервишот и смртта на Меша Селимовиќ. Во сегашната работа и во новите констелации, Милчин на сцената во Приштина драмата ја постави со поголем свој тим на творци со кои работи во Македонија. Практично, тие ја изнесуваат претставата, а Милчин докажува дека тимската работа, освен што е најбитна, може да се пренесе и од една во друга средина.
Од овие, условно заеднички допирни точки на творците, изведен е и овој интерес за нив како повод за заедничко вреднување. Исклучителната различност на секоја од нив одделно е очигледна, од едноставна причина што секоја од трите претстави има своја посебност и меѓу себе немаат никаква допирна точка, освен кажаното – реализирани се со творци кои си веруваат еден на друг, и зад себе имаат повеќе такви реализации низ кои резултатите се видливи токму низ нагласената тимска работа. Затоа, ова што следува за секоја од нив поодделно е посебност за себе и се разгледува и оценува токму низ посебноста.

2018-08-21T17:21:30+00:00 ноември 1st, 2005|Categories: Осврти, Театар/Филм, Блесок бр. 45|