Интрaкултурална театарска дисперзија

/, Театар/Филм, Блесок бр. 45/Интрaкултурална театарска дисперзија

Интрaкултурална театарска дисперзија

Значи, во мултикултуралните претстави, матично-културните знаци опстојуваат напоредно еден со друг, не се мешаат, туку претставуваат „политички коректна“ изложба/егзибиција на повеќекултурни вредности. Тоа е театар, кој ја зема за почетна – идеја да се пренесат и другите култури, но не и да се запознаат, да се опсервираат и потоа заеднички да се пренесат од една во друга, како што е примерот со интеркултуралниот театар, кого претходно споменатиот речник
го дефинира како, театар насочен во потрага по заборавените и потчинетите национални традиции, со цел да се оствари стил на претстава во којшто на подзаборавените извори ќе им се даде можност да се изборат за подобра ситуираност на релација со „надворешните влијанија.”(Ibid.). Попрецизно пренесено, интеркултуралниот театар проучува, истражува, презема и разменува помеѓу две и повеќе култури, и тоа се препознава. Интеркултуралниот театар е театар на истражувачи и проучувачи, најчесто, режисери, за кои другите култури се предизвик за да можат да ја запознаат својата култура.
Каде е тука интракултуралниот театар? Идејата за интракултуралниот театар е во непосредна релација со интеркултуралниот театар. Во оваа пригода, театарот е место во кое елементите од матичната култура ќе бидат истражувани, проучувани, елаборирани и истите ќе бидат анализирани во контекст со другите култури. Процесот е иреверзибилен. Значи, не тргнуваме од другите култури да се запознаеме себеси (интеркултурален театар), туку својата култура ја разгледуваме како можност за општо-човечка култура, не едноцентрична (би рекла не – арогантно – нашата е единствена!), туку нашата, мојата култура има исти елементи со повеќето светски култури. Тоа не значи обезличување на матичната култура, туку создавање на една полифона култура, врз принципот на Еуџенио Барба – слични принципи-различни претстави. Многу е практична оваа идеја во однос на театарот, поради ритуалните и магиските корени на театарот и неговата општоприфатена – синкретичност. Затоа што по својата природа театарот е разнороден, полифон, повеќечинителен и со самото тоа повеќе приемчив за истражувања во рамки на културите. Театарскиот чин го прават повеќе учесници, секој со својата култура, или ако со од истородна култура, тогаш – секој со своето сфаќање за културата. Интракултуралниот театар истражува во себеси и резултатите на тие истражувања ги прикажува во текот на изведбата. И секогаш истражувањата на интракултуралниот театар се логична последица на истражувањата на интеркултуралниот театар. Затоа и оваа моја студија се движи во корелација со темата на нашата Научна конференција.
Интракултуралноста е специфичен модел на мултикултурниот концепт во една култура. (Ibid.) Ако мултикултуралноста ги промовира разликите меѓу културите во едно општество, интракултуралноста се залага за истостите (истите елементи) на културите како присуство во другите култури во едно општество.
Интракултуралноста е суштинска спротивност на вулгаризацијата на мултикултуралноста: наспроти нејзината деструктивност, заговара афирмативност. Со други, зборови, интракултуралноста го промовира начелото на „истост” во различните култури, што претставува специфично изедначување на разликите. Оттаму, едновремената свесност и за припадност кон својата, сопствената (вклучително – различната) група и за припадноста на едно пошироко културно милје, поточно културолошки склоп.
(Ibid.) Врз основа на оваа дефиниција, може да се формира, или детерминира идејата за интракултуралниот театар.
Интракултуралниот театар е специфичен начин на театарска изведба, кој би се насочил кон детекција, опсервација, елаборација и пред се, уметничка креација на истородните елементи од една култура во однос на полифоните култури! Но, тоа не би значело да се сведат елементите од повеќето култури во една заедничка, туку да се проучат и прифатат како исти од повеќето различни. За да биде појасно кажаново, би сакала да дадам еден едноставен пример. Ако во една театарска претстава концепцијата на режисерот е насочена кон поставување на знаците од неговата матична култура на рамниште на еквивалентност со културите на другите учесници во претставата (актери, сценографи, костимографи, музичари, сценски работници, …), тогаш неговата претстава ќе биде интракултурална. Се разбира дека претходно мора да биде истражена проблематиката на интеркултуралноста за да се постави свесност за интракултуралност.
Интракултуралниот театар е модел на театар на новиот милениум! Причината е во можноста за комуникација, која од ден во ден е се поголема. Станува збор за глобална, интернет комуникација, која не е затворена меѓу трите ѕида и публиката од страна на четвртиот во традиционалната сцена кутија. Ова е театар на „новите деца“ кој својот брз начин на промислување го делат со припадниците на сите светски култури. Кои својата култура ја презентираат како дел од глобалната светска култура, но не и „ги сечат крилјата“, туку, напротив, и раснат нови, за да може полесно да се совладуваат пречките.
Ако интеркултурализмот беше состојба на умот или начин на работа во последните децении на ХХ век, како што го дефинираше Бони Маранка/Bonnie Maranca, тогаш интракултурализмот ќе биде начин на живот и состојба на умот и емоциите на новото време. Всушност, да бидам радикална, па да кажам, дека надвор од сите политчки коректности, интракултуралниот театар е модел на идеален театар на XXI век!

3. За Идеалниот театар на XXI век


Идејата за интракултуралниот театар и идејата за идеалниот театар на XXI век меѓусебно се поврзани и се преплетуваат. Помеѓу тие две идеи, најверојатно, се наоѓа и идејата или поточно, визијата на Антонен Арто/Antonen Artaud за театарот! Ако интеркултуралниот театар е театарски модел, основа на интракултуралниот театар, тогаш може слободно, визијата на Арто за театарот – суров, базичен, уметнички да ја претпоставиме како база на идеалниот театар на XXI век.
И во духот на интеркултурализмот тие две идеи би требало да се поврзат повеќекратно меѓусебе. Кога зборувам за идеален театар на XXI век, мислам на една од можностите кон кои би се развивал театарот. Не зборувам радикално, но мислам на раскинување со некои троми, традиционални „ортоми“ кои го одликуваат театарот што го живееме. Затоа и интеркултуралниот театар е добра појдовна точка да се размислува за интракултуралниот, како театар на XXI век, и тоа идеален!
Не би сакала да навлегувам во филозофски расправи за тоа што би можело и треба да биде идеален театар. Само мислам дека најлесно би го дефинирала и како најможен и најподложен кон основните нуклеуси на театарот. Идеален и тоа НЕ – од позиција на човекот – теоретичар/критичар/практичар, туку САМО И ЕДИНСТВЕНО од позиција на ТЕАТАРОТ! Накратко, ТЕАТАР ЗА ТЕАТАР! Наједноставно би го дефинирала со помош на сликите за непосредниот театар на Питер Брук/Peter Brook или на сиромашниот театар на Јежи Гротовски/Jerzy Grotowski. И двајцата репсектабилни театарски (не само!) режисери на ХХ век, со својата активност ги поставуваат фундаментите за сите нас – и теоретичарите и практичарите – да размислуваме за тоа дали може да се создаде интракултурален театар и тоа како модел за идеален театар на новото време.
Во тој контекст би сакала да напоменам и едно мислење кое е во контекст со претходните промислувања, а кое тргнува од сосема поразлични начела. Професорот Филип Б.Зарили/Phillip B.Zarrilli од Универзитетот во Висконсин-Медисон пишувајќи за причините поради кои се решил да ја приреди книгата со наслов Acting (Re) Considering – Theories and Practices (1995) артикулира и една од идеите за мешањето не само на културите, туку и меѓу теоријата и практиката. Иако насочен само кон актерството, овој зборник за мене беше учебник од кој јас ги извлекував нишките за проткајувањето на идејата за интракултуралниот театар. Во Општиот вовед на книгата, Филип Б.Зарили запишал: Има многу јазици и дискурси на актерството, секој од нив напишан/говорен од поединечна гледна точка. Теоретичарите често им зборуваат на теоретичарите, практичарите само на практичарите. Многу ретко тие си зборуваат едни со други (…), за да заклучи дека од оваа гледна точка правењето театар е начин на социо-културна практика. Самиот не е невина или наивна активност одделена од или над или преку секојдневната реалност, историја, политика или економија. (Zarrilli, 1995: 1)
Почетокот е токму тој. Главниот збор е комуникација! Во основата на секоја комуникација е размената. Ако за интеркултуралниот театар е важно да се отпатува, преземе и размени, да го запознаеме другиот за да се запознаеме себеси, во интракултуралниот театар тоа е веќе направено и сега останува надградбата. Базирано на осознавањата на истостите меѓу повеќето култури (бидејќи денешното општество е полифоно – ако ги преземеме зборовите на Едвард Саид) промислувањето за интракултуралниот театар би требало да го сместиме во рамки на матичната култура. Теоријата е секогаш подобра за консумирање ако е аплицирана практично и поради тоа би сакала да ги елаборирам македонските примери.

АвторАна Стојаноска
2018-08-21T17:21:30+00:00 ноември 1st, 2005|Categories: Теорија, Театар/Филм, Блесок бр. 45|