Интрaкултурална театарска дисперзија

/, Театар/Филм, Блесок бр. 45/Интрaкултурална театарска дисперзија

Интрaкултурална театарска дисперзија

или, За поновите македонски театарски работи

ИНТЕРКУЛТУРАЛЕН ТЕАТАР
– Меѓународна научна конференција –
СКОМРАХИ – 2005
30 март 2005, ФДУ – Скопје

Насловот на оваа моја студија, можеби, поедноставно ќе беше да гласеше За Идеалниот театар на XXI век. Со именувањето на театарот како идеален, меѓутоа, ќе требаше да размислувам од позиција на надреденост што и не ми е целта, па затоа ќе останам во рамки на овој наслов, а идејата за идеалниот театар ќе ја споменам малку подоцна, како логично решение на равенката Интракултурален театар или модел на театар за новиот милениум. Меѓутоа, мислам дека за почеток е потребно да објаснам зошто токму Интракултурална театарска дисперзија, поточно зошто дисперзија – термин преземен од лексиката на физиката, на кој му припишувам теориски референтна семантика. Тргнувајќи од идејата за интракултуралноста како идеја за препознавање на истостите меѓу повеќе култури, и потребата да не се дозволи „глобализација“ на идејата, предлагам нејзино дисперзирање/распрскување на сите страни, посебно од страна на театарот чија интракултуралност е моќна, видлива и препознатлива. За да не се спојуваат во една тромава, досадна смеса на повеќекултури, целта на овој текст е да насочи кон тоа истостите да се дисперзираат и да се истражуваат понатаму во општа глобална констелација и контекстуализација.

1. Стартен импулс или Разнокултуралноста и театарот

Како и во добрите стари приказни, и во нашата театрологија, секоја идеја има свој магичен, мистичен, формулаичен почеток. Ако во приказните матрицата почнува како „Си беше еднаш…“, тогаш во театрологијата, почетоците на приказната за интеркултуралниот театар ги откриваме во „егзотичните“ проучувања на театарската антропологија. Тоа е онаа научна дисциплина од редот на многуте театролошки дисциплини, која, како што би напоменал и Еуџенио Барба/Eugenio Barba („нејзиниот татко“, може да се рече), дава низа од мали, корисни совети за тоа како „се прави театар“.
Интеркултуралниот театар е еден од предметите на проучување, или поточно една од еманациите на театарската антропологија.
Предизвикана од насловот на оваа Научна конференција, за предмет на моето проучување, (во координација со театарската антропологија) избрав еден нов – за проучувачите – феномен, наречен – ИНТРАКУЛТУРАЛЕН ТЕАТАР!
Што е тоа интракултуралност, кои се нејзините основни координати, како се дефинира, детерминира и експлицира? – сé се тоа прашањата од кои започна мојата игра со интракултуралноста. Причината ја пронаоѓам во потребата да се детектираат, детерминираат и експлицираат повеќето од „лицата“ на театарската антропологија. Театарската антропологија се наоѓа на едно специфично изделено „помеѓу“ место,
што ја дели територијата и со науката и со задоволството (според Ролан Барт/Roland Barthes).
Затоа и ја започнувам мојата студија за интракултуралниот театар, во рамки на Научната конференција „Интеркултурален театар“ – како игра и тоа игра која е повеќеслојна, повеќедимензионална и разнострана. Причината е во тоа што играјќи си со идејата за културата во која живееме, а и за уметноста која ја создаваме, која е повеќе-културална, јас би рекла разно-културална, корените треба да ги (про)најдеме во теоријата на играта. Во оваа студија насловена како една игра или Интеркултурална театарска дисперзија или За поновите македонски театарски работи, играта е моделот за создавање на теорија за интракултуралноста. Како што и познатиот авторитет за оваа област, холандскиот филозоф Јохан Хојзинга/Johan Huizinga, ќе напише дека играта е постара од културата; зашто, колку и да е поимот на културата недоволно разлачен, тој секако подразбира човечко општетство, а и животните не чекале на луѓето овие допрва да ги научат да играат. (Хојзинга, 2003: 85)
Дигресијата со играта е намерно направена, за полесно да се сфатат некои од теориските екпликациите што ќе следуват понатаму.
Театарот е еден вид на игра. И теоријата на театарот, и театрологијата на театарот ги поставуваат своите правила како правила на игра. Ова може да биде само една од перспективите на гледање на феноменот – театарско уметничко дело, што во овој контекст ни е нужна и насушна. Оваа студија од стартот се насочува кон детерминирањето на поимот за интракултурален театар, поставен некаде над мултикултуралниот и интеркултуралениот театар, неговата потенцијална апликација врз македонски пример, разработката на идејата за Идеален театар, како и можностите за истражување на интракултуралноста во македонскиот театар. Иако навидум е пообемна тема, мислам дека заслужува и повеќе од една студија за да биде истражувана и елаборирана.

2. Интракултурален театар – теориска експликација


За да може полесно да се дојде до идејата за интракултуралниот театар, би сакала да потсетам на некои од базичните идеи за мултикултуралниот и интеркултуралниот театар. Тоа се почетните координатите на истражувањето што и претходеше на студијава. Почетокот на играта е насочен кон консултација со повеќето проучувачи на овој феномен, авторитети за оваа област. Она што следува подоцна, идејата, теоријата и нејзината потенцијална апликација се резултат на мојот разговор со нив, на мојата игра со текстовите, студиите, книгите на повеќемината авторитети, консултирани за зададената проблематика.
Играта започна со еден од есеите собрани во книгата Начин на актерска игра/Way of Acting (1985) на прочуениот јапонски режисер, Тадаши Сузуки/Tadashi Suzuki, (станува збор за есејот The Grammar of the Feet) во кој тој го пренесува мислењето со кое и самиот не се согласува, па затоа и решава да ја создаде својата театарска трупа во која ќе може да ги практицира своите идеи за театарот. Мислењето со кое во текот на својата долгогодишна практика се соочувал Тадаши Сузуки се однесува на тоа дека во еден период од светската театарска историја можело да се играат претстави само во истородни култури (а такви се малку, ако не и да ги нема воопшто), поради непознавање на другите култури. За Тадаши Сузуки, но не само за него, туку и за големото семејство почитувачи на оваа идеја, културите не се истородни, туку се полифони1F. Полифоните култури во себе ги содржат карактеристиките на матичната култура од која потекнуваат, но се конзумираат само сите заедно, затоа и звучат како полифонија, во која хаосот на повеќезначението е заменет со редот на врските помеѓу културите, значи – интеркултуралност! За да можам полесно да ја дефинирам теориската експликација за интракултуралниот театар и јас за појдовна точка го презедов мислењето на Сузуки, дека не е важно да се играат претстави на исти култури, туку е повеќе од потребно да се истражуваат истите тие култури за да станат наши, познати, а не непознати или туѓи.
Откривањето на повеќето култури кои нé интересираат за уметничко креирање или теориско елаборирање, и нивното дисеменирање во театарските уметнички дела, може да се претпостави на повеќе начини: мултикултуралност, интеркултуралност, транскултуралност, интракултуралност,…
Играта со разните-културалности може да оди во бескрај. Затоа ќе пристапам кон потесна експликација и спецификација на термините интер–, мулти– и интра-културалност, за да може потоа да се аплицираат врз македонската театарска практика.
Во еден од речниците на теориско-театролошки термини, интеркултуралноста е дефинирана како посебна филозофска и естетска перспектива на системот на културата која подразбира вклучување и активирање на различни култури во еден концепт. За разлика од мултикултуралноста, тоа е состојба во која различните култури мораат нужно да доаѓаат во допир (В. http://www.mactheatre.edu.mk/Нови прилози/Речник на теориско-театролошки термини /Интеркултуралност (10 feb. 2005)).

#b
1. Терминот полифона култура за прв пат го сретнав во интервјуто на Едвард Саид (автор на книгите Orientalism, The World, the Text and the Critic и Musical Elaborations), во кое тој одговарајќи на прашањето за една од претставите на Питер Брук ќе наведе дека станува збор за претстава која е работена врз основа на идејата за полифоните култури. Мислам дека за потребите на оваа студија беше и повеќе од потребна теориската референца полифона култура. Нејзините почетоци може да се бараат и во идеите на Фридрих Ниче во книгата Раѓање на трагедиијата, каде што тој пишува за трагедијата во контекст со полифоните култури.

АвторАна Стојаноска
2018-08-21T17:21:30+00:00 ноември 1st, 2005|Categories: Теорија, Театар/Филм, Блесок бр. 45|