Го најдов патот и ќе продолжам по него

/, Театар/Филм, Блесок бр. 44/Го најдов патот и ќе продолжам по него

Го најдов патот и ќе продолжам по него

#14И за настапот на Фестивалот Театар-Простор во Истанбул имавте проблем, но потоа и голема чест – да играте повторно и да го затворите?
Проблемот беше во тоа што аплицирав за пари кај нашето Министерство кое е задолжено за тоа, и особено поради фактот што јас не требаше да одам да се шетам. Имав покана од уметничкиот директор на Фестивалот, а добив негативен одговор од нашето Министерство. Потоа со министерот имав неколку средби и тој конечно се реши да ми додели некаква партиципација. Меѓутоа, што: од Македонија имаше три претстави – Хасанагиница на Битолскиот театар и Азиснаме на Турскиот театар. Од целиот свет имаше 28 претстави, што значи 24 земји учествувавме на ова второ фестивалско издание, кое и со програмата и со организација е на многу високо ниво. Нешто што и самиот се изненадив е фактот што откако ја одигравме претставата од бордот на фестивалот и од неговиот уметнички директор добив покана со Татко да се заокружи Фестивалот – да го одиграме уште еднаш – на неговото затворање.

#15И пред публиката во Москва веќе игравте двапати – минатата и оваа година?
Минатата година во Москва, на 12 и 13 март, во Театарот – Работилницата на Пјотр Н. Фоменко, во кој е и Иван Поповски, го игравме Дневникот… Сакам да кажам, да се потсетам на една моја желба: колку што сакав да го играм Гогољевиот Попришчин, толку сонував да го одиграм и во Москва.

Ќе Ве прекинам: Москва е и сонот на сестрите Олга, Маша и Ирина од Трите сестри на Чехов?
Да, но разликата меѓу Бајруш и трите сестри на Чехов кои сонуваат да стигнат до Москва, е голема. Тие никогаш не стигнаа во Москва, а јас да, знаејќи дека Гогољ е автор кој во Москва е игран многу пати и од врвни актери. За мене беше огромна провокација актер од ова поднебје, од Балканот, да игра во Москва пред таа театарска критика, публика, пред тие театарски луѓе. Тоа не беше само голема одговорност, туку и смелост. Сега можам да кажам: ајде, не се плашам од ништо.

Продолжете со второто гостување – годинава?
Годинава во септември, во рамките на Деновите на македонската култура во Русија Татко во Москва го игравме во Театарот на Мајерхољд пред публика која ме помни од Дневникот… од минатата година, а во Санкт Петерсбург каде публиката не ме знае на сцената на Театарит на комедијата и музиката во прекрасниот амбиент на Малата сцена. Мислам дека таму ја одигравме најточната верзија на Татко. Од тоа што слушнале или видоа, за идната година добив покана да учествувам на Фестивалот на монодрамата во Санкт Петерсбург и тоа со Дневникот на лудиот.

#16Не ги спомнавме наградите, едно време овде Ве заобиколуваа а надвор ги добивате?
Дневникот… досега има четири награди: на минатогодишниот фестивал во Приштина јас ја добив единствената за актерско остварување а Иван Поповски единствената за режија, втората е во Фиер, Албанија на Фестивалот на актерот – чиј износ е солидни 3.500 евра, потоа првата награда на Фестивалот во Киев оваа година, во Отешево ја добив наградата Актер на Европа и кога таму чув што сè треба да добијам бев многу среќен. Според тоа што ми беше речено, во рамките на некоја активност на УНЕСКО треба да ми биде објавена биографијата, но до ден денес никој не ми се јавил. Татко доби пет награди на МТФ Војдан Чернодрионски 2004, покрај за режија, две за актерска игра, за дизајн и за претстава во целина.

Две години по ред, прво Дневникот… во 2002, а потоа и Татко, беа во програмата МТФ Ристо Шишков, две години пред и за време на фестивалот фаворит за единствената награда бевте Вие, а на крајот жиријата соопштуваа нешто друго? Прво бевте многу лут кога не ја добивте за Попришчин, а годинава прифативте да бидете селектор?
Кажав дека кога почнавме да го работиме Дневникот на лудиот сакавме претставата да ја има премиерата на Фестивалот на камерниот театар Ристо Шишков во Струмица. Кога почнав да го работам Попришчин мислев на Шишков, на неговата енергија. Го имав во мислите и кога го правевме БААЛ на Брехт со кој исто на фестивалот во Струмица не отидовме поради пропозициите: претставата имаше повеќе од шест актери… Навистина бев лут кога не ме наградија за Попришчин. Свесен бев, тоа беше во 2003 година и имаше зовриени глави дека Албанец не може и не смее да добие награда во Струмица. Следната година отидовме со Татко, и се повтори истото. Но, научив дека не треба на секој фестивал да се оди за да се добие награда, а на тој треба да се оди за прекрасната струмичка публика. Прифатив да бидам селектор затоа што мислев дека можам да сменам нешто.

#17Мислите дека успеавте да смените нешто?
Не, и затоа мојата селекција за годинава 2005 ја нареков аксидентална. Зошто? Затоа што од 12-13 пријавени претстави девет ставив на програмата, што значи дека немав што да селектирам. Немаше воопшто место и простор за селектор, но имам и моја дилема. Мислам дека физиономијата и карактерот на фестивалот не кореспондираат со она што беше актерот Шишков. Мислам дека е навредено актерството на Шишков затоа што тој не беше актер во камерни театарски форми, тој беше актер – да не кажам со што. Тврдам дека тој фестивал мора да го менува ликот, критериумите, да не е фестивал на камерен театар туку фестивал на актерот или на актерството. И вториот проблем, кој е многу битен, е што за тој фестивал ниту еден од театрите во државата не покажува никаков интерес. Ниту една претстава не е направена со идеја дека ќе се игра таму, како што се прават за другите: за Војдан Чернодрински, Охридско лето, МОТ…

Значи ли тоа дека само сте одиграле некаква своја нова улога, сега од нов карактер – селектор?
Не, мојот став е јасен: бескрајно ја почитувам таа публика зашто и таа мене ме испочитува. Сакав да видам што можам да направам за неа и за покојниот Ристо Шишков. Сакав да го поддржам отворањето на фестивалот од домашен кон интернационален, но и со силни актерски индивидуи. И тоа на крајот не излезе. Чудното фестивалско жири награди актер кој исто за мене беше фаворит – Васил Зафирчев во Последниот маж, последната жена, но само додека не ги видов и другите претстави.

#18Да завршиме со Вашиот живот вон театарската уметност: во домот покрај себе ги имате шестте жени на Вашиот живот: сопругата и петте ќерки. Се чувствувате ли блажен меѓу толку жени, и колку имате време за нив?
Ха. Ха. Да, и тоа колку. Моето семејство, моите шест девојки, се мојот постојан импулс, мојата сила да бидам успешен во професијата. Колку сум со нив, колку сум врзан за семејството, тоа најдобро го знаат тие. Но, ги сакам и жените што ги среќавам и надвор од дома.

(Разговорот е воден на 16 септември 2005 година и мал дел по враќањето на Б. Мјаку од Париз)

веб сајт на Бајруш Мјаку: www.bajrushmjaku.com

АвторЛилјана Мазова
2018-08-21T17:21:31+00:00 септември 1st, 2005|Categories: Осврти, Театар/Филм, Блесок бр. 44|