Го најдов патот и ќе продолжам по него

/, Театар/Филм, Блесок бр. 44/Го најдов патот и ќе продолжам по него

Го најдов патот и ќе продолжам по него

#12Покани за фестивали Ви стигнуваат лесно и често, но секогаш имате проблем за средствата и како стигнете до фестивалската дестинација?
Во септември минатата година аплицирав во Министерството со поканите што сум ги добил за 2005 година. Од тие фестивали досега ја реализирав само поканата за Сараевската зима, за Фестивалот на монодрамата во Киев и Фестивалот Театар-Простор во Истанбул. И оваа година ми пропадна официјалната конкуренција на Фестивалот во Каиро со Татко, со истиот проект ми пропаднаа и учествата на уште неколку други фестивали, ми пропадна со Дневникот на лудиот во Ереван… Тоа е загуба за земјава, затоа што со тие претстави на највистински начин ги претставувам театарските достигнувања од државава. Во Министерството мора да се најде начин да се остави буџет за вакви проекти кои не одат да се шетаат низ светот туку да ги претстават театарските достигања од земјава. Не треба да се дозволи секој театар или секоја претстава или проект да се шета некаде. Во решенијата за парите за тие гостувања не смее да одлучува еден човек, туку група која ќе прави селекција за тоа кој може да нè претставува надвор. Најсвеж пример е она што ми го кажаа во Киев: фестивалот годинава го имаше шестото издание, како Попришчин од Дневникот… ја освоив првата награда, а пет години таму биле претстави од тука, но какви и зошто.

Чудна е судбината на Вашите Татко и Дневникот на лудиот – се играат многу повеќе надвор отколку дома?
За жал, се играат само надвор. Една вечер ме сретна писателот Илхами Емин и ме праша кога Бајруш Мјаку ќе гостува во Скопје. Тука живеам, тука создавам а многу ми е тешко да ги организирам претставите. Се разбира, не во однос на публиката. Мене постојано ми се јавуваат Албанци, Македонци, Турци… и ме прашуваат кога ќе можат да ги гледаат Дневникот на лудиот или Татко. На Дневникот… во Киев му беше 35 реприза, а на Татко 22-та во Санкт Петерсбург. Во екипите на двете претстави имаме договори за по десет претстави, и сега за сите други се снаоѓаме.

Како изгледа тоа, од што?
Од она што се добива од фестивалот на кој играме, тоа го делиме во екипата. При секое мое одење во странство, по она што ми го дава Министерството, јас давам и од мојот семеен буџет.

Затоа ли некои луѓе од театарот се откажуваат од него, одат во пратеници, советници, амбасадори, кандидати за претседатели?
Ха… Тоа докажува дека сме способни и нè бива за сè. Паметни сме! Ајде и вака, сериозно: во театарот, всушност, има две категории на глумци – едни кои се сакаат себеси во театарот а не театарот во себе, и други кои знаејќи дека во него не ги бива – си бараат друг излез. Бегаат од театарот и затоа што се убедени дека немаат што да му дадат. Другата позиција им дава можност да заработат многу повеќе – 4 седници во текот на месецот, на пример на ниво на Градско собрание, значат една цела актерска плата.

#13Есенва Ви е полна со гостувања надвор, а и подготвувате претстава – Вие како режисер во која се уште двајца актери; значи ли ова нов вид на ангажман?
Никогаш во животот не сум помислил дека треба да бегам од мојата професија и да се занимавам со туѓа. Режисерската професија мене ми е туѓа и претставата не ја правам затоа што сум се умислил дека можам да сум и режисер. Со моите колеги Веби Керими и Сефедин Нуредини случајно се договоривме да го работиме текстот ЗОО приказна на Едвард Олби – Веби го игра Џери, Сејфо – Питер. Затоа што сум приврзаник на амбиенталниот театар, проектот го правам надвор – во амбиент. Ако е зоо приказна, треба да е во парк, па затоа го одбравме просторот во дворот на Театарот. Но, ова не значи дека почнувам да се занимавам со режија. Не, јас сум актер и ќе го продолжм тоа сè додека сум убеден во себе дека имам што да ѝ дадам на публиката.

Минатата година со Дневникот… и со Татко гостувавте во Париз; имаше забелешки од типот дека Македонија ќе ја претставува албанска претстава во рамки на Денови на албанска култура, а овој месец пак игравте таму?
Тие денови минатата година се организираа во Париз, во општината Ил Сент Дени. Имав покана да ги прикажам моите две независни продукции – Дневникот на лудиот и Татко. Годинава по вторпат се организира таа манифестација, како Недела на албанската култура. Оние што го организираат ова, кога во својата општина се обратиле за пари, министерот за култура на таа општина, тој е ликовен уметник и беше презадоволен од моите две претстави, им рекол дека ќе добијат пари ако Дневникот на лудиот пак гостува а дека тој ќе среди да се игра во друга општина. Знаејќи дека ќе имам проблеми со финансиите и дека сам морам да најдам начин како да стигнам до Париз, се работи за сума од 4-5 илјади евра, знаејќи дека од Министерството за култура на РМ нема да имам финансиска поддршка, предложив на Неделата на албанската култура да оди Албанскиот театар од Скопје со претставата која е денс-театар Кон себеси. Испратив двд а дојде и човек од организацијата на Неделата. Така јас на 7 и 8 октомври во рамките на таа манифестација го играв Дневникот…, а на 10 и 11 октомври се играше Кон себеси.

Не ги разјасниве забелешките на душегрижниците за тоа дека на манифестација на албанска култура Вие ја претставувате Македонија?
Не е точно. Таа беше Недела на сеалбанска култура на која учествуваа уметници од Албанија, од Македонија и од Косово. А тоа ако чаршијата мисли дека албанската култура е само во Албанија, немам што да ѝ кажам, затоа што таа култура живее и на ова поднебје, си има своја историја и свој дострел. Меѓутоа, за свој голем успех го сметам фактот што покрај мене имам луѓе кои мислат како што јас мислам.

АвторЛилјана Мазова
2018-08-21T17:21:31+00:00 септември 1st, 2005|Categories: Осврти, Театар/Филм, Блесок бр. 44|