Пат за Парамарибо

/, Театар/Филм, Блесок бр. 36/Пат за Парамарибо

Пат за Парамарибо

Лица
1. Марибор, Парамарибо
2. Бостон, аеродром

Чекалница од железничка станица. Ноќ.
Во чекалницата дреме возрасна жена. Облечена е во демодиран летен фустан. На главата носи стара шапка. Покрај неа, мал излижан куфер.
Средовечен маж, со зембил во рацете од кој ѕиркаат две шишиња затворени со тапи. Тој гледа кон перонот. Се подвраќа и нервозно воздивнува.
Втрчува млад човек.

МЛАДИЧОТ:
(Задишан, кон човекот)
Да не задоцнив?

Овој каприциозно се врти на другата страна и не му одговара.
Жената ја крева главата, го погледнува младичот. И повторно ја спушта во продолжениот дремеж.

МЛАДИЧОТ:
(Сега кон неа)
Се извинувам, дали возот…

Жената го одмерува од глава со петици.

ЖЕНАТА:
Доцни.

МЛАДИЧОТ:
Доцни? Прашувам за…

МАЖОТ:
(Не издржува)
Сите доцнат.

МЛАДИЧОТ:
Не е можно!

МАЖОТ:
Ти, бе, што се правиш на удрен. Како да не знаш што све овде не се случуе. Можда припукале на композицијата. Можда подметнале бомба под возот. А може да касни, као и обично.

МЛАДИЧОТ:
Мене, знаете, ме интересира возот за…

МАЖОТ:
А мене што ме интересира? Ја да не чекам пајтон на железничка станица. (Го поткрева зембилот со двете шишиња, со смекнат тон) Него, дете, да не сакаш ти малце ракиичка? Убава е, за своја душа праена.

МЛАДИЧОТ:
Благодарам, не пијам.

МАЖОТ:
Е, тоа ви е грешката. Не пиете, али се дрогирате.

МЛАДИЧОТ:
Молам?

МАЖОТ:
Боље алкохоличар него наркоман. (Младичот зачудено го погледнува) Тоа ти е као: „боље рат него пакт“. Иначе ракијава не е за частење. За продажба е.

Мажот незинтересирано се врти на другата страна, пали евтина цигара…

ЖЕНАТА:
Каде патувате младичу?

МЛАДИЧОТ:
Ја? Далеку…

МАЖОТ:
Па сигурно, кога се бега не се иде близу. (Дува чад) Сите бегате, бе. Човек нема да остане во земјава, да ја брани.

МЛАДИЧОТ:
(Се прави дека не го слуша, кон Жената)
А, каде… ако може да Ве прашам… идете Вие?

Место неа, одговара мажот.

МАЖОТ:
До граница. Идам да го посетам синот. Он е тамо резервист. Ја чува границата. Ако ја продаам ракијава, ќе му однесам пари. Ако не, нека ја дели таму со војската. А ти, ти кај ќе фаќаш магла?

МЛАДИЧОТ:
Ја патувам, господине. Идам за… Парамарибо.

МАЖОТ:
Марибор? Имаш роднини, или си фатил Словенка на летовање?

МЛАДИЧОТ:
Не е Марибор…

МАЖОТ:
(Не го слуша)
Сега ширите братство и единство на сексуална база…

МЛАДИЧОТ:
Парамарибо, господине. Парамарибо се вика местото. Парамарибо не е тука.

ЖЕНАТА:
(Кон Мажот)
Словенците сега нè сакаат.

МАЖОТ:
Многу нè сакаат. Ги тепа, викаат, југоносталгија. Ама сега, коа се сами. А порано, коа бевме заедно? Тогаш беа против сите…

ЖЕНАТА:
Не знам, јас отсекогаш сум ги почитувала. Тоа е цивилизаиран народ. Организирани се, културни… Јас Словенија сум ја посетила неколку пати и секој пат во тоа одново сум се уверувала.

МАЖОТ:
(Не ја слуша)
Сакаа самосталност?! Ете им ја сега самосталноста. Сакаа у Европа?! Еве им ја на и неа! Сам, бе, ни по новини не се иде, а не у Европа. А, бе, ајде – коњушари!

ЖЕНАТА:
Така постојано се тешиме.

МЛАДИЧОТ:
А, на нас не ни иде, другите ни се криви.

МАЖОТ:
Ние се бориме, бе. Цел живот се тепаме. Што сме ние криви што имаме толку непријатели. Сите од надвор се против земјава.

МЛАДИЧОТ:
А овие од внатре, сите се за неа.

МАЖОТ:
Тоа сега не е битно. Сега се брани земјава, иднината на генерациите. (Подгледнува во него) Само не ја бранат сите. Некои бегаат. За Европа и за Марибор бегаат. Место бранители, поише сакаат коњушари да бидат.

ЖЕНАТА:
Извинете млад господине, ме интересира зошто заминувате за… тоа место. Како го рековте…

МЛАДИЧОТ:
Парамарибо?

ЖЕНАТА:
Тоа место, ако не се лажам, е сосем непознато.

МЛАДИЧОТ:
Се наоѓа на Карибите. На друг континент, како на друга планета…

МАЖОТ:
И марсовци ќе станете, само да не сте тука.

ЖЕНАТА:
Што барате таму? Младите обично заминуваат во развиените земји…

МЛАДИЧОТ:
Прво сакав да идам у Америка.

МАЖОТ:
Е, таму, баш и ти личи!

МЛАДИЧОТ:
После сменив план. Иако Америка уште ме влече.

МАЖОТ:
Што не му текне бе на некој да иде за Русија? Земја на наука и техника. Сите само Америка, па Америка!… Со генерации е така. Место по знаење, идеме на печалба. Затоа и дојдовме до овде. Еден Миладинов што отиде у Русија, и толку.

МЛАДИЧОТ:
Двајца.

МАЖОТ:
Што?

МЛАДИЧОТ:
Димитрија и Константин Миладинов.

МАЖОТ:
Ја мислев само на Константин. Он ја напиша онаа наша песма – „Туга за Југа“. Он сакал овде да се врати. Димитрија сто посто сакал да ја збрише, као ти. (Се смее за своја сметка, па се закашлува од силното смеење)

ЖЕНАТА:
Не обрнувајте му внимание. Баш ме интересира, младичу. Америка, рековте…

МАЖОТ:
Ја реков Америка!

МЛАДИЧОТ:
Сум ја засакал од филмови и од цедеа. Цел живот сум сакал да шпартам по Њујорк, ноќе.

ЖЕНАТА:
А, како во шлагерот…

МЛАДИЧОТ:
Молим?

ЖЕНАТА:
Мислам на онаа мелодија, „Стрејнџерс ин д’најт“. Беше популарна во мое време. Ние, знаете, мечтаевме со неа. Шетавме во мислите под облакодерите на Њујорк… Таа слика постојано ми се враќа… Наоколу летаат долги црни лимузини, жолти таксија, испарува од шахтите на подземната железница, неонот свети по влажниот асфалт, а од некаде се слуша саксофон. Во близина, некој, со душа свири џез …

МЛАДИЧОТ:
(Повеќе за себе)
Рап. Ист коуст хип-хоп.

ЖЕНАТА:
… А ти, ти гледаш, збунет од светлините што блескаат на сите страни. Се капеш во светлина. Неонот ти игра по лицето, а градот околу тебе блеска. Шеташ по Бродвеј и, наеднаш, некој те вика. (Кон младичот) Како Ви беше името, младичу?

МЛАДИЧОТ:
Гордан.

ЖЕНАТА:
Ете. „Гордон!“, Ве довикува. Вие се вртите. Не Ви се верува. Само два чекори зад Вас, со цигара во раката, со една ноншалантна, скоро мангупска насмевка, стои тој…

МАЖОТ:
Кој, ма?

ЖЕНАТА:
(Не му обрнува внимание, кон Гордан)
Френк Синатра.

МЛАДИЧОТ:
Фет Џо. д’Генгстер. Така го викаат. Он е мој омилен рапер. Он ми е сега најголем идол. Прави жестока музика. Синатра е одамна мртов.

ЖЕНАТА:
Не сум баш сигурна, младичу, не сум баш сигурна. Важно, тој стои во маглата од пареа и од асфалтните испарувања на светнатата улица, и додека Вие останувате изненаден, Ве повикува, на чашка, во барот, тука, во соседство, во некое тивко уличе зад аголот… (Се врти кон Младичот) Така е, нели?

МЛАДИЧОТ:
Можда. Од кај знаете?

ЖЕНАТА:
Од искуство, младичу. Тој сон го сонувала и мојата генерација. Јас сум учителка, втора генерација од по војната. Во оваа земја исто фантазираат сите. Се менуваат само имињата на ѕвездите и на местата. Мојата генерација фантазираше за Хари Џејмс, Естер Вилијамс и Калифорнија. Наредните генерации за Битлси и Лондон. Вие, ете, за Њујорк и за тој, Гангстерот. Нема ништо ново, младичу.

МАЖОТ:
(Порасположен, со насмевка)
Ништо ново. И мие така сме се занесуеле. Исто по амерички ганстери. Не само ја, сите у маало… Божем сме у Чикаго, знаеш у оноа време – Елиот Нес и прохибиција на алкохол… А бе мали, сигурно не сакаш од ракиичкава? Земи, ќе се каеш.

МЛАДИЧОТ:
(Остро)
Не сакам.

МАЖОТ:
(Одмазднички)
А тоа сонот, да знаеш, ептен ти е бајат!

ЖЕНАТА:
… Исто било и пред тоа, тогаш Париз бил во мода.

МАЖОТ:
И Ориент-експрес. Воз на линија Цариград-Лондон, и обратно. Алè-ретур. Све е исто, бе, вие личите на нас. Нема бегање. Све е само – алè-ретур.

МЛАДИЧОТ:
Не личам ја на никого. Ја личам на себе. Дури ни на татко ми не личам. Ја поише личам на некој откачен хакер од Вајоминг, него на вас.

МАЖОТ:
Да де, а ја аутоматски личам на Хемфри Богарт од филмот „Афричка краљица“.

МЛАДИЧОТ:
Видете се какви сте, бе. Као карикатури од прошли век.

МАЖОТ:
Тачно. И сме се дружеле со анумки, со револуционери, со паши и со бегови. Ја, лично, од табакерата на Гоце Делчев сум изгребал цигарче, а на Кемал Ататурк место стариот фес, новата шубара сум му ја продал. Ја набавив овде, од скопските кожари. За Гоце и за Кемал си слушнал ли?

МЛАДИЧОТ:
И за Тито.

МАЖОТ:
Е, за него ја нејќам да чујам.

МЛАДИЧОТ:
За него Словенците отворија специјален веб-сајт.

МАЖОТ:
Што отвориле Словенците за него?

МЛАДИЧОТ:
Страница на Интернет.

МАЖОТ:
Страница? Е, има да си ја листаат сами.

ЖЕНАТА:
Залудно е, младичу. Нема повеќе фантазии. Ги немате особено вие. Сонувате, ете, рече господинот, бајати соништа за светот. Не гледате ли дека светот е сега овде. Светот е денес таму кајшто е најжестоко.

МЛАДИЧОТ:
Светот е на друго место. Овде се само нивните телевизии. Сакаат да нè гледаат на „Вести“. Да нè гледаат к’о у телевизиска сапуница у продолженија. По дневните соби, за релакс, у „брејкинг њуз“. У приватните куќи со задни дворови, дур’ им се лади вечерата извадена од микробранови печки. Нејќум бе да ме гледаат на Си-еН-еН и на Дојче веле, као да сум ѕверка од афричко сафари. Сакам да имам свој живот. Нејќу више да сум статиста од нивните вести.

МАЖОТ:
Така е створен овој свет. Као циркус. Едните да скротујат лавчиња и тигри, другите да сеират, да грицкаат пуканки и да се смеат.

ЖЕНАТА:
Нема забава со туѓа несреќа. И ним може повторно да им заигра мечката во дворот.

МАЖОТ:
Поарно да не игра. Коа играла мечката кај нив, па’ сме наебуеле ние.

2018-08-21T17:21:38+00:00 јуни 1st, 2004|Categories: Текст, Театар/Филм, Блесок бр. 36|