Фигура

Границата на тие два естетски простори е резултат на премолчениот или јавен семантички (значенски) компромис или договор воспоставен во светот на театарот помеѓу учесниците (драмскиот писател, драматургот, актерот, сценографот). Воспоставениот компромис овозможува на фигурата да биде значенски и смисловно вреднувана, а во психолошка смисла доживеана, како сценска претстава на телото. Сценската слика е означен простор така што фигурата во сценската слика се досега преку описот и именувањето, со што јазички (текстуално) се вообликува замислата, менталната претстава, јазичката слика на предметот или тело кое сценската слика го прикажува.
Прикажување во театарот може да се окаректеризира како техника што настојува да произведе комплексен ефект на фигуративното и фигурабилното. Прикажувањето се продуцира себе си како нешто што во потполност се подредува на економијата на продукција на фигуративниот и фигурабилниот ефект. Појавноста на фигурата прави да:
(1) фигурата го прикрива означителот и да го претпоставува – парадоксално, фигурабилно да го потиснува означителскиот карактер на сцената истакнувајќи го претставувачкиот ефект на означеното, но истовремено фугурата како издвоена форма во просторот на сцената е место каде што скоро буквално се покажува означителот,
(2) означителот својата моќ на антиципација на смислата и ја препушта на фигурата правејќи таа да биде токму тоа што е: фигура што прима значења и бесконечноста на означителот ја претвара во конечност на знакот или во структура на знаци (лексии, код или текст, односно, нарација).
Метафорично: означителите се таложат во фигурата, градејќи ја, само да ги ги манифестираат и да ги утврдат свои антиципации на смислата (она другото од она што е самото тело). Прикажувачкиот фигуративен и фигурабилен систем на сцената може да се анализира врз елементите што ги карактеризираат ефектите продуцирани со делувањето на означителот. Ако примениме модели од теоријата на ликовните уметности се разликуваат:
(a) фигурата како претстави,
(b) метапретставата на фигурата,
(c) матафигуралната претстава и
(d) фигуралната претстава.
Фигурата како претстава има објективна вредност и настанува во општествата каде уметникот (драмски писател, драматург, актер, сценограф) има задача да го прикаже и да го бележи она што го гледа околу себе (аперцептивното или концептуалното е функција на перцептивнота или сетилнота визуелизација на фигурата). Фигурата на сцена е проѕирен знак (означител кој во потполност е скриен со привидот на проѕирност или ефектите на смислата што ја создава на сцената). Фигурата има постоечка надворешна референца(реален предмет, појава, тело или суштество) на која се однесува со визуелниот-временски-телесен-бихевиорален изглед. Претставата на фигурата во просторот на сцената со јазик на театарот ги соопштува визуелните својства на предметите, човечкото или животинското битие, тело или егзистенција.
Метапретстава на фигурата се реализира заради политички или религиозни барања. Метапретставата на фигурата или сцената со фигури не означува конкретна ситуации со предмети, луѓе или животни, туку метафорично и алегориски, фикционално, изразува визии, религиозни догми, политички идеали, еротски фантазии. Означителот (телото) на сцената е двојно скриен:
(1) со слојот на антиципации на смислата на претставата на фигурата како конкретно тело, суштестсво или егзистенција, и
(2) со слојот на антиципации на смислата што претставите на фигурите ги користат како првостепен дискурс со кои се гради второстепениот дискурс (метафора, алегорија, мит).
Метапретставите на фигурите ја поставуваат фигурата како регистар на дискурси со кој се воспоставува движење од театарската буквалност на овде – присуството до театарската фикционалност.
Со метафигуралната претстава уметникот (драмскиот писател, драматургот, актерот, сценографот) на прикриен начин ни ја соопштува, низ реалистичката наративна претстава на фигурите или односите помеѓу фигурите, својата субјективна вистина и личниот поглед кон објективниот свет. Фигурата на сцената станува симбол на субјективноста на уметникот. Претставата на фигурата и метапретставата на фигурата во традиционалниот модернистички театари претставуваат кодови со кои општите места се користат како канали за дискурсот на субјективниот говор. Формално говорејќи:
(a) претставата на фигурата од телото-означител прави буквалин инконичен (или алузивен) знак,
(b) матапретставата на фигурата од буквалните инконички знакови прави преносен (метафоричен, алегориски, митски) текст, а
(c) метафигуралната претстава на преносниот (метафоричен, алегориски, митски) текст (структурата на знаците на сцени) го поставува за означител (комплексен означител) на антиципацијата на индивидуалната (поединечна) смисла.
Фигуралната претстава е производ на модернистичкиот театар. Зборувајќи метафорично, театарот станува авторефлексивен и со тоа ,свесен, са својот медиум, за карактерот на прикажување и за јазикот на театарот. Фигурата на модернистичката фигурална театарска претстава слободно располага со најразличните можни вообличувања на телото од миметички до апстрактни. Модернистичката фигура не ја ограничува обврската на прикажување, т.е. воспоставување на референтна релација помеѓу фигурата на сцената и телото или предметите во светот, туку обврска на продуцирање на фигури како автономно уметнички или театарски замисливо тело. На конкретното тело му е спротивставено концептуално тело или фигуралната концепција на сцената како простор штоја потрвдува артифициелноста на театарот како уметност. Фигуралната претстава на телото во театарот не е претстава набитието, туку претстава на артифициелната театарска творба (институција на прикажување) која авторефлексивно ја покажува својата артифициелност. На сцената не го гледаме телото како буквален или не преносен знак или знаковна структура (текст), туку како знак или знаковна структура што покажува како означителот произведува смисла за нас (како означителот го антиципира фикционалниот поредок на нарацијата). Фигурата ја открива својата телесност, но не за да ја разори фигурата, туку за да покаже како: фигурата го одложува телото и како телото ја носи (се облекува во) смислата за фигура.
Потребно е да се направи разлика помеѓу поимот и статусот на фигурата во предмодернизмот, модернизмот и постмодернизмот:
(1) предмодернистичката фигура е театарска, сценска, форма што се гледа како огледален, дескриптивен и аналошки поредок воспоставен врз основа на визуелната сличност со телото на човекот и животните и кои како таков се преобразува во симболички поредок или визуелен метафорички или алегориски текст (фигурата како претстава, метапретстава на фигурата, метафигурална претстава),
(2) модернистичката фигура е театарска сценска форма која авторефлексивно покажува дека знакот (фигурата) настанал од означителот (телото). Таа со нарушување на аналошките кореспонденции засновани врз визуелно-просторно-временско-телесно-бихевиорална сличност ја искажува и ја нагласува знаковната (алузивна, иконичка, индексна и симболичка) природа на артефактот (метафигуралната претстава, фугуралната претстава) и,
(3) постмодернистичката сценска фигура е театарска знаковна форма што покажува дека е одраз, израз или означен поредок на прикажување на човечкото или животинското тело во театарот, сликарството, скулптурата, книжевноста, митологијата, религијата, филозофијата и мас– медиумите (парапретстава на фигурите, параметапретстава на фигурите, параметафигуралната претстава, парафигуралната претстава).
Постмодернистичките теории на сценската фигура покажуват дека фигурата на театарот не е одраз на конкретното човечко или животинско тело, туку дека е израз и претстава на обликот на прикажување во театарот, сликарството, скулптурата, книжевноста и во научните модели на гледање на човечкото и животинското тело. За постмодернистите фигурата на театарот не прикажува нештата на светот изгледаат, туку како театарот го гледа светот и уште понатаму како претставите на историјата на театарот, културата, мас медиумите и науката образуваат начин на гледање на драмскиот писател, драматургот, актерот, сценографот и публиката. Постмодерниот поглед е поглед кој го произведува светот на културата за нас впишувајќи го проектираното место во желбата, на театарот. Желбата на театарот е очекување што театарот како уметност (институција) го упатува на ефектите на поединечните театарски реализации.
Под фигурабилно се подразбираат механизмите на предочување и прикажување што овозможуваат зборот ,човек, или линиската контура или однесувањето на актерот на сцената да се прифатат како фигуративна претстава за човекот. Фигурабилното е збир од уверувања, интуиции, интенции, знења, претстави, вредности, постапки, интерпретации, критериуми и начини на воспоставување на референците што овозможуваат пулсирањето на електронските сили, распоредот на дамки од маслените бои на платното или фигурите што трча по сцена да се препознаат и прифатат за фигура како претстава на телото. Комплексноста на фигурабилното се засновува врз тоа што значењето на една фигура и телото кое таа го прикажува не е одредено со едноставен (1:1) однос меѓу претставата (фигурата) и нејзината референца (телото), туку и начинот на кој фигурата се припишува на телото и телото се припишува на фигурата, односно, начинот на кој фигурата се впишува во сцената и конкретната сцена во светот и историјата на театарот. Од аспект на модалната логика односот помеѓу фигурата (уметничкото дело), телото (референцата) и начинот на кој референцата се воспоставува, гради еден можен свет на театарот. Од семиолошки аспект, фигурабилното е збир на кодови (правила и реализации на правилата на семиолошкото структурирање) што еден можен свет (контекст, култура, стил, жанр, индивидуална митологија) го воспоставува како примерок на создавање и рецепции на театарското уметничко дело.

Превод: Емилија Матаничкова

АвторМишко Шуваковиќ
2018-08-21T17:21:39+00:00 април 1st, 2004|Categories: Теорија, Театар/Филм, Блесок бр. 35|