Малечката

Малечката

..тајна..
ликови
Сцена 1 НАДЕЖ
Сцена 2 ЖИВОТ или МОДЕРЕН ЗАТВОР

Затворска ќелија. На подот седи Малечката, до неа има гулаб во кафез. Му зборува на гулабот.

МАЛЕЧКАТА
Те пронајдов. Сцената е и овојпат празна. Ти го слушам крикот. Се губиме во бестелесниот простор. Знаеш, ќе ти откријам една тајна, не гледам повеќе. Чудно, нели? Но, вистинито. Вистината е најбитна. Без неа не може да се живее, нешто како вода, воздух, нешто како… не знам, како нежен допир,… негде на полноќ, по пупките на жедните гради на девојка без чувство. Ако ти речам да ме допреш…
(Пауза)
Имам чувства… знам да мразам. Миг, два… чекор, два и болка. Тапа болка по штурото срце. Кал. Пропаѓаме. Мислев дека те пронајдов. Дали почнува играта или пак штотуку заврши!? Молам!?… Не слушам повеќе, извини! Некогаш постоеја тајни. Ги убив сите, освен една, ја изгубив. Веќе немам тајни.Некогаш сакав да стигнам до сонцето. Да се движам нагоре, да поминувам низ ѕидови. Сакав да бидам проѕирна, нешто како воздух. Се појави Зуко и ми рече: Безнадежно, нема никогаш да го дофатиш сонцето!… Се намуртив, почнав да плачам. За ова ли те чекав Роберто, за ова ли копнеев. И… решив, ќе стигнам до сонцето. Тргнав, стигнав, видов, ги испружив рацете и… молк… те мразам Роберто. Те мразам… а, јас сакав да ги чувам сите твои тајни, сакав да бидам куфер за твоите тајни… но, сега, сега те мразам…
(Пауза)
Ги испружив рацете, сонцето беше многу далеку. Ме излажа и избега љубов моја… И решив да ги убијам сите тајни, освен една, … ја изгубив. Откако исчезна, реков дека те убив. Слушаш, реков дека те убив… Реков дека те убив. Помнам, ти ми беше последната тајна. Мислам дека ќе те пронајдам. Мислам дека овојпат ќе го допрам сонцето. Ќе шетам под земја. Само така ќе можам до сонцето. Знам, знам дека сцената е и овојпат празна. Не мора да ме потсетуваш на тоа. Но, ти го слушам крикот. Се губиме во бестелесниот простор. Чекорам надолу, кон земјата.
Ќе ти откријам една тајна. Не гледам повеќе, сонцето ме ослепи. Можеби и затоа не можам да те видам. Чудно нели!? Но, вистинито.
Наслушнува гласови, легнува во креветот, целата стуткана. Гулабот ги мрда крилјата во кафезот.

АвторСема Али
2018-08-21T17:21:39+00:00 април 1st, 2004|Categories: Текст, Театар/Филм, Блесок бр. 35|