Реди Мејд-от и македонскиот театар

/, Театар/Филм, Блесок бр. 30/Реди Мејд-от и македонскиот театар

Реди Мејд-от и македонскиот театар

врз примери од претставите „Македонска крвава свадба“ и „Македонска приказна“

Македонскиот театар, усвојувајќи ги и развивајќи ги постулатите на постмодернизмот, и во овие скудни времиња покажува необична живост и инвентивност во разигрувањето на театарските елементи, норми и конвенции. Во рамките на претставите постојат смели експериментирања со кои се освежува и онеобичува театарскиот јазик и се воведуваат нови инвентивни изразни решенија. Интердисциплинарноста и интермедијалноста е една од тие поексплицитни одлики на некои понови театарски претстави. Односно во рамките на театарските претстави слободно се мешаат изразни средства кои им припаѓаат на други уметнички дисциплини и кои во претставата влегуваат зачувувајќи си ги своите инхерентни својства, така што се добива едно двојство, создавање на една гранична атмосфера која го онеобичува и збогатува театарскиот чин.
Пример за таква интердисциплинарност е преземањето на една техника од визуелните уметности, реди мејдот (ready made), а применета во театарот во рамките на музичкиот односно мизансценскиот сегмент, т.е. употребата на реквизитите. Заради потребата од концизност, оваа одлика ќе ја согледаме во рамките на две претстави: „Македонска крвава свадба“ во режија на Љупчо Ѓорѓиевски во изведба на Битолскиот театар, преку музичко-сценското учество на групата Фолтин, и употребата на реквизитата во претставата „Македонска приказна„ во режија на Боњо Лунгов во изведба на Театарот за деца и младинци.
Реди мејдот е техника карактеристична за визуелните уметности. Таа потекнува од движењето на дадаистите (1913-1918) кога Марсел Дишан го пријавил на конкурс веќе легендарниот писоар под наслов „Фонтана“ како легитимно уметнички дело. Најконцизната дефиниција за реди мејд е дека е тоа предмет од вонуметничко потекло кој е преземен, означен и изложен како уметничко дело со или без интервенции. Главна цел на дадаистичкиот реди мејд била да се згрози високата академска публика. Подоцна реди мејдот континуирано се експлоатира во рамките на авангардните и неоавангардните движења. Постмодернизмот во рамките на својот стилистички арсенал ги вклучува сите историски техники при што ги укинува и ублажува нивните првични контексти. Така е и со употребата на реди мејдот од уметниците за кои во овој текст зборуваме. Нивната цел не е да го згрозат гледачот туку да ја разиграат претставата, да внесат свежина и необичност, со необичната употреба на предметите и нивното парадоксално поврзување да го предизвикаат нашето внимание да укажат на нивната, да ја наречеме, магиска моќ, да делуваат посилно врз нашата перцепција. Веројатно случајно, иако взаемните влијанија не се исклучени, и во двете претстави употребата на реди мејдот е поврзана со материјал од етнолошко потекло кои со одбирот на уметниците е претворен во музички инструмент, во случајот на МКС, односно во театарска реквизита, кукли, бидејќи жанровски МП е куклена претстава.
Употребата на реди мејд инструменти и музика кај групата Фолтин е дел од нивната многу покомплексна појава во рамките на театарската претстава. Нивното учество во претставата континуирано преминува ту во нивна театрализација како актери-ликови, ту како пасивен музички ансамбл на сцена ту како музичка подлога во живо надвор од мизансценот, ту како перформанс група која што има речиси независен музички блок во рамките на претставата. Сите овие степени на нивната појавност ги шират рамките на претставата и театарскиот чин, односно создаваат една интермедијална ситуација, мешање на театарот и музиката, т.е. перформансот, повеќе или помалку независни една од друга во рамките на еден сложен уметнички чин. Во МКС, како континуитет на нивната претходна перформанс фаза, тие употребуваат разни прирачни реквизити кои со нивен уметнички избор ги претвораат во музички инструменти. За разлика од перформансите, во театарската претстава употребата на овие реквизити е високо мотивирана. Тие се дел од битовиот сегмент на претставата, имаат тематска, односно илустративна функција, референцијално го вкотвуваат дејствието во препознатлив историски контекст. Во рамките на самиот театарски чин нивната употреба е полифункционална. На пример секвенцата со точењето на косите и срповите. На т.н. денотативно, сижејно, тематско ниво, тоа е дел од подготовките за косење, како секвенца карактеристична за битовата драма. На симболичко ниво, острењето на косите алудира на подготвувањето за битка, таа го навестува идниот судир. Истовремено, со кореографското изведување на чинот се додава една ритуална димензија во жанрот, а со ритмичкото острење се произведува звук кој ем служи како музичка подлога ем ја обликува психолошката атмосфера во кое се одвива дејствието. И на крај, произведениот звук е оној такт кој е препознатливост во музичкиот израз на Фолтин. Идентична е ситуацијата и со секвенците на сеењето на житото со сито односно на дувањето низ рогот. Освен употребата на музичките инструменти, Фолтин и режисерот реди мејд ги употребуваат и своите сопствени тела односно својата сопствена појавност на сцената. Како дел од екипата што придонесува, а не игра во претставата (реквизитери, осветлители, тонци, разни сценски работници), односно нивното појавување на сцената не влегува во рамките на театарската претстава, не станува театарски знак, музичкиот состав Фолтин честопати, со реди мејд одлука одеднаш се трансформира и станува дел од актерската екипа. Во тој случај нивната улога се движи од статисти во масовните сцени, разни модификации на улогата што некогаш ја имал античкиот хор до сосема карактеризирани епизодни рољи.

И во претставата „Македонска приказна“ имаме слична употреба овојпат на сценските реквизити во создавање кукли кои се пак главни двигатели на дејството во куклените претстави. Овде со одлуката на режисерот најразличен етнолошки материјал: ткаенини, алати и садови од домаќинството, градежни алати, разни елементи од покуќнината се трансформираат во ликови кои добиваат сосема конвенционални драмски улоги. Во оваа претстава реди мејдот се употребува за да се разигра и онеобичи претставата со цел да се направи поинтересна за младата публика и во рамките на тоа поефектно да им се пласира дидактичкиот сегмент: запознавањето со елементите од фолклорот и традицијата на народот. Во ритамот на музичката подлога мошне ефектно, пред се благодарение на умешноста на актерите кои ги изведуваат и ги координираат куклените фигури и нивните дејствија на сцената, се редат најразлични претстави. Со триножец, опинци, воловски оглав и метла се создава магаре. Со срп, дрвени лажици, метла и стомне се создава птица; со сито, лажици и стомна се создава мече. Во потешките варијанти дел од тој реди мејд материјал служат дури и рацете на живите актери кои во целина не влегуваат во рамките на театарската знаковност. Така со комбинација од раце и метли се создаваат птици. Различните величини на употребената покуќнина служи за карактеризација односно диференцијација на ликовите, одредување на полот, (машко/женско), возраста (старо/младо), физичкиот изглед (дебело/вито). Откако ќе се создадат фигурите, т.е. ликовите тие секогаш стапуваат во извесен облик на драмско дејствие во кое ние ги препознаваме познатите битови секвенци: лудото младо ја заведува личната мома, двајца млади се надитруваат, старите ги караат помладите, луѓето се справуват со животните. Уште повеќе, постигната е и антропоморфизација на зооморфните ликови: две птици се сакаат или се колваат, животните од различен вид се во одреден тип односи на пријателство или неподносливост што асоцира на народните сказни и сл.
Употребата на реди мејдот во неговите историски услови бил чин насочен против елитноста и ерудитивноста на уметноста. Иако уметниците што го употребувале имале широко познавање на уметноста, со самиот чин на прогласување на еден обичен предмет за уметничко дело сакале да ги уништат границите меѓу уметноста и животот, да ги прошират рамките на уметничкото дело и да покажат дека секој може да биде уметник. Употребата на реди мејдот во постмодерната, како што видовме во споменатите два примери, ги разлабавува границите меѓу уметноста и животот, ги шири рамките на уметничкото дело, но не го лоцира уметничкиот чин само во концептуалниот избор. Тоа е прелагата на постмодерната: зад еден навидум обичен и демократски чин, достапен секому, се крие голема елитистичка ерудиција, вештина и мајсторство. Во нашите примери тоа го покажа и групата Фолтин и живите актери во претставата заедно со нивните режисери. Со овие две претстави македонскиот театар бележи ѕвездени мигови.

Од книгата Флорилегиј

2018-08-21T17:21:45+00:00 јануари 1st, 2003|Categories: Осврти, Театар/Филм, Блесок бр. 30|