Впечатливата природност на стилот

/, Театар/Филм, Блесок бр. 28/Впечатливата природност на стилот

Впечатливата природност на стилот

– Ристо Шишков како актер во ТВ-медиумот –

Честопати сме имале можност да се соочиме со архивираните проблесоци од филмското платно или, пак, од телевизискиот екран и притоа, расудувајќи за компонентата на нивната исторична актерска вредност, го забележуваме наизменичното претекнување на природно убедливото над вештачки неубедливото играње или, пак, обратно. По веќе раритетните километри измонтирана филмска и(ли) видеолента, ни станува сосема јасно дека впечатливата природност во стилската алхемија на актерскиот израз плени уште по гледањето на првите кадри од некое филмско дело, во коешто со разумна мера актерот ја използувал сопствената емоција како врзувачки флуид помеѓу авторот/режисерот и гледачот/рецепиентот. Но исто така, сведоци сме и на редица филмски наслови во кои за постапките на одредени ликови се изјаснуваме дека делуваат извештачено. Во токму таквата антагонистичка различност во играта, егзистира и целокупната сугестивна моќност на снимката, како запис, документ или фикција. Вонсерискиот актерски филмски формат на Ристо Шишков можеме единствено да го дефинираме како збир од примери за негување природен однос со камерата, произведувајќи игра ослободена од стандардизирани шеми и решенија.
Да се зборува или пишува аргументирано за „филмаџијата“ Ристо Шишков е мошне конкретен предизвик низ мноштво аспекти, било општокнижевни, било строго филмолошки. Од повеќемина проследувачи на феноменот на актерската игра врз нашата уметничка почва, сè почесто се прифаќа констатацијата дека (барем) три клучни фази во развојот на македонската актерска уметност се обележани со делувањето на актери кои се претставници на одредена генерација, и тоа преку имињата на актерските персоналитети: Петре Прличко, Ристо Шишков и Ненад Стојановски. По третиот, навистина е тешко да се одбере најеклатантен актерски стилски претставник на поновата генерација која денес твори. Следењето на евидентно искуство наведува на констатацијата дека можеби е потребно да помине уште некоја година, којзнае. Во конкретниов случај „Шишков“, најмногу станувало збор за негово коментирање како актер во театарскиот медиум, но анализирајќи го интермедијалниот маестрален творечки опус, може да се верификуваат повеќе негови комплексни актерски креации и во ТВ-медиумот, од кои поголемиот број потврдуваат дека е тој студиозен носител на главни улоги. А може ли да се реконструираат некои од елементите кои го сочинуваат постоењето на феноменот на медијалниот Шишков?! Секако да, но веднаш се соочуваме со прашањето за толкување на неговиот специфичен модел на актерска игра. И тоа токму кога зборуваме за неговото учество во многу телевизиски, филмски и радио-проекти.
Една вечер, во средината на седумдесеттите, од малиот екран на тукушто купениот од родителите црно-бел телевизиски приемник од марката „Амбасадор“, презентерот на скопскиот ТВ-дневник соопшти дека ќе стартува нова играна серија во шест епизоди. Истото лето, поради популарноста во ТВ-серијата Пат кон иднината, човекот-актер во бела кошула кого некои го викаа Шиле, не можеше да се оттргне од очите на многутемина посетители на градската плажа во Стар Дојран, меѓу кои бев и самиот јас, како дете. Во поглавјето „Одземена надеж“ од занимливата публицистичка книга за овој човек и актер, режисерот Душан Наумовски, еден од доајените на телевизиската режија кај нас, живописно ни ги приближува интимистичките контакти на релација режисер-актер, потсетувајќи на нивната повеќегодишна меѓусебна плодна творечка соработка во полето на ТВ-медиумот.1F Понатаму, се сеќавам, звучното име на тој актер стана синоним за домашната играна телевизиска продукција и за кратко време се изнанижаа незаборавните ролји во „Залез зад езерската земја“, „Волшебното самарче“, „Најдолгиот пат“, како и други забележителни остварувања во проекти од сличен вид. Изнесувајќи ги овие лични мозаични мигновенија на виделина индиректно врзани со мојот интерес кон филмскиот актер Шишков, кого јас го немам гледано во театар, би го придодал и фактот дека сопствениот труд подготвуван за полагање приемен испит се однесуваше на екранизацијата на Чинговиот антологиски расказ „Најубавиот ден на Зурло“, а драматуршката анализа ми беше во знакот на Ристо Шишков и моите „средби“ со него. Мислам дека опстојно ја одбранив имагинарната теза оти Шишков би бил најавтентичен толкувач на улогата на Зурло. Пред мене седеа авторитети кои дотогаш ми беа познати само од телевизијата, како Бранко Плеша, Раде Марковиќ и Раде Шербеџија, покрај човекот кој примаше нова класа режисери на студии. Се случи тоа само две години по смртта на Шишков, кому Театарот „Антон Панов“ му ја посвети претставата „Големиот смок“. Во таа култна претстава за струмичкиот ансамбл како да јаздеше духот на Ристо Шишков кој, впрочем, своите први актерски пориви ги изнесе врз штиците на сцената од овој град.2F
Различни се приодите кон раслојување на стилската игра. Филмската критика на свој начин прави вивисекција на стилските концепти на актерската игра во филм, според номенклатурата на францускиот теретичар Марсел Мартен, издвојувајќи го Ристо Шишков во примерите на хиератички, односно експанзионистички стил, поместувајќи го рамо до рамо со Лоренс Оливие, Николај Черкасов и Тоширо Мифуне. Хиератичкиот стил на филмска игра „е концепт според кој актерската игра ги напушта конвенциите на реалистичката игра и актерот се стреми кон стилизација блиска по некои надворешни белези на театралноста на играта.“3F Од другата страна на нештата, она што е различно кај експанзионистичкиот стил е „мерата на пречекорувањата на експресијата“4F (подвл. Г.Т.). Според анализирањето на постапките при артистичките дејствија на Шишков во три одбрани телевизиски остварувања: „Табакерата“5F, „Парадоксот на Диоген“6F и „Дождовито сонце“7F , може да заклучиме дека станува збор за еден куриозитетен модел на актерска игра, кој соодветствува со модалитетите на врвни актерски имиња од светската кинематографија. (И сигурно, не случајно некои го нарекуваат Ристо Шишков – македонскиот Марлон Брандо.) Меѓу датумите на настанување на овие телевизиски дела, постои растојание од шест години. Во тој временски период (од 1972 до 1978 год.) може слободно да се опсервира процесот на зајакнување на стилските особености на овој сугестивен актер, произведени во неговата игра пред камерата. Првото емитување на ТВ-филмот „Табакерата“ беше пресудно за понатамошната кариера на Шишков. Уште од овој ран пример се докажува сигнификантниот усет на овој актер за точен одбир на материја за градење лик. „… Според логиката на транспарентното раскажување, оваа средба како мотив го повикува и мотивот на препознавањето. Сулејман-бег ќе го препознае Гоце Делчев – тоа е логичниот, очекуваниот ред на нештата што ги очекуваме од еден авантуристички хронотоп.“8F (подвл. Г.Т.) И во сите подоцнежни примери на дејствување, Шишков манифестира висок коефициент на селективност при одлуката да (се) толкува одредена драмска улога.
А наместо аргументација на своевидната впечатлива природност на стилот, приложувам по еден инсерт во кој е опишано артистичкото дејство на Ристо Шишков во наведените три наслови: два ТВ-филма (едниот краткометражен, другиот среднометражен) и една ТВ-драма. Неговиот трансформативен дијапазон на типови на улоги се движи во сферата на чистиот драмски израз иако на места покажува афинитет на дискретна иронија и гротеска. „Меѓу солзата и смеата Шишков се задржа на првата, не оставајќи ја во окото. Пуштајќи ја да ползи од зеницата, низ образот до врелата прав на земјата.“9F Да ги разгледаме сега трите посочени примери од скромниот по број, но филигрански изработен багаж на неговото телевизиско актерско творештво.

Пример прв
: улогата на ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ во „Табакерата“ низ раскадрираната секвенца „п р е п о з н а в а њ е“ составена од 17 кадри; партнер на Ристо Шишков е Благоја Чоревски
1. Средно-крупен план на Шишков. („Вие долго време не сте биле во Кукуш?“)
2. Средно-крупен план на партнерот. („Да, повеќе од десетина години“; Шишков во оф: „А, што студиравте? “; „Право, на Сорбона“, му одговара.)
3. Средно-крупен план на Шишков.
4. Америкен на заптии кои ги пребаруваат ходниците во вагонот.
5. Крупен план на партнерот.
6. Средно-крупен план. Шишков божем му покажува на партнерот нешто низ
прозорецот од возот кој се движи.
7. Средно-крупен план. Заптија кој гледа во купето.
8. Среден план. Шишков и партнерот се гледаат.
9. Доста крупен план на Шишков.
10. Крупен план на партнерот. („Многу заптии по нашите возови.“)
11. Крупен план на Шишков. („Сполај му на Господ што ги има. Човек веќе нигде не е сигурен. Дури и по возовите се прават зулуми.“)
12. Средно-крупен план на партнерот. („Навистина? Значи, вистина е. Пред некое време во Париз дојде голем турски чиновник и прошири приказна дека во Македонија се појавил крилат бунтовник. Насекаде лутал и ни војска ни заптии не можеле да го фатат. За неговата глава давале илјада жолтици.“)
13. Средно-крупен план на Шишков. („Види, види, што ли не ќе измислат?“)
14. Крупен план на партнерот. („Јас мислам дека вашата глава и повеќе вреди.“)
15. Крупен план на Шишков. („Зар мојата трговска глава што е полна со басми, сол, масло, восок?!“)
16. Доста крупен план на партнерот. („Вие сте Гоце Делчев.“)
17. Крупен план на Шишков.
Во овој инсерт можеме во континуитет да ги следиме исклучително точно дозираните микрореакции на Шишков, коишто се производ на две причини: од една страна стравот од апсењето на турските заптии и од друга неизвесноста во благопријатниот разговор со (исто така турскиот) познаник од детството. Цело време тој покажува воздржан однос во играта кон партнерот, но истовремено кон камерата зрачи мала возбуда до работ на неопходната драмска тензија.

Пример втор
: улогата на ДРАШКО КАРОВСКИ во „Парадоксот на Диоген“ низ кадарот „о д б р а н а“ во траење од 20 секунди
Средно-крупен план на Шишков.
„… Што сакате од мене?“
Мала пауза.
„… Хотелот ‘Сплендид’ не се урна затоа што мојата жена била глупава или умна, туку исклучиво по моја вина…“
Мала пауза.
„… Зошто правите комедии овде?“
Мала пауза.
„… Та не сум виновен само јас…“
Мала пауза.
„… Зошто не си го завршите ова глупаво кој, што и зошто?“
Мала пауза.
„… Стрелајте ме, обесете ме!“
Мала пауза.
„… Плукам на вашите бранители и обвинители!“
Во опишаниот инсерт во кој Шишков игра во монолошка форма пред аудиториумот во судницата, може да евидентираме брилјантен спој на импулсивен, речиси револтирачки набој додека се интерпретира текстот со условно кажано, интелигентната борба за стигнување до правичност. Ваквото изнесување на речиси налудничав, но сепак доволно фокусиран и позитивистички избрусен бунтовнички порив, означува епитет на посебна хармоничност во играта на овој актер.

Пример трет
: улогата на ЛЕДЕНИК во „Дождовито сонце“ низ сцената „м е д и т а ц и ј а“; траење 6,5 минути
Во инсертот кој инаку претставува почетна секвенца, Шишков произведува минуциозна лирска артикулација при кажувањето на содржината од писмото, без оглед на фактот што како илустрациска подлога се измонтирани кадри од егзотичната касаба. Притоа, емоционалниот полнеж на гласот кој ја води нарацијата е на истото драмско ниво на коешто е и покажаната слика.

* * *

Телевизиската камера го снимала Шишков како уникатен, жив лик со биографични црти, налик на оние од неореализмот. Според кажувањата на неговите колеги и соработници, а и според сочуваните ленти со негови филмски и телевизиски ролји, повеќе од јасно е дека тој не се штедел во снимањето на дублови, играјќи секогаш со полн капацитет. Оттука, може само да се извлече несомнената поткрепа за Шишковиот оригинален прилог во македонската филмска и телевизиска уметност, валоризирајќи го неговиот респективен актерски опус во таа сфера како парадигматично посебен, со консеквентна стилска линија на натпросечната впечатливост.

#b
1. В. Гоце Ристовски, ШИШКОВ: Така живееше и така умре Ристо Шишков, Скопје, 1999, 104-111 стр.
2. Спореди со ЧЕКОРИ ПО ЅВЕЗДЕНИТЕ ШТИЦИ: Прилог кон истражувањето на феноменот наречен Струмички театар (монографија), прир. Горан Тренчовски, Струмица, 1999, стр. 137.
3. Цитат според Георги Василевски, „Миметичката вредност на заробениот миг и окованата вечност“ во: АКТЕРСТВОТО И РЕЖИЈАТА ВО МАКЕДОНСКИОТ ТЕАТАР (зборник), прир. Јелена Лужина, Прилеп, 1999, стр. 73.
4. Исто, стр. 73.
5. ТВ-филм, режија: Душан Наумовски, сценарио Ташко Георгиевски, според истоимениот расказ на Ѓорги Абаџиев, камера: Добри Јаневски, монтажа: Борис Мирчевски, 38 мин., ТВС, 1972 год.
6 ТВ-драма, режија: Ацо Алексов, сценаристичка адаптација на истоимената театарска пиеса од Томе Арсовски, камера: Перо Стојановски, 98 мин., ТВС, 1975 год.
7 ТВ-филм, режија и сценарио: Коле Малинов, според расказот „Љубов во касабата“ од Иво Андриќ, камера: Драги Таневски, монтажа: Борис Мирчевски, музика: Љубомир Бранѓолица, 62 мин., ТВС, 1978 год.
8 Цитат според Јадранка Владова, ВОЛШЕБНОСТА НА ЗБОРОТ, Скопје, 1993, стр. 40.
9 Бранко Ставрев, ДЕЛОС или остров што плови, Скопје, 1992, стр. 39.

2018-08-21T17:21:47+00:00 октомври 1st, 2002|Categories: Осврти, Театар/Филм, Блесок бр. 28|