Р

Лица
I. Полноќ. Народен театар. Празна сцена.
II. Костур во кујната.

МАКСИМ БРОДСКИ: (Сам, со пластично бело јаже, периката од Робеспиер, црна вреќа за губре, шише црвено вино и леб во хартија. Проба.) „Што се случува овде граѓани!? Крв треба да прска на сите страни!!! Го чекавме само крикот на негодување што одекнува од сите страни за да проговориме. (Ја става периката, го одвиткува лебот.) И ние навистина можеме да се запрашаме, кој всушност го опљачка народот!?“ (Очаен од начинот на интерпретацијатa на текстот, се враќа назад. Јаде.) Не може вака, идиот, треба одвнатре!!! (Повторно тргнува.) „Кога ги гледаме народните законодавци како парадираат со своите пороци и со сиот луксуз на некогашните дворци, како тие маркизи и грофови на револуцијата се женат со богати жени, приредуваат раскошни гозби, се картаат и држат слугинки и носат скапоцени облеки…“ (Пие.) Престани!!! Ништо!!! Празно!!! „Нема договори, нема примирје со оние што го ограбија народот и што се надеваа дека без казна ќе го извршат тој грабеж! (Остава сè што носи на празната сцена. Ја бара страницата од „Дантоновата смрт“.) Со оние за кои Републиката беше само шпекулација а Револуцијата обрт на капиталот“! (Пали цигара. Седнува на празната сцена.) „Бројот на ништожниците не е голем. Треба да се испосечат само извесен број на глави и татковината е спасена!“ Ништо!!! Празно!!! (Игра со чадот.)

(Влегува во беспрекорна униформа дежурниот пожарникар на Народниот театар.)

ПОЖАРНИКАРОТ: Ве молам Бродски, под итно да ја угаснете цигарата…
МАКСИМ БРОДСКИ: Бегај да не те гледам! Ќе те убијам! Под итно! Брзо, брзо, брзо!!!
ПОЖАРНИКАРОТ: (Излегува.) Добро. Ќе видиме!
МАКСИМ БРОДСКИ: Не. Не можам. И нема да одам! (Ги собира реквизитите.) Не одам! И каков е најпосле тој јазик!? Што се случува овде граѓани!? Ништо. Па таму со јазик ќе те убијат, знаеш или не!?! Друго е кога ќе рече: Вас пасирт хир, биргер!? Ситуајен, кескил с пас иси! Что здјес праисходит граждење… Уот ар ју дуинг нау…!? А ти!!!??? Да ти ебам мајката, да ти ебам!!! Што се случува овде? (Се имитира самиот себе си.) Ништо! Кур се случува!!! Не можам. (Го зема делото и тргнува со нов залет, бесломошно сериозен и тажен.) Што се случува овде граѓани!? Крв треба да прска на сите страни!!! (Го отвора делото.) Што…

(Зад него се појавуваат шест костимирани Робеспиери и ги прават потполно истите движења со него изговарајќи ја истата реченица на СВОЈОТ јазик.)

Ама чекајте, јас не… не… Откаде вие овде, чекајте… Ито, Принцу чекај, Бенцио чекај, Креонт, Ставрогин, Владимир… чекај… (Пуши.)
ПОЖАРНИКАРОТ: (Повторно влегува.) Максим Бродски, ако не ја угаснете цигарата…?!!
МАКСИМ БРОДСКИ: (Го крева шишето и сака да зафрли со него.) Марш!!!
(Пожарникарот излегува.)

МАКСИМ БРОДСКИ: Не може вака. Никако. Умри овде. Цркни. Никаде нема да одиш!!! Цркни овде, гаду!!! (Ги собира реквизитите и тргнува.)
(Духот на Аврам му доаѓа во пресрет.)

МАКСИМ БРОДСКИ: Кој си ти?
АВРАМ: (Молчи.)
МАКСИМ БРОДСКИ: Кој си ти, човече!?
АВРАМ: (Молчи.)
МАКСИМ БРОДСКИ: Зошто молчиш! Што се случува овде? Кој ме следи, КОЈ ме контролира!? Што бараш овде!? Кој те испрати? Па има ли слобода во оваа земја? Гледаш сам сум и не правам ништо, го вежбам Робеспиер… Што гледаш? Гледаш, ништо… И кој си ти да гледаш, за кого работиш!?
АВРАМ: (Молчи.)
МАКСИМ БРОДСКИ: Кој ми пушта непознати луѓе на проба, излези сега да те видам, пожарникару, дежурен претставнику на работничката класа, излези и кажи…
(Духот на Аврам се губи.)

ПОЖАРНИКАРОТ: Ќе видиш ти со кого си имаш работа! Ти нема никогаш да стапнеш на оваа сцена во ова…
МАКСИМ БРОДСКИ: Кој ти рече да го пуштиш?
ПОЖАРНИКАРОТ: Кого?
МАКСИМ БРОДСКИ: Овој овде…! (Покажува со прст.)
(Духот го нема.)

ПОЖАРНИКАРОТ: И немој да измислуваш! Не ти е срам! Ти ќе го запалиш нашиот театар и после јас треба да одговарам за тоа!
МАКСИМ БРОДСКИ: Тишина!!! Губи се!!! Гледаш дека пробам!… Извини… (Се доближува до него.) Не можам. Еве не можам… Сам сум а не сум сам… Дојди, дојди малку… дај ми го прстот (Му го зема показалецот од десната рака. Ја гаси цигарата.) Поткрени си го окото и гледај! Повеќе луѓе сум во исто време или сам сум? Еве гледај.
(Го зема делото. Шесте Робеспиери ги повторуваат неговите движења.)

Што се случува овде граѓани, крв треба да прска на сите страни…

ПОЖАРНИКАРОТ: (Со прстот под око.) Има многу зад тебе, исти како тебе… (Го спушта окото.)
(Робеспиерите се губат.)

МАКСИМ БРОДСКИ: Гледаш… И сам сум и не сум сам…
ПОЖАРНИКАРОТ: Ах бе да му ебам мајката и оваа вашава работа крај нема…
МАКСИМ БРОДСКИ: (Му го подава шишето со вино.) Напи се…!
ПОЖАРНИКАРОТ: Не треба! (Пие.)
МАКСИМ БРОДСКИ: (Ги збира своите помошни средства.) Еве сега ќе заминам, морам да одам! Веднаш! И извини вака, што…
ПОЖАРНИКАРОТ: Ништо, ништо… Само немој другпат така…
МАКСИМ БРОДСКИ: Догледање!

АвторЈордан Плевнеш
2018-08-21T17:21:49+00:00 август 1st, 2002|Categories: Текст, Театар/Филм, Блесок бр. 27|