Есеизам каков што сè помалку го има

/, Театар/Филм, Блесок бр. 26/Есеизам каков што сè помалку го има

Есеизам каков што сè помалку го има

кон книгата театарски есеи „Време на моментот“ од Трајче Кацаров, „Три“, Скопје, 2000

Кога бев малечок, се чудев на една необична особина на татко ми – да запишува на ливчиња мисли и изреки на автори од книгите што ги читаше. Тие ливчиња ми пречеа (летаа насекаде) кога ги читав и јас истите книги, а не гледав некоја посебна смисла во таа навика. Подоцна сфатив дека токму на тоа се должи познатата речитост на татко ми. Подоцна ја сфатив и смислата на таа екстравагантна активност на татко ми. Дознав дека уште пред 400 години некојси Монтењ ја вовел практиката да вади и запишува белешки од прочитаните книги, да ги вметнува во посебни текстови и да ги објавува. Со таква активност се занимава и мојот пријател Т. Кацаров кој, за разлика од татко ми кој остана орален есеист, тие свои есеи ги публикувал во книга. Книгата, според моето скромно мислење, е лошо технички и визуелно подготвена, има малку тежок, комплициран наслов, но во себе има еден жив есеизам, кој што сè помалку се практикува во нашата средина, особено од оние трендсетери или трендмејкери, по клучните места (катедри, книжевни и јавни институции, медиуми и сл.).
Што е карактеристично за тие трендмејкери, односно за есеизмот на Кацаров? Брајан Мекхејл во својата книга „Постмодерна проза“ разликува две варијанти на книжевното писмо: епистемолошка и онтолошка, па според тоа ја прави дистинкцијата модерно/постмодерно. Текстовите со епистемолошка доминанта настојуваат светот и нештата да ги спознаат, да ги поимат, да ги одредат и специфицираат, додека во текстовите со онтолошка доминанта светот и нештата се изразуваат, се наративизираат, се претвораат во битие. Кај нас, последните години доминира епистемолошката есеистика, барем кај оние трендмејкери што ги споменавме. Таа есеистика е хипернаучна, хиперцитатна, објективизирана, стегната, неутрална во јазикот и изразот. Трајче Кацаров е надвор од тој тренд. Тој, сосема маргинално, упорно и постојано, го тера неговиот онтолошки есеизам чии карактеристики би биле наративизирањето на есејот, субјективниот, силно експресивен и афективен, израз, бројните реторички фигури и нагласената иронија. И тука постои еден хијазматичен парадокс. Современите тенденции во науката настојуваат да го разбијат нејзиниот крут сциентизам, согледувајќи бројни недостатоци на таквиот пристап, се обидуват да ја онтологизираат науката. Но во исто време, како што рековме, токму сциентизмот го „загадува“ есејот со епистемологичност, чии што карактеристики ги споменавме. Затоа прашање е што е современо а што анахроно во нашата и во светската есеистика, што е маргинално а што централно. Башка што онтолошкиот есеизам е поблиску до изворните мајстори. (Да, и вашиот автор се „шлепа“ на трендот на епистемолошкиот есеизам, бидувајќи е дете на овдешните доминантни катедри. На пример, вашиот автор секогаш се чудел на мислите што Т. Кацаров ги потцртувал кога читал книга позајмена од него, зашто според авторовиот концепт на есеизмот, таквите белешки се сосема бескорисни.)
Значи, есеизмот на Т. Кацаров ги има оние особини што го красат изворниот есеизам, а на кој маговите на современата книжевна (и не само книжевна) наука, повторно се враќаат (У. Еко, Ц. Тодоров, А. Хасан, А. Бонито-Олива). Еве некои од карактеристиките на тој тип есеизам.
Најпрвин, тематизација на проблематиката на секојдневието, значи оние ситни мали прашања што денот ги носи (Токму на тоа реферира Кацаров со насловот на книгата). А бидејќи есеите во оваа книга се специфични, театарски, во нив главно се лоцираат проблемите на театарското секојдневие: националната стратегија и улогата на театрите во неа, прашањата од театарската културна политика, дилемите на режисерската стилистика, односот на театарџиите (актери, режисери, драматурзи) кон својата професија, односите на структурите на моќ и одлучување (политички партии, владини чиновници, директори на театри) кон специфичните потреби на театарот, односот на театарџиите кон публиката и сл. Пристапот на Кацаров е анегдотален, значи тој го наративизира, онтологизира есејот, најчесто користи случки од својот животен опит во театарот (каде што како драматург и драмски автор есенцијално припаѓа) или од искуството на разни, живи или мртви, познати личности, најчесто театарџии или книжевници.
Заштитна марка на неговиот есеизам (како и на целокупното негово творештво) е иронијата, комплексните слоеви иронија, од гола хуморност, духовитост, до сложените реторички фигури, хиперболи, литоти, парадокси, сè до отворена бурлескност. Иронијата е оружјето преку кое Т. Кацаров го изразува својот силен, иако најчесто индиректно или поентирачки пласиран, став, својата моралност, својот простум пред негативните тенденции и појави што секојдневието ги носи. Ставот и мислењето на Кацаров се секогаш суштински опозиционерски, и кога го брани достоинството на театарот од компромитирачките структури на моќ (партии, чиновници, директори) но и од непрофесионалните напади на разните клановски интереси. Својата сестрана култура и ерудиција Кацаров ја изразува преку наводите на мисли и ставови, кажувањето анегдоти за личности од различна провиниенција (театарџии, литерати, филмаџии) од различни професии (режисери, писатели, актери, научници, јавни личности) од разни времиња и од разни простори. Тој цитатите од различно потекло ги наведува во функција на темата што ја обработува и во функција на ставот што сака да го искаже, притоа користејќи се доста често со техниките на парадоксалност, двојна кодираност, онеобиченост, контроверзност.
Всушност сликовито, стратегијата на Т. Кацаров во есеистиката може да се нарече стратегија на „длабоко орање“. За разлика од новинарите, критичарите, колумнистите кои најчесто се фаќат за одреден проблем како пијани за плот, и изнесуваат аргументи од ефемерен тип, обвинуваат, се плеткаат во ситнотијата, во нискоста на егоизмот и личните суети, есеизмот на Кацаров на плевелот на животот му дава вселенски димензии. Со наведените цитати и со мисловните лакови тој на малодушниот гест на некој чиновник, режисер, директор, актер, критичар, организатор… му ја спротиставува бескрајната вредност на духот и мислата, на моралните достоинства. Соочени со безвременоста на трајните дела и мисли, ситните сплетки, несовршености и слабости што секојдневието ги носи делуваат уште пониски и посекојдневни, со што и ставот на авторот добива посебна нота. Значи, стратегијата на Кацаров не е малодушна. Таа не тежнее да раскринка, да расчеречи, да наклевети, да поништи. Тој никогаш не споменува лични имиња. Неговата намера не е да биде судија туку совест, да ги изнесе оние аргументи што човекот ќе го соочат со неговата слабост и несовршеност како што се посочува и во мотото на оваа книга: Луѓето се несовршени и затоа не се ни свети. Поаѓајќи од таа мисла, позицијата на Трајче Кацаров е Исусовска: Тој иако свесен за сите човечки слабости, поради што и иронијата му е доминантно реторичко средство, се обидува луѓето да ги направи подобри.

2018-08-21T17:21:50+00:00 мај 1st, 2002|Categories: Осврти, Театар/Филм, Блесок бр. 26|