Театарот/танцот и новите медиски и информациски технологии

/, Театар/Филм, Блесок бр. 22/Театарот/танцот и новите медиски и информациски технологии

Театарот/танцот и новите медиски и информациски технологии

Новите наспроти старите медиуми

Навистина е важно да се препознае точката до која ‘новите медиуми’ не се ‘нови’, туку се продолжување на еден процес кој сè уште трае, на културна медијатизација. Разгледувањето на денешните технолошки достигнувања наназад низ релативно скорешните ‘најславни’ периоди на конзумерските направи какви што се вокменот и видеото, телевизискиот управувач, кабловската и сателитската телевизија, полароидните апарати и сл., може да помогне да се обезбеди перспектива со која би можело да се пружи отпор на заводливоста на пазарот на ‘новите медиуми’. Секоја од овие технологии даде придонес за промена кон поиндивидуално контролирани и прилагодени медиски средини… Тоа е нешто од што ‘новите медиуми’ денес многу среќно профитираат, сметајќи се дури и заслужни за тоа. Ако се вратиме уште наназад, феноменот на ‘телеприсуството’ и ‘инстантната далечинска комуникација’ беше иницирана од првата телеграфска трансмисија во 1845, нешто што бргу се заборава додека реагираме на возбудата која се создава околу електронската пошта. Ова се само некои примери за начините на кои минатото може да се поврзе со сегашноста – и да ја комплицира оваа тенденција кон разделувањето на ‘старото’ од ‘новото’.
Сепак, ова не е кажано за да предложи дека треба да се намали значењето на ‘новите медиуми’ во збирот од историските траектории, чии почетоци, средини и краеви се на некој начин препознатливи на тој начин што брзината на промената може да биде разбрана, а иднината предвидена. Во спротивност, радикалните нови форми на културата и општеството се пројавуваат под името на ‘новите медиуми’. Ова делумно е управувано од технологијата: брзината со која дигиталните компјутерски и комуникацски технологии се развиваат и стануваат сеприсутни е фасцинантна. Во технолошките термини, ‘старо’ најчесто укажува на аналогните, а ’ново’ на дигиталните технологии. Постои јасна разлика помеѓу двете која јас нема да ја образложувам во овој есеј. Доволно е да се каже: Нашите апарати нè обликуват нас, како што ние ги обликуваме нив. Интернет не е едноставно побрз, поедноставен и флексибилен начин на пренесување на информација – ‘подобар’ телефон. Тој исто така допринесува за една трансформација на начинот на кој ние го разбираме, замислуваме и делуваме взаемно со светот. Многу истражувања покажуваат дека компјутерското обработување на текстот ги измени начините на кои читаме и пишуваме. Влијанието на достигнувањата во дигиталните апарати се рефлектира во зголеменото отпуштање на прашањата како „Што е знаењето во ‘времето на информациите?“ и „Што се националните граници во ‘мрежното глобално општество’?“, и навистина овие концепти се дефинираат на нов начин.
Овие знаци индицираат дека технолошките достигнувања моментално играат многу голема улога во постоечкиот процес на културна трансформација. Меѓутоа, технологијата не прави оваа промена да се случи самата по себе. Ние, и после сè, ги обликуваме апаратите. Општествената промена е неизбежен и нужен дел на трансформативниот процес, и општетсвото може да не се смени во насоката која се чини дека ја предлага технологијата. Експертите и футуристите на ‘новите медиуми’ можат понекогаш да тежнеат да го предвидат идниот технологизиран свет кој е повеќе фантазија одошто реалност. Јас ќе се вратам на оваа поента подоцна. Она на што сакав да укажам со овие воведни параграфи е дека, додека е важно да се признае дека се случува промена од одреден вид (големи промени кои доаѓаа во економијата, образованието и медицината), има место и за некои ‘поприземни’ спекулации. Тоа е она што ќе сакам да го презентирам во следните оддели.

Асимилацијата, социјалната критика и важноста

Постојат различни начини да се прикаже влијанието на технологијата на формите на живата изведба. Треба да се земат предвид повеќе или помалку директните примени и имплементации на новите медиски и информациски технологии во живата изведба, со разгледување на начините на кои уметниците ги истражуваат телематските простори на изведбата, компјутеризираниот сценографски и светлосен дизајн, компјутеризираната кореографија и од изведувачот контролираните сценски средини, холографските актери/танчери, итн.
Првенствено, проценките за влијанието на медиските технологии на театарот и танцот треба да го земат предвид степенот до кој тие веќе се асимилирани во изведувачките уметности. Особено во Западното општество, медиските технологии имаа удел во значајното менување на комуникациската средина во која уметникот/ изведувачот и публиката взаемно делуваат. Најмногу од сè, фотографијата, телевизијата, видеото и филмот одиграа важни улоги во еволуцијата на нашата перцепција на самите себе си и на другите единки и нивната врска со останатите (општеството). За изведувачот, театарскиот режисер или кореограф, влијанието на овие технологии на општеството го изменува и начинот на кој се создава претставата. Тоа можеме да го видиме во употребата на монтажата во Танцтеатарот на Пина Бауш, во визуелната скала на ‘театарот на сликите’ на Роберт Вилсон, во повеќеслојните и не-линеарните наративи на Роберт Лепаж, во деконструкцијата/ адаптацијата на текстот од страна на Вустер групата и деконструкцијата/ адаптацијата на класичен балет од страна на Вилијам Форсајт, и во работата на Ханс Манен кој експлицитно ги истражи формалистичките врски на проектираните и живи слики на сцена (на пр. Во неговата претстава од 1979 Живо).
Како второ, треба да се земат предвид начините на кои медиумите се претставени во живата изведба. Ова го поставува прашањето за тоа каде и кога изведбата функционира како форма на социјална критика на технологијата, или ‘на машината’. Утописката визија за иднината на човештвото и технологијата, која постоеше кон крајот на столетието беше избришана со двете светски војни. За тој период и од тогаш наваму, уметничките движења и формите на танц и театар имаа важна функција како места од каде што се критикуваа врските помеѓу индивидуата и машината, општеството и технологијата. Денес, уметничката пракса која го испитува, разгледува, проблематизира и рефлектира влијанието на технологијата… Е неопходна како и секогаш претходно. Според самата природа на нивната нетехнолошка ‘живост’, танцовите и театарските форми уживаат посебно место во уметностите кои треба да бидат вреднувани, ‘заштитувани’ и поддржувани. Исто така, живите тела и нивните директни репрезентации сè уште функционираат како примарни политички складишта на доминантната моќ во светот, и, како и во минатото, живата изведба може да направи дестабилизираки придонес токму таму каде што оваа моќ е особено опресивна (како во поранешна Источна Европа). Како и да е, ова НЕ значи дека сите живи изведби треба да бидат експлицитно политички за да бидат ‘значајни’… И со внимателен поглед треба да се следи секоја доминантна културна институција којашто тврди дека го протежира/ поддржува политички значајниот театар.
Еден од начините да се биде значаен, дали политички, уметнички или на некој друг начин, е преку реакција кон фактот дека рецептивните можности на публиката брзо еволуираат, дури побрзо одошто театарот и танцот. Еден од најчестите изговори за губењето на публиката и за затворањето на театрите е дека театарот и/ или танцот се буквално ‘здодевни’. Еден од реномираните театарски режисери кој, во никој случај не би можело да се каже дека е здодевен е Роберт Лепаж од Квебек. Во едно интервју, Лепаж ја допира оваа тема изјавувајќи дека денешната публика се состои од ‘гимнастички’ мислители – способни да преработат и да осмислат комплексни слики, не-линеарни и безгранични наративи, различни карактери играни од еден актер, и сл. Лепаж зборува за ‘користење на човековата еволвирачка интелигенција’ кога се раскажуваат приказни во театарот. Тој вели дека „луѓето се многу современи, дури и кога не се образовани или софистицирани. Тие поседуваат еден многу модерен начин на поврзување на нештата. (…) ако не го искористите тоа… Секако дека ќе им биде здодевно“.
Како што младата генерација израснува сурфајќи на Интернет (извештаите индицираат дека во Америка она што беше 25% и повеќе пасивно време на гледање на ТВ, сега се поминува на Интернет) и играјќи интерактивни видео игри – така сè повеќе е присутно и во формите на живата изведба тие повторно да се откриваат себе си следствено со она што се случува.

Преживување на формите

Како што зборував претходно, општеството може да не се промени во оној правец кој го сугерира технологијата.
Можеме да се запрашаме дали во добата на новите медиски и информациски технологии, театарот и танцот сосема ќе исчезнат, дали тие ќе изумрат? Со толку многу други опции кои го привлекуваат вниманието на луѓето, сурфањето на веб, играње на игри на цд-ром, интерактивно кино, стотици дигитални телевизиски канали и сл., каква потреба и колку време ќе имаат луѓето да одат и да гледаат театар и танц. Со толку многу можности за дигитализирање, медијатизирање и електронизирање на човековата изведба – и со поставување на него или на неа во еден виртуелен три-димензионален симулиран простор на изведбата… колку долго уште ќе продолжиме да го следиме ‘ритуалот’ на облекување и излегување надвор за да го проследиме спектаклот на живата изведба. Во краткиот напис насловен „Театарот и неговата иднина во Храбриот Нов Свет“, Карл Вебер, професорот по режија и драматургија на Стендфордскиот универзитет, прашува „како театарот може да го еволуира неговиот специфичен начин на ‘жива’ изведба, така да тој остане конкурентен на пазарот на кој секакви видови на електронски создадени и збогатени изведби ќе доминираат со пласирањето на забавата“.

АвторСкот де Лахунта
2018-08-21T17:21:55+00:00 октомври 1st, 2001|Categories: Теорија, Театар/Филм, Блесок бр. 22|