Диво месо / Кандид

Диво месо / Кандид

Во еден новинарски контекст, доколку се прибегне кон една од најкомплицираните методологии во анализирањето на одредени поими, процеси, структури, каква што е компаративната, секогаш е потребно прецизно да се исцрта патеката, што би била референца. А кога се работи за уметност, особено за театар, во чија основа лежат повеќе уметнички дисциплини, тогаш е уште покомплицирано и поодговорно.
Како и да е, текстов што следи ќе се обиде сосем непретенциозно да создаде, ако ништо друго, барем заеднички пристап во гледањето на два, повеќе или помалку различни универзуми: претставите што предизивикаа големо внимание во јавноста, во последно време – „Кандид во земјата на чудата“ и „Диво месо“ двете во продукција на Драмски театар.
Навидум, се работи за два комплетно различни проекти, со комплетно различни пристапи, преку кои се дошло до крајните продукти. Прво и основно, се работи за драмски предлошки, едниот со датум од пред дваесетина години – „Диво месо“ на Горан Стефановски, а другиот – нов, современ – „Кандид во земјата на чудата“ на Венко Андоновски.
Уште сега може да се постави иницијалната точка од каде би тргнала, таа „условна“ заедничка линија. „Диво месо“ на Горан Стефановски, временски сместена пред почетокот на Втората светска војна, во Скопје, а како што вели и Стефановски, неверојатно е како поентата на овој драмски текст функционира токму сега, во овој миг, во времето на инсталирањето на „новиот светски поредок“, на крајот на 20-тиот век. Контекстот е актуелен. Време – сегашно. Ако некогаш на „Европа ѝ се прдеше за нас“, денес за Балканецот проблемите се уште пострашни. Тогаш Европа можеби знаеше кои сме. И сега „Старата изветвена дама“ тоа можеби го знае. Тогаш идејата беше да ѝ се докаже на таа студена, бесчувствителна, површна, „капиталистичка“, идеолошки несоодветна Европа, дека и ние сме важни, и дека сме ѝ достојни. Сега, првата работа е да се убедиме и себе во тоа, а претходно да си одговориме на прашањето, токму кои сме. А, дури потоа, да ја убедиме во она, во кое допрва ние самите треба да веруваме.
На сето ова, многу убаво се надоврзува основната идеја на текстот на Венко Андоновски, кој па самиот по себе реферира на Волтеровиот „Кандид“. „Кандид во земјата на чудата“ оди понатаму и одговара на поставеното прашање. Токму за „неслободната“, поточно за нашата ропската супстанца говори Андоновски. Овој текст на јасен, остар, суров, ироничен начин предупредува на тоа храброста да не се меша со чувството на слобода. А всушност, каде доаѓа до мешање на потребата од слобода и храбоста? Во покачениот адреналин! На луѓето како да им е полесно да си замислат дека нешто им е одземено, па со „храброст“ треба да стигнат до тоа, бидејќи тогаш е оправдана борбеноста, жестокоста со која тој оди напред – кон сопствената слобода!? И се стигнува до една од репликите во текстот „она што на Запад го нарекуваат демократија, а кај нас анархија“.
И пак назад кај „Диво месо“. Назад, бидејќи тука се поставува и се одговара прашањето дали нам воопшто ни е потребно мислењето што Запад го има или го нема за она што сме и кои сме ние. Кај Стефановски, уништувањето на основните семејни вредности, што ја дига „куќата“ (или државата) во вис, предизвикано од „самоуверената“, „ненадмината“, студена Европа е одговор на тоа прашање.
Сега е време да се тргне во авантурата: споредување на современите ракописи на двајцата режисери Александар Поповски и Сашо Миленковски. И тука има нешто што може да се нарече заеднички именител. А, тоа е режисерското „скицирање“ на ликовите. Ако кај Стефановски, во текстот има ликови сериозно изградени, кај Поповски, тие ги носат само своите основни назнаки, при што тој создава специфичен контекст кој ги дооформува, заедно со работата на актерите. Нешто многу слично се случува и кај Миленковски. Во обратна насока. Ако Андоновски дел од ликовите ги напишал како условно „скици“, Миленковски, повторно со специфичен контекст и повторно заедно со актерскиот ангажман, ги дооформува или ги интегрира, и им додава содржина плус.
Во овој миг веќе станува особено тешко да се оди натаму во потрагата. „Диво месо“ има една строгоопределена иконографија, речиси стерилно прецизна, преточена во играта на светло и сенка, во играта на сиво (безлично) и бело (јалово), во играта на „чисто“ и „валкано“, и на крајот сè е потурено со „пепел“. „Кандид…“, пак, „вришти“ од изместености, од „чудни“ компилации, сосема оправдани…
И на крајот, она што ги тера луѓето да помислат дека овие две исклучителни претстави имаат сличности е енергијата. Енергијата на една друга, сегашна генерација на актери, што и во едната и во другата претстава, многу силно ја чувствува публиката.
Како и да е, „Диво месо“ и „Кандид…“ подеднакво нè замислуваат, нè тераат да погледнеме подлабоко во себе, и отвораат прашања, отсликувајќи го мигот до максимум: во логиката-нелогика или во заборавот на она што ние навистина сме, и за нас, и за остатокот од светот.

АвторЕмилија Евтимова
2018-08-21T17:21:57+00:00 април 1st, 2001|Categories: Осврти, Театар/Филм, Блесок бр. 20|