Црнила

– пиеса во четири дела –

Лица:

НЕДА
ИВАН
МИЛКА
ЛУКОВ
ХРИСТОВ
ФЕЗЛИЕВ
МЕТОДИ
МЛАДИЧОТ

за творештвото на Чашуле:
Јелена Лужина: Освојување на слободата
Билјана Црвенковска: Коле Чашуле: апсурдист и/или антиутопист

Дејството се одигрува во 1921 година, во Софија

Лицата и настаните во оваа драма се измислени. Секоја сличност со постојните тогаш лица е случајна и ненамерна.

Авторот

„Долу по полено, по врабацине, до срцево
Сè е така и ноќ и нож в плеќи забиен
Не ме уплашија векови со нож од туѓа рака
Ме плаши час од рака своја в плеќи“.

  Анте Поповски

ЧЕТИРИ ЅИДА. Во нив урамена – пустелија. А сè е тука: слики по ѕидовите тешки двојни завеси врз прозорците ормани што прилегаат на мртовечки сандаци исправени покрај ѕидовите несмасни кожени фотелји штавени овчи кожи расфрлани по подот една земјена Геновева и ламба прокудена во аголот притисната од темновиолетовиот абажур.
Мразни прсти светлина се преклани врз кожите.Тишина.Негде вон пригушен женски отпор.Вратата се отвора.Во пустелијата се урамува првин таа – Неда и веднаш потоа тој – Иван.

НЕДА: … А сега, ти се молам – оди си.
ИВАН: (Ја затвора вратата зад себе и влегува во собата. Се гледа дека не му е достатна дотогашната љубовна игра и сака да ја продолжи.)
НЕДА: Иване, мили… биди добар. Биди разумен. Иване, се плашам.
ИВАН: Се плашиш? Од него? Од мажот?
НЕДА: Иване, ти се молам.
ИВАН: Прости. Не мислев да те навредам. (Трга накај неа. Очевидно е дека сака да го поправи тоа што го згрешил.)
НЕДА: Не… Не… Не… Не, мили. (Отпрвин таа се противи, се обидува да се ослободи од неговата челична стега, да се откине од неговиот здив, но не успева. Потоа, ненадејно и во див грч, почнува да го прекрива со трескави бакнежи неговото лице, неговиот врат. Нејзините зборови се неразбирливи и прилегаат повеќе на изгубени, искинати крикови.)
ИВАН: (Во првите мигови тој им се предава на тие бакнежи, дури се обидува и да се поигра со нив, но набрзо станува свесен дека со Неда нешто нечекано се случува и затоа ја зема нејзината глава во своите раце, се обидува да ѝ погледне во очите.) Ти плачеш?
НЕДА: Не. Не. Не гледај ме. (Сета се впива во неговата прегратка. Едно време остануваат така замолчени. Потоа, проговорува Иван. Сега веќе неговиот глас е подруг, топол, загрижен, а тој самиот е замислен, загледан негде пред себе.)
ИВАН: Ех, ти. Се сеќаваш ли за вечерата кај Иванов? Јас бев штотуку дојден од фронтот, уште груб, острвен, со сета душа потоната во крвје и сосем одвикната од бледите лица на Софија, со нејзините женски тоалети и парфеми… Влегов во салонот сиот бесен што дозволив да ме довлечкаат на таа сенилна седенка од ислужени политичари и патриотари, згнасен од нив и цврсто решен да се опијам до бесвест… Тогаш те видов тебе. Седеше во еден од аглите на салонот, сама, уплашена. А јас, јас бев војник, суштество што заборавило дека постои и осаменост… Се сеќаваш ли што ми одговори кога ти пристапив? „Ви предлагам едно – молчење“ – ти реков…
НЕДА: Ти одговорив? Јас знам само дека ги затворив очите и… Иване, мили, не оставај ме.
ИВАН: Ти многу добро знаеш дека нема да те оставам.
НЕДА: Иване. Се плашам. Се плашам – од Луков.
ИВАН: Ти – се плашиш од Луков? Не е возможно? Каква причина имаш ти да се плашиш од Луков?
НЕДА: Иване, твојот раководител Луков – ме следи.
ИВАН: Те следи?
НЕДА: Го чувствувам околу мене како сениште. Понекогаш ми се чини дека сите сенки и црнила во овој дом како да се негови сојузници… како да ме прогонуваат. Иване, сеќавам цел еден железен обрач дека се стега околу мене! Иване, зошто Луков сите свои акции ги подготвува во мојов дом? Зар организацијата не може да најде друг дом за таа цел…?
ИВАН: Смири се. Сето тоа се твоите ослабени нерви.
НЕДА: Не се нервите. Ти и самиот знаеш дека цела Софија расправа оти го заклал Костова само затоа што му – пререкол?
ИВАН: Не само поради тоа. Најпосле, заборави го веќе еднаш сето тоа. Не мисли повеќе.
НЕДА: Како? Кажи ми, како?
ИВАН: (Доверливо.) Луков доби задача, во најскоро време и со стопроцентна сигурност да го организира убиството на Ѓорчета Петров. (Откако ќе се обѕрне околу себе, со шепот.) Сигурно знам дека оваа акција му е доверена како последна шанса да се – искупи. Не успее ли – свршено е со Луков, засекогаш.
НЕДА: (Потресена од тоа што првин го чу, како да не ги слуша последните зборови на Ивана.) Иване, зар на Ѓорчета Петров? Та само уште тој ни остана. (Во крик.) Иване, што станува ова со нас?
ИВАН: Не прашај. Никогаш, никого не прашај го ова што ме праша сега мене. (Го сокрива својот поглед од погледот на Неда.) … И не прашај ме – зошто? (За првпат скршен, сиот во неа.) Денес, мила моја, може да се остане жив единствено ако не се праша, ако не се знае ништо, ако не се има очи и мисла за ништо од сево ова што станува околу нас. Обиди се да ми поверуваш…
НЕДА: Мили… (Се впива сета во него. Сега веќе таа го смирува него.) … Можам ли јас да не ти поверувам? Та ти си единственото нешто што ме држи уште во животот. Понекогаш ми се чини дека живеам само за твоите доаѓања.
ИВАН: (Ја бакнува долго, предадено.)
НЕДА: Што би правела јас на светов – без тебе? (Ги провира своите прсти низ неговата коса. Едно време настапува молк. Потоа, придобивајќи сила на потрес, на надворешната врата се ѕвони.)
НЕДА: Мајчице… (Ѕвонењето се повторува. Иван посига во пазувата и го вади револверот. Зазема позиција на одбрана кон вратата. Гледајќи го таков, Неда застанува пред него; како заштита. Дури со третото ѕвонење се слуша гласот на Милка.)
ГЛАСОТ НА МИЛКА: Недо, јас сум.
ИВАН: Отвори. Не плаши се. Ти само пропушти ја веднаш овде. Другото е моја грижа. (Ја бакнува. Неда уплашено му одвратува. Излегуваат. Пауза. По малку, низ истата врата низ која излегоа, влегува Милка.)
МИЛКА: Мажот скоро ли ќе си дојде?
НЕДА: Рече дека ќе се врати порано.
МИЛКА: Сеедно. Ќе имаме достатно време за едно кафе. Стопли вода. Донесов кафе. Вистинско, чесен збор. Го купив контрабанда од еден војник од македонските полкови. Ми се колнеше дека лично го украл од англиските складови. Што ти е? Нешто си ми бледа? Да не си болна?
НЕДА: Не, не, не сум. (Трга кон кујната.)
МИЛКА: Кафево…
НЕДА: (Се враќа, го зема кафето. Излегува, но вратата кон кујната останува отворена.)
МИЛКА: (Станува и оди до вратата од кујната. Дијалогот што следува се води делум отаде, потоа Милка се враќа и седнува, само сега на другата, поблиска, фотелја.) Оној, мојон, утринава пак замина. Готви некој штрајк во Перник. Чесен збор, понекогаш ми се чини како да не сум се омажила за маж, како сите жени, туку за – политика, за целата светска политика. (Пауза.) … Се распрашува ли оној, твојон сè уште за мене? Те мачи ли поради овие мои доаѓања?
НЕДА: (Се враќа со свареното кафе.) Не. Во последно време не те спомнува. (Седнуваат.)
МИЛКА: Чесен збор, кога не би го сакала толку колку што го сакам, би му се одмаздила така – никогаш да не ме заборави.
НЕДА: (Да го прекине разговорот.) Мириса чудесно.
МИЛКА: Ти велам, вистинско бразилијанско. (Пијат.) … Да го видеше кутреникот од кој го купив. Лика и прилика на смртта. А раскажува бедниот дека пред војната бил чевлар, имал дуќан, жена, деца. Сега еден од оние бездомници што ги гонат по софиските улици како бесни кучиња. Еден од оние што минатата недела демонстрираа пред Дворецот. Македонец. Како само за нас, Македонците, да се создадени сите црнила на овој век. Затоа и му се лутам на оној мојон: Македонец, роб, туѓ овдека и сегде по светот, запнал светска револуција ќе ми крева. И тука јас твојот маж го наоѓам за прав: го интересира само Македонија и ништо повеќе. Пред две недели, се врати оној мојон од Пловдив и ми вели: „Облечи се, ќе те водам на едно место“. Престави си: ме одведе право – кај кого мислиш? – право кај Ѓорчета Петров.
НЕДА: (Се тргнува од замисленоста. Очигледно дека ја освестува спомнувањето на името од Ѓорчета.)
МИЛКА: Да, да. Кај Ѓорчета Петров. Да видиш и самата, ми рече, дека не се откажал од Македонија. Си го видела ли ти некогаш Ѓорчета Петров?
НЕДА: Како малечка.
МИЛКА: Човек занемува пред него. И му се сака никогаш да не престане да го слуша. Ми даде една книшка да ја прочитам. Има таму една негова статија за две Македонии. Плакав кога ја читав. Сакаш ли да ти ја дадам да ја прочиташ?
НЕДА: Не. Не сега – доцна е.
МИЛКА: Не мислев јас ни самата сега. Утре изутрина одам в град. Сакаш ли двете да им се измолкнеме одовде, онака сами, па да удриме едно тарашување низ чаршија, како кога бевме девојчиња? Што ти е тебе денес? Сево време зборувам, а тебе како да те нема?
НЕДА: Ништо. Ништо. Те слушам.
МИЛКА: Не ме слушаш. Што има? Што станало?
НЕДА: Ништо.
МИЛКА: (Навредено.) Твоја волја. Последново време не знам како да разговарам со тебе. Или си нешто лута на мене, овие мои доаѓања…?
НЕДА: Нема ништо. Денес нешто ме боли главата и тоа е сè.
МИЛКА: Не ти верувам. Да не би да е нешто со твојот маж. Последниве денови многу луѓе ти се војваат низ куќи?
НЕДА: (Ја прекинува.) Ти се молам, не прашувај ме. (Настапува натегната, непријатна пауза, момент кога сите зборови се чинат излишни. Тишината ја нарушува шум од автомобилот, кој запира пред куќата. Неда истрчува исплашено кон прозорецот. Гледа. Се врти.) Тој е.
МИЛКА: Си одам. Доаѓам утре во девет. Биди готова да не те чекам. (Ја прегрнува нежно Неда и излегува.)
НЕДА: (Ја испраќа, потоа забрзано ги изнесува филџаните од кафето. Додека Неда е во кујната, во вратата се слуша клучот. Влегуваат Христов, мажот на Неда и потоа Луков.)
ХРИСТОВ: (Продолжувајќи го разговорот што го водел надвор.) Што мислите, господин Луков… не ќе биде ли подобро, јас првин да разговарам со неа? (Влегува Неда.) Добар ден, мила. Како си?
НЕДА: Благодарам, добро.
ЛУКОВ Добар ден, госпоѓа Христова?
НЕДА: Добар ден. Повелете, седнете.
ЛУКОВ Благодарам. (Седнува.)
НЕДА: (Излегува.)
ХРИСТОВ: Господин Луков, само уште нешто… Како да речам… Редно ли е, редно ли е сево ова… баш на овој начин?
ЛУКОВ: (Надмоќно и иронично.) Господин Христов, треба ли овие ваши зборови да ги разберам – како откажување? Јас категорички одбивам да ги примам како такви. Но,… ако ме присилите со вашето инсистирање на прашања и објаснувања, јас ќе се видам принуден да му реферирам на Иванов дека се – откажувате, па тој нека ја разгледа уште еднаш таа работа?
ХРИСТОВ: Не. Тоа – никако. Вие многу добро знаете какво мислење имам јас за Иванов и како се однесувам кон неговите решенија? Нека биде онака како што решил тој.
ЛУКОВ: Ми се чини дека така ќе е најдобро. Денес времето не е за дискусии, туку за дејство. Акциите се единствениот доказ дека Македонија е жива, дека се бори. (Влегува Неда со ракија.) … Се надевам дека и вашата ценета сопруга го мисли истото?
ХРИСТОВ: Секако, секако.
НЕДА: Повелете. Ќе сакате ли кафе. Немаме чисто, но…
ЛУКОВ: Не. Ви благодарам.
НЕДА: (Трга да излезе.)
ХРИСТОВ: Душичке, како да речам… Остани, остани…
НЕДА: Да не ви пречам?
ХРИСТОВ: Не. Не. Напротив. Потребна си ни. Нели, господин Луков?
НЕДА: (Збунето седнува. Настапува мала, но натегната пауза.)
ХРИСТОВ: (Прави обиди да го најде вистинскиот збор со кој да почне. Сиот негов напор се претвора во некакво своевидно пелтекање, сето сочинето од испокинати зборови:) Душичке… Како да речам… Знаеш…
ЛУКОВ: Госпоѓо Христова, Вашиов уважен сопруг и јас сме овде поради една многу важна работа. Работа од историско значење.
ХРИСТОВ: (Олеснето.) Да. Да. Историческа за нашата кауза. Токму, токму поради таа работа, јас ќе треба, јас ќе треба… и овој пат… да заминам на пат да останам таму десетина дена или… или помалку, нели господин Луков?
ЛУКОВ: Да.
ХРИСТОВ: За тоа време, мила, ти не треба да се грижиш за мене, јас… како да речам… јас ќе се наоѓам на сигурно место и… воопшто за сите работи ќе се грижи ЦК. Да… и господин Луков, се разбира. Нели, господин Луков?
ЛУКОВ: Се разбира. Се разбира…
НЕДА: Јас не сакам да останам сама дома. Ќе дојдам и јас со тебе. На господин Луков ако му треба нашиов дом, нека го ползува сосем непречено – ние откако ќе си отидеме.
ХРИСТОВ: (Се обидува, уплашено, да ѝ даде скришен знак да не зборува така.)
ЛУКОВ: è така надмоќно и иронично.) Се извинувам, госпоѓо Христова, но Вашето присуство овде е – неопходно. Инаку сета акција може да биде доведена во прашање.
НЕДА: Јас…
ЛУКОВ: (Ја прекинува.) Малку трпение, госпоѓо Христова, и… малку повеќе доверба. Ви се молам да нè – ислушате. Задачата што ни претстои е од таков карактер што бара Вашиот сопруг, токму поради тоа што е еден од најистакнатите работници во нашето легално движење, да не биде замешан во работата. Од друга страна, потребно е Вие, за сето време додека тој ќе биде отсутен – да сте дома.
НЕДА: Не разбирам – зошто?
ЛУКОВ: Некои работи, госпоѓо Христова, ќе Ви станат јасни – подоцна!
ХРИСТОВ: (Со молба, го повлекува Лукова настрана.) Господин Луков, како ќе биде јас да поразговарам насамо со неа?
ЛУКОВ: Добро. (Го погледнува саатот.)
ХРИСТОВ: Не. Не. Нема да биде долго.
ЛУКОВ: Во ред.
ХРИСТОВ: Ви благодарам. Повелете во другава соба. (Излегуваат. По малку се враќа Христов. Тој внимателно ја затвора вратата зад себе и ја повлекува Неда во спротивниот агол од собата. За сето време додека разговара со неа тој го чувствува Лукова, постојано гледа кон собата каде што остана тој и се штрецнува на секој шум. Отспрвин, тој ја гледа во очите и потоа немоќно почнува да ја гали. Има нешто безмерно очајно и тажно во тоа негово преплашено галење.)
НЕДА: (Го покрива лицето и ја забива својата глава во неговата прегратка.)
ХРИСТОВ: Што можам јас? Кој ме праша мене за нешто? Ме повикаа пак кај Иванов. Што можев јас да им речам? И самата знаеш што стана, пред една недела само, со Попов. Се обиде да им се спротивстави и… и остави четири сираци по себе. Душичке, ти се молам, разбери. Ако им се спротивставам, тие ќе ме откинат од тебе. А зошто ми е после мене животот? Душичке, ти се молам. Уште овој пат. Белки ќе биде последен. Ми ветија дека ќе ме остават на мира. Биди храбра, само уште овој пат. И не плаши се, јас… јас нема да бидам далеку, нема… нема… (Нешто тропнува во собата каде што остана Луков. Христов се скаменува на местото и одеднаш така скаменет почнува да говори, да говори гласно и со подигнат глас, да го чуе Луков.) Освен, освен тоа, ние мораме да бидеме горди, горди што нè одбрале баш нас и нашиов дом за една таква историска, историческа, задача и…
НЕДА: Ти се молам, престани. (Надвор се слуша автомобилска сирена. Влегува Луков. Неда и Христов се откинуваат во грч еден од друг.)
ЛУКОВ: Се извинувам. Жалам, господин Христов, но автомобилот не може повеќе да чека. И самите знаете…
ХРИСТОВ: (Стои изгубен, скаменет на местото и само повторува:) Да, да, да…
ЛУКОВ: (Оди до закачалката каде што Христов го остави мантилот, го сметиња и му го носи.)
ХРИСТОВ: (Покорно се облекува. Ја зема шапката и едно време се чини, така изгубен ќе излезе. Меѓутоа, тој се враќа, застанува пред Неда, не може да изусти ни збор, но затоа се наведнува ѝ ги бацува двете раце и излегува. Излегува, немајќи сили да се сврти.)
ЛУКОВ: (Го испраќа до вратата и, откако ќе ја заклучи, веднаш се враќа.)
НЕДА: (Трга да излезе.)
ЛУКОВ: (Ја запира со својот збор, токму пред да излезе.) Сосем не ги сакам преправањата, госпоѓо Христова. И ме збеснува кога некој ме присилува да изигрувам – шут. Седнете.
НЕДА: (Седнува.)
ЛУКОВ: (Останува да стои. Прави мала, но акцентирана пауза.) Вие многу добро знаете дека јас знам – сè. И дека токму затоа ми се одвратни обидите да бидам измамен.
НЕДА: (Се обидува да рече нешто. Луков ја прекинува, остро и грубо.)
ЛУКОВ: Молам. Уште не сум свршил. (Пауза.) … Ми се чини дека еднаш – и тоа категорички – Ви забранив да се виѓавате со вашата сосетка? Уште повеќе да ја примате – овде! Како ќе ми го објасните последното доаѓање на таа жена? Последното…?
НЕДА: Таа доаѓа сама и јас не сум во состојба и без причини да ѝ ја затворам вратата и да ја терам…
ЛУКОВ: Жалам, госпоѓо Христова, но со или без причини – таа жена не ќе може да има никаков допир ниту со вас, ниту со… вашиот дом?
НЕДА: (Молчи. Пауза.)
ЛУКОВ: Пред сè, ја познавате ли вие таа жена?
НЕДА: Другарки сме од детство. Две години живееме врата спроти врата.
ЛУКОВ: И сигурно ќе речете дека таа жена е „срдечна, непосредна, мила“?
НЕДА: Да.
ЛУКОВ: (Пауза. Потоа Луков почнува да шета по собата. Отпрвин тоа се бавни кругови околу Неда, но со време тие стануваат сè помали, додека тој не стигне до точката која е центар на кругот, веднаш зад Неда. По мал застој, Луков го почнува движењето по истата врвица, но сега во спротивна насока.) Во ред. Ќе ми дозволите ли сега, јас да го насликам вистинскиот портрет на таа жена? Пред сè – таа жена има сосема нездраво… минато. Потекнува од фамилија на наши политички непријатели – комунисти? Мажена е за еден од нивните најактивни раководители. Нејзините, нејзините така чести посети во овој дом имаат… известителна цел.
НЕДА: Таа за ништо не се распрашува и… и јас не би можела да поверувам дека би го сторила тоа против мене…
ЛУКОВ: (Исчекувајќи ја да сврши.) Од Вас, госпоѓо Христова, не се бара да поверувате, туку… да слушате и да се потчинувате. (Пауза.) Впрочем… Зар не Ви паѓа в очи дека посетите на таа жена паѓаат токму во моменти кога Вие имате средби од – интимен карактер?
НЕДА: (Се счудоневидува од тоа што го слуша.)
ЛУКОВ: (Задоволен од ефектот на своите зборови, пак надмоќен и циничен.) Не присилувајте ме, Ви се молам, госпоѓо Христова, да ги изговорам гласно работите на кои им се противи моето домашно воспитание? Ако би станало нужно, јас би можел да спомнам и имиња и детали…
НЕДА: (Грубо.) Ви се молам.
ЛУКОВ: Добро. Мене тие Ваши… интимни посети сосема не ме интересираат. Тие се Ваша лична работа. Јас и не би ги спомнал да не ме – присилевте? Тие сосем не се по мојот вкус, ниту по моралниот вкус на нашата организација. Вашиот ценет сопруг е видна личност во македонската емиграција и ние сме загрижени да не дозволиме да падне врз него сенка што би можела да го опетни. Тоа што тој не е во состојба да Ви биде сопруг, во онаа смисла во која Вие би сакале…
НЕДА: Господине Луков.
ЛУКОВ: (Ја набљудува Неда. Потоа, великодушно.) Нека Ви биде. Другпат не предизвикувајте ме. (Седнува.) Но, на работа. Во Вашиот дом ќе дојде до извесни подготовки за една акција. Тоа е сè што вие треба да знаете. Тие подготовки треба да останат засекогаш тајна по цена на нашите и Вашиот живот. Уште вечерва овде, кај Вас, ќе се вселат, тајно се разбира, четворица мои луѓе.
НЕДА: Четворица?
ЛУКОВ: Жалам. Јас ќе бидам – петтиот? Тројца од моите луѓе Ви се познати, четвртиот ќе Ви биде непознат. Ваша задача е да не се впуштате во никакви разговори со него. Во никакви… (На надворешната врата се ѕвони. Но овој пат ѕвонењето има свој распоред.)
НЕДА: (Станува. Се чини ќе тргне кон вратата.)
ЛУКОВ: Се извинувам. Тоа се нашите. Јас ќе отворам. Отсега натаму, отворањето ќе биде само наша грижа. Можете да си одите.
НЕДА: (Тргнува кон кујната.)
ЛУКОВ: (Ја запира пак со својот збор.) И… и ќе идете овде само кога ќе Ве повикам?
НЕДА: (Излегува.)
ЛУКОВ: (Го проверува својот револвер и дури потоа трга кон надворешната врата. По малку се враќа. Лут е. По него во собата влегува Иван.)
ЛУКОВ: Па тоа е вистинска свинштина. Што мислат тие? После, пак ќе излезе виновен за сè само Луков. (Пауза. Луков се обидува да се смири. Затоа оди и внимателно ја затвора вратата низ која излезе Неда и проверува таа да не наслушува.)
ИВАН: Крстју просто ми рече дека Младичот не може да се качи на попладневниот воз и дека ќе тргнел со вечерниот. Да ти кажам право, не се распрашав повеќе, зашто и самиот го знаеш каков е.
ЛУКОВ: И?
ИВАН: Не ми остана ништо друго, освен да го оставам Методи да го чека и вечерниот воз. Мислиш дека би можеле да ни приредат некое изненадување?
ЛУКОВ: Зошто не, кога сме вакви влечковци? Би можеле тие да нè ликвидираат кога ќе им се посака. Јас токму затоа и сакав тој Младич да пристигне дење. Сите терористи, според некое глупаво правило, пристигнуваат ноќе. И сите нив ги грабнуваат, ги убиваат или ги затвораат пак – ноќе. Со попладневните возови патуваат само благонадежните граѓани.
ИВАН: Не мислиш дека имале смелост да го пречекаат возот, да го сметнат од воз и…
ЛУКОВ: Зошто не? Би го направиле ли ние кога би станувало збор за атентатор против нас? Би го направиле. Зошто тогаш тие да не го сторат тоа? Не попусто ги земам јас сиве овие мерки на претпазливост. Тие би можеле да имаат и смелост и дрскост да ни се истоварат овде, да расчистат со нас и… од атентатот да не остане ни помен.
ИВАН: Каде е тогаш Фезлиев? Да не се има запиено некаде?
ЛУКОВ: Тој не се запива кога знае дека не смее.
ИВАН: Мене тоа не ме засега, но ти имаш недозволена слабост кон Фезлиев.
ЛУКОВ: (Лут и жолчен.) Сите ние имаме недозволени слабости. Поради таква една недозволена слабост ќе дозволеше, пред малку, да те затечат – по гаќи.
ИВАН: Би сакал да ти објаснам.
ЛУКОВ: Ги мразам објаснувањата. Јас не те пратив кај неа… (Покажува со глава кон кујната каде што се наоѓа Неда.) … јас не те пратив кај неа да изигруваш некаков сентиментален глупак, туку да ја направиш зависна од нас и од нашето молчење. И не играј си со главата. Мене, меѓу другото, ништо не ми пречи да испратам, уште денеска, некој друг кај неа? Да речеме: Методи!
ИВАН: Престани. Станува збор за човек, по ѓаволите. Што ти дава право да зборуваш така…
ЛУКОВ: Што слушам? Треба ли ова да го разберам како знак дека господинот почнал да се вљубува? И дека наместо тој да ја стутка неа, таа успеала да го подврзе него? Убаво. Гледам дека навистина си се уморил од животот. Што треба да значи, по ѓаволите, оваа идиотштина?
ИВАН: Тоа дека нема смисла на тој начин и со таков јазик да се говори за луѓето…
ЛУКОВ: (Грубо го прекинува.) Ни збор повеќе. Има да биде јас како што велам, инаку салдото ќе биде јасно. Многу јасно. Разбра?
ИВАН: (Повторно се обидува да рече нешто.)
ЛУКОВ: Не сакам одговор. (Седнува во софата.) Донесе ли весници?

АвторКоле Чашуле
2018-08-21T17:21:59+00:00 февруари 1st, 2001|Categories: Текст, Театар/Филм, Блесок бр. 19|