Освојување на слободата

/, Театар/Филм, Блесок бр. 19/Освојување на слободата

Освојување на слободата

четири децении македонска драма: од „Црнила“ до „Словенски ковчег“

Оваа книга содржи точно она што е декларирано во нејзиниот наслов: десет современи/модерни драми, напишани од десетмина современи/модерни македонски автори. Според критериумите какви што може да ги застапува еден театролог (а не книжевен критичар или историчар на литературата!), книгата настојува што е можно пообјективно да ги претстави десетте релевантни театарски пиеси што во текот на последниве четири децении од дваесеттиот век со успех биле изведувани не само во Република Македонија, но и надвор од неа.
Ништо повеќе, ама и ништо помалку од тоа.
Оваа книга, значи, не е конципирана како некој вид антологија на современа/модерна македонска драма, така што навистина нема никакви намери (ниту, пак, амбиции) да ги претставува десет современи/модерни пиеси што во Македонија се сметаат за најдобри. Ниту најубави. Ниту пак најинтересни. Ниту, да речеме, најзнаковити/најзначајни за четиридеценискикиот развиток на драматиката и на театарот на оваа почва. Макар што е сосема очебијно дека сите десет избрани/селектирани драми се и добро напишани, и исклучително интересни, но и сигнификатни за актулениот статус на македонската современа/модерна драматика, односно за современиот/модерниот македонски театар, оваа едиција – просто – не сака да се оптоварува со некакви „ексклузивни“ антологиски амбиции. Нејзината намера е сосема обична и – сосема практична.
Оваа книга, понатаму, не е замислена само како базична информација за модерната македонската драматика и за модерниот македонски театар, макар што е подготвена да ја исполни и оваа важна задача: имено, освен десетте избрани/селектирани драми, таа ја вклучува и сета нужна театрографска апаратура, која ги подразбира и сите битни информации за претставените автори и нивните пиеси, за театрите во кои тие се поставувани, за режисерите и ансамблите што ги изведуваа, за нивната рецепција во и надвор од Македонија… Затоа што ниту може а ниту сака да ја „одвојува“ драмската од театарската практика, ниту пак да на овие две комплементарни практики гледа одделно/сепаратно, книгата настојува кон селектираните десет драми да се однесува токму онака како што претходно – во протег на изминатите четириесет години кон нив се однесувал и македонскиот театар. Впрочем, тезата дека без националната драматика не може да го има ниту националниот театар (ама и vice versa, бездруго!), уште некаде помеѓу 1767 и 1768 сјајно ја елаборирал добриот-стар Лесинг (Lessing, 1950), со што го направил излишно секое нејзино дополнително коментирање.
Најпосле, оваа книга – токму затоа што приоритетно му е наменета на читателот-странец, кој македонскиот театар и македонската модерна драматика досега најчесто/главно ги запознавал преку инцидентни/случајни среќавања на некои интернационални фестивали, та и за двете знае сосема малку, или безмалку ништо – настојува да ги исполни и оние очекувања што пред едно вакво издание однапред се поставуваат, барем хипотетички: да ги задоволи не само високите естетски критериуми што секој избор нужно ги подразбира, туку и да овозможи сериозен увид во несомнените професионални и авторски стандарди што македонската драматика и македонскиот театар досега ги имаат досегнато. Се работи за стандарди што овдешниот тетар и овдешната драма не само што меѓународно ги афирмираат, туку ги прават сосема рамноправни дури и со најразвиканите светски примери.
И, сосема на крај:
До појавата на оваа книга, модерната/современата македонска драма до немакедонските читатели и гледачи стасувала само инцидентно, поединечно, благодарение на личните напори на одделни драмски автори и режисери, македонски или странски, или – безмалку – на среќните констелации на соѕвездијата. Било да победувале на некои интернационални конкурси, било да учествувале на некои големи светски театарски фестивали или да биле преведени па отпечатени во некои од најреспектабилните европски списанија… македонските пиеси до своите немакедонски реципиенти досега постојано стасувале осаменички. Како поединечни/индивидуални примери или примероци на драмското писмо и на драмското авторство, кои – како во легендите – доаѓаат однекаде далеку, од некои безмалку непознати делови од Европа, та затоа и носат со себе некаков дух на егзотичноста…
Дека станува збор за несомнено одлична драматика потврдува, мислам, и ноторниот статистички факт што нејзиното инцидентно/поединачно ама и континуирано/незапирливо доаѓање до европските и воневропските театарски сцени трае полни три децении. И постојано акцелерира!
Ете, токму заради сето ова и мораше да се направи ваква една книга, амбивалентна и крајно отворена по својата концепција. Сè до нејзината појава, театарскиот свет надвор од Македонија (вклучувајќи ги и најблиските македонски комшии), освен парцијално и инцидентно, немал вистинска можност подобро да се запознае со современиот/модерниот македонски драмски и театарски контекст… Запознавајќи ги драмите на одделни македонски модерни/современи автори, вонмакедонскиот театарски свет досега не можел да осознае од каде всушност доаѓаат одличните писатели какви што се Дуковски, Петровски, Плевнеш, Стефановски, Чашуле… Уште помалку можел да ја разбере драмската/театарската традиција од која и се артикулираат нивните пиеси. Оттука, сметам, и не можел докрајно да разбере зошто истите тие пиеси се токму такви какви што се.
Макар што знам дека една единствена книга не може битно да ја подобри пошироката (европска и воневроска) рецепција што модерната македонска драматика и нејзините најекспонирани автори – за среќа! – веќе ја имаат, мислам дека е важно што таа, сепак, се објавува.

*

Што е, воопшто, модерен македонски драмски/театарски контекст и кои се неговите актулени автори – писатели и режисери – кои се спомуваат во оваа книга?
Дека несомнено им припаѓаат на повеќе различни генерации може да се отчита веќе од елеменатрните биографски податоци: најстар, воедно и своевиден предводник/доајен на македонскиот драмски модернизам, Коле Чашуле, е роден 1921 година, но с&egrave уште пишува и с&egrave уште го играат. Помеѓу него и најмладите драматичари, Југослав Петровски и Дејан Дуковски, има разлика од безмалку половина век (и двајцата се родени 1969). Некаде помеѓу се наоѓаат автори кои – во моментов – и формално ѝ припаѓаат на таканаречената средна генерација: Русомир Богдановски (роден 1948), Благоја Ристески (роден 1949), Горан Стефановски (роден 1952) и Јордан Плевнеш (роден 1953).
По играта на случајот (или, пак, благодарение на констелациите на некои чудни соѕвездија), двајцата од нив – Богдановски и Стефановски – ќе станат и професори по драматургија на Факултетот за драмски уметности во Скопје (единствената таква едукацијска институција во Македонија), со што ќе се стекнат со ретка привилегија и буквално да им бидат учители на генерациите автори што доаѓаат или веќе пристигнале: Сашко Насев (роден 1966), Жанина Мирчевска (родена 1967), Југослав Петровски, Дејан Дуковски. Нивната „генерациска поетика“, колку и да е несводлива на една-единствена заедничка матрица, несомнено е автореференцијална кон поетиката на нивните ментори. Што не треба да се разбере како упрек, туку само како ноторен факт.
Само еден од младите и најмладите автори што се внесени во овој избор, Венко Андоновски (роден 1964), во македонската модерна драматика ќе влезе директно, сосема сам, без претходно да помине низ мајсторска работилница (таканаречената „скопска драматуршка школа“) што ја етаблираа неговите театарски предшасници. Како на доктор по филолошки науки и специјалист по книжевна теорија (инаку професор по литература на Скопскиот уиверзитет), на Андоновски во оваа драмска партитура несомнено му била предодредена токму солистичката делница: во корпусот што го атрибуираме со синтагма модерна македонска драматика неговиот авторски ракопис се декодира како еден од најоригиналните.
Сè на сè, оваа книга би можела – во генерациска, па оттука и во поетичка смисла – да се „растави“ односно периодизира во три битни целини, чиишто автори-протагонисти суштествено ги афирмираат и трите битни фази/етапи во развојот на националната драматика, но и на националниот македонски театар.
Првата генерација (или, пак, фаза/етапа, како сакате!) ја детерминира симболичниот предводник на севкупниот македонски драмски и театарски модернизам, Коле Чашуле. Токму неговата пиеса „Вејка на ветрот“ македонската театролошка наука ја определува како прва македонска модерна драма, а дата на нејзината праизведба (1957) како критичниот миг по кој македонскиот театар дефинитивно зачекорува во модерната епоха од својот развиток. Влегувајќи на македонската театарска сцена веќе кон крајот на 40-те (случајно, тоа ќе се случи токму во фамозната 1948, една од преломните години во историјата на сите држави од некогашниот источен европски блок, па и во македонската), но доживувајќи ја целосната афирмација дури од втората половина на педесеттите, драматургијата на Чашуле битно ќе ги одбележи цели две децении од историјата на македонскиот театар и неговата авторска драматика, шеесеттите и седумдесеттите. Воедно, таа и формално ќе ги означи првите македонски драмски/театарски продори во странство: драмата „Црнила“ ќе биде прва македонска пиеса играна надвор од Македонија и од некогашната Југославија, во Полска (Katowicze, 1972), но и прва македонска пиеса преведена и објавена на еден светски јазик (1977, едиција Five Modern Yougoslav Plays, Cyrco Press, New
York).
Втората фаза/етапа во развојот на модерната македонска драматика, којашто заковито ќе се преклопи со една сосема нова фаза/етапа во развојот на модерниот македонски театар, целосно ја определуваат четворицата автори што и припаѓаат на таканаречената средна генерација (родени помеѓу 1948 и 1953 година): Богдановски, Ристески, Стефановски и Плевнеш. Макар што двајцата од нив успешно дебитираат веќе во средината на седумдесеттите, сосема е извесно дека наредниве петнаесеттина години (годините помеѓу 1979, кога е праизведено „Диво месо“, можеби најдобрата драма на Горан Стефановски, и 1994/95, кога „Буре барут“ на Дејан Дуковски го започнува својот поход насочен кон светските сцени) македонскиот театар суверено го владеат токму многубројните пиеси на овој агилен колку и агресивен авторски квартет. Колку и да се различни по своите индивидулани/лични поетики, но и по своите идивидулани/лични чувствувања и разбирања на театарот (како медиј), драматичари што хипотетички му припаѓаат на овој исклучително продуктивен авторски квартет несомнено ја споделуваат и една заедничка карактеристика: ја имаа, но и талентирано ја искористија мошне интересна привилегија современата македонска драматургија да ја „пренесат“ од модерната/модернистичка во постмодерната/постмодернистичка епоха.
Третата фаза/етапа целосно ја детерминираат но и ја дефинираат токму најмладите, најпродорните, оттука и – според бројот на избраните пиеси – во оваа книга најзастапени автори. Би можеле да ги наречеме и еклатантни постмодернисти, што и да значи една квалификација од ваков општ тип. Ги има дури петмина, така што точно половина од оваа едиција им припадна токму ним. Сосема оправдано!
Станува збор за четирите момчиња и една дама. Интересно е што се сите родени во протег од точно пет години – помеѓу 1964 и 1969: Андоновски, Насев, Мирчевска, Петровски, Дуковски. Се разбира, најинтересно е што токму тие петмина – независно од афирмацијата со која се здобија досега – всушност ја застапуваат/легитимираат онаа генерација модерни македонски драматичари којашто допрва треба да ги покажува своите вистински квалитети. Доколку ги имаме предвид нивните поединечни дарби, теориските и практичните знаења од областа на драматургијата, нивото на професионалната подготвеност каква што ниту еден од нивните претходници немал среќа да ја има и, најпосле, технолошките и комуникациските можности што времето во коешто живеат најштедро им ги нуди имено ним (а тие веќе докажале колку добро умеат да ги искористат таквите можности!), со сигурност можеме да тврдиме дека македонската најмлада драматургија ја чека сериозна иднина.
Но и дека актулениот македонски театар од овој факт битно ќе профитира!

2018-08-21T17:21:59+00:00 февруари 1st, 2001|Categories: Теорија, Театар/Филм, Блесок бр. 19|