THANKS FOR THE DANCE : Хроника на едно препуштање

/, Звук, Блесок бр. 129/THANKS FOR THE DANCE : Хроника на едно препуштање

THANKS FOR THE DANCE : Хроника на едно препуштање

Објавено: 11/24/2019 г. во 18: 58ч

Исто како што за татко ми Џон Вејн никогаш не почина, така и јас никогаш не можев да отидам на концерт на Леонард и не ми е проблем да чекам колку што треба. Да чекам да се јави сезнајниот глас и да се заблагодари за танцот. Тебе, мене, на оние кои никогаш нема да се имаат едни со други

Пишува: Мехмед Бегиќ


Книга на копнежот

Постојат книги што остануваат недовршени. Се однесуваат како да се копнеж во неговата најчиста форма. Како песна чија секоја верзија е сосема поинаква и исто толку добра. Книгата како животно дело, како рид или планина која треба да носи име по одредени луѓе.

Мелодиите што остануваат зад нив, прогонуваат во потрага по зборови што само одредени птици ги знаат. Колибрито никогаш нема да ми ја каже тајната на цветот. Истата тајна над тајните што ти толку лесно ја сподели со светот.

Татко ми имаше свој херој. Тој упорно и секогаш еднакво решено одбиваше да го гледа филмот Аламо. Ја спроведуваше таа одлука до крајот на животот. Објаснувањето секогаш беше исто: за него, Џон Вејн никогаш не умрел и нема да умре. Па макар и да се вика Дејви Крокет во филм што лично Вејн го режирал.

Сите смрти нема да ме убијат

Постојат работи што не ги објаснувам. Ниту на себе, ниту на другите. Тие се такви какви што се и ме прават ваков каков што стојам пред тебе. Сепак, за миг, се запрашав како смртта на некој што секогаш бил дел од фантазијата може толку да ме отрпне. Како смртта на најблиските. Таткото е татко, а Леонард е Коен. Солзите се исти, а допирите се манифестираат во различни форми.

Ќе танцуваме ти и јас. Како што танцувавме кога бевме деца, секој на својата страна од светот, секој во своето училиште на животот. Со годините што се сместија меѓу нас, го опишав секој детаљ од твоето тело. Оние посреќните од себе ги упатив на сечилото на твојот ум. Исчезнав исто како што и постоев. Војните се откажаа од нас, го преживеавме секој вид на концентрационен логор. Полињата се запалени, а балконите се напуштени. Богатите се богатат, а ние другите наебавме.

На патот кон Сантијаго, ми го објаснуваш Маркс. Ако тоа го сториш доволно добро, ќе те наведам да заталкаш. Знам дека ти знаеш сè, но не ми кажувај чии очи ќе има мојата смрт. Ќе те одведам во едно рибарско селце. Никогаш нема да се вратиме. Пивото е поевтино од пивото во Мостар, а храната е најдобра во светот. Наше е тоа селце во Галиција, на самиот крај од светот.

Доо дум дум дум да, доо дум дум

Исто како што за татко ми Џон Вејн никогаш не почина, така и јас никогаш не можев да одтиам на концерт на Леонард и не ми е проблем да чекам колку што треба. Да чекам да се јави сезнајниот глас и да се заблагодари за танцот. Тебе, мене, на оние кои никогаш нема да се имаат едни со други.

Светлата се гасат, можеби ова е ноќта што ја чекав. Се нижат песните: Happens to the Heart, Moving On… Престанувам да дишам, Moving On  уште еднаш… The Night of Santiago, Thanks for The Dance, It’s Thorn, The Goal, Puppets, The Hills! Повторно The Hills!… Hills! Hills…  I can’t make the Hills! Дури и не треба да дишам веќе. Колибрито ќе знае за што не зборувам.

Благ наклон, допир на шеширот со врвот од прстот. Прсти што не знаат што да прават со себе. Што се случува со срцето во вакви моменти, немам одговори. Никогаш нема ни да ги барам. Но, потполно ќе им се препуштам на моментите. Ова е повеќе од трансцеденција. Објаснувањата им ги оставам на другите, препуштањата се мои.

АвторМехмед Бегиќ
ПреводЗорица Теофилова
2019-12-27T12:00:36+00:00 декември 18th, 2019|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 129|Tags: |