СПОМЕНИ,
НЕБАРЕ ТУЃИ
Моите мисли,
запустени острови.
Некоја друга планета.
Спомени замрзнати во
тегла со свинска маст.
Гума дупната со шајка,
џамлии, петица и шлајка.
Лет со пони велосипед.
Небото сино ко плико.
Тежок, жежок леб.
Млеко пред порта.
Змучки и струпки,
фризура на страна.
Не шорцови, туку
скусени панталони.
Па поле од море и
галеби што пасат риби.
Пуста, недогледна плажа –
се тркаме со татко ми.
Чоколадно млеко во
пластично шише.
Брако приколка и
дивина. Слобода.
Моите мисли,
запустени острови.
Некоја друга планета,
што во неврат одлета.