ВОДЕНА ПОКРИВКА
Воден чаршаф, перница од бран. Сирената под него стенка и ги дразни морнарите. Морското дно остана без воздух на педа од неговата дланка. Мислата е глисер што броди низ неговиот воден мозок. Океанограф е, Кусто во потрага по Калипсо. Јосиф е во Венеција, но не заслужил гроб во такво опкружување. Можеби во море, затрупан со проѕирна покривка. Само не во масовна гробница поткопана од подземни води, каде телата завршуваат како туршија во тегла.