ПРОКРАСТИНАЦИЈА

ПРОКРАСТИНАЦИЈА

Татко ми секоја ноќ го навиваше стариот метален будилник и го оставаше на машината за перење во бањата. Бучавата што ја правеше будилникот сабајлината беше далечна и непријатна. И траеше кратко. Веднаш потоа станот живнуваше, се слушаа чекорите, отворањето на вратите, чкрапнувањето на светлото, сѐ уште сонливите разговори.

Денес спијам со телефонот при рака. Ме буди некоја пријатна мелодија, на која можам да ѝ наредам да ме буди на секои пет минути. Денот ми почнува со одложување на стварноста. Обврските секогаш можат да почекаат уште пет минути. Прокрастинацијата подмолно ме чека на излезот од сонот. Ме начекува секојпат сонлив, а некогаш дури и мамурен. Секогаш неподготвен да се соочам со нејзината примамливост. И ме држи така заробен по цели денови, веќе со години.

АвторЃоко Здравески
2019-12-27T12:00:39+00:00 декември 18th, 2019|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 129|