Заборавени, љубовна приказна

/, Литература, Блесок бр. 129/Заборавени, љубовна приказна

Заборавени, љубовна приказна


Тогаш почнав да сфаќам дека смртта си го стори своето.
Издвојувајќи се од ништото, избрав пат по кој да чекорам.

[Чарлс Мингус]


I

Се прашував колку и до кога. Секое ново будење е спознание за потрошеното. Ако навистина постои подобро, ако е можно да биде поинаку, зошто се мачиме со она што никогаш не се случува? Би бил потребен друг човек за нови околности. Стапицата за залудноста главно не се успеваме да ја избегнеме. Порано или подоцна се гледаш како висиш наопаку, без иднина, ослободен од потребата да имаш каква било амбиција, без решение. Сè помалку чувствуваш и беспомошноста ти е сè поблиска. Тагата што си ја доживеал со раѓање, никогаш не исчезна, никогаш не те остави, не ѝ избега, твоите шанси беа нула од самиот почеток. Само понекогаш, уморна од самата себе, таа ќе заспиеше и спиеше долго, сосема доволно за да ја заборавиш, да се опуштиш и да го спушти гардот. Одморена таа ќе се протегнеше, ќе се проѕевнеше неколку пати и повторно, кој знае по кој пат, ќе создадеше пекол околу тебе. Уште една љубов ти издишува на раце, а новата работа пропадна токму кога помисли дека можеби е поинаку и можно. Уметноста што ја вложуваш во сè што правиш веќе не е доволна. Никогаш и не била. Но, барем купуваше време и илузии. Ништо не може да се поправи и сè е како што изгледа. На масите има грди чаши, а тишината е бесконечен простор на останување без воздух. И онака секој исход се сведува на истата работа.


II

Покрај секои гробишта вратата на мотелот кој наплатува од минута е широко отворена – слушам како одѕвонува таа реченица што твоите усни ја истресоа на ѕидовите пред нас. Како да ја носи со себе единствената вистина и спознание што ќе исчезнат во моментот кога ехото ќе замолчи. Те сакав најдобро што знаев. Имаше денови кога сакав да престане, имаше ноќи во кои не можев да се поднесам ни на сликите од детството. Слики кои го чуваат времето кога сè беше остварливо и реално на врвот од јазикот. Меѓу земјата и каменот се запишани неколку интересни спомени во кои извонредно одиграв неколку главни улоги. И тогаш, филмските ленти се истрошија и како награда за животно дело те добив тебе. Крајна премија, трофеј од границата, сè во едно. Во зависност од денот и апчињата на репертоарот.


III

Ги слушам како зборуваат низ ѓубрето и цвеќињата. Се менуваат во монолозите, наместо да се слушаат едни со други. На третите ваквиот ред на нештата им одговара. На тој начин нивното време навистина ќе дојде, за да не престане никогаш. Мојата работа главно се сведува на слушање. Она што го слушам го паметам и запишувам, а потоа го користам во тактиките што ги усоврши оној што ме воведе во работата. Резултатите се неверојатни. Речиси никогаш не доаѓа до примена на сила. Ќе дадам сè од себе за да избегнам ваков развој на ситуацијата. Бидејќи исходот обично е ист – премногу неред, течности, премногу дополнителни комбинации со кои не сакам да се занимавам. Насилството е бесмислено. Како и ненасилството, впрочем. Во зависност од околностите и аголот на гледање на работите. Ништо од ова не ми е интересно. Повеќе би сакал долго да спијам на подот од просторијата во која нема ништо друго освен звучници. Подготвен сум засекогаш да ги заборавам шишињата и главоболките.


IV

Ти ме сакаше мене, јас ја сакам неа. Којзнае кого сака таа.

Превод од босански: Зорица Теофилова

АвторМехмед Бегиќ
АвторЗорица Теофилова
2019-12-27T12:03:25+00:00 декември 18th, 2019|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 129|