@Траги, Искра Димитрова, Чифте aмам, јуни 2019

/, Галерија, Блесок бр. 126 - 127/@Траги, Искра Димитрова, Чифте aмам, јуни 2019

@Траги, Искра Димитрова, Чифте aмам, јуни 2019

„Увод“

„Некои од документите…“

„Што напиша ликовната критика…“

„Што рекоа политичарите, новинарите и јавните личности…“

„Што рекоа луѓето…“

„Насоката во која размислував“

„И уште еден документ…“

Врбите на Вардар и проблемот со елитите

Текст: Лазо Плавевски

Веднаш по Камениот мост во Скопје, се изградени два моста. Тие ги носат имињата (проверив на карта): „Мост на цивилизациите во Македонија“ и „Мост на уметноста“. И мостовите и нивните имиња се реален одраз на огромниот културен пад што го доживеавме во изминативе петнаесетина години. Меѓу споменатите мостови, во коритото на Вардар, се наоѓа делото на Искра Димитрова „Вера, Надеж, Љубов“, кое е главна тема и побуда за нејзиниот актуелен проект „@Траги“. На десетина метри од „Вера, Надеж, Љубов“ се наоѓа една голема стоечка галија, а во радиус од педесетина метри се сместени или се подигнати, верувале вие или не, 96 скулптури на луѓе, диви животни и некакви алегории во природна или поголема величина. Многу блиску до нив се наоѓаат уште многу вакви сочиненија, но фер е да се ограничам на далечината од 50 метри.

Тоа е тантелата на проектот „Скопје 2014“.

Во нејзиниот центар, како во некаков театар на апсурди, се наоѓа „Вера, Надеж, Љубов“, дело што не може никако да се доведе во контекстот на СК014 (оваа кратенка за „Скопје 2014“, употребена од опозициските сајтови ќе ја употребувам како згодна супституција за споменатиот проект). Некои овој контекст го означуваат како популистички, како некаква урбанистичка артикулација на политичките и културните состојби, но тој не е само тоа. СК014 е и обид на новоформираната политичка и економска елита да се материјализира како вредност. На најчувствителното место, во центарот на главниот град, таа ги реализира сопствените вредносни модели, сопствениот лик. За оваа постапка нејзе не ѝ се потребни институции, не ѝ се потребни познавачи од одредени области затоа што нив не ги доживува како сопствен дел, како дел од групата што треба да ги оствари и материјализира посакуваните вредносни модели. Таа нова елита ги определува главните вредности бидејќи каква елита би била ако не ги определува вредностите, а тоа може да го чини ако таа самата себеси се доживува како носечка вредност на општеството. Граѓанскоста на Скопје, оформена во периодот на освојувањето на модерноста и како форма на модерноста, е омаловажена и понижена со ставот/претпоставката дека таа претходно произвела некаков „комуњарски модернизам“ кој треба да биде избришан од неговиот центар, а на негово место да се изградат фасадите на новата реалност.

Дали ова вредносно урнисување на нашето општество упатува на неможноста на сегашната елита да создаде реални вредносни модели? Или е тоа само неуспешен обид на нивната прва генерација?

Како и да е, главниот двигател на СК014 е означувањето на тоа кои се вредностите на општеството во кое живееме и натамошните насоки што тие вредности ги посочуваат. Бидејќи идентитетот е нешто што е во постојано градење и оформување, тогаш нашиот светоглед, ако нешто такво навистина постои, барем симболички ќе биде формиран во насоката на вредностите на СК014. А бидејќи овој проект е веќе реализиран и ние постојано се наоѓаме во него, го сакале ние тоа или не, тој постојано има влијание врз нас. Денес и во иднина. Сѐ посилно и посилно. Отворените критики на актуелната власт кон него не ја отстрануваат актуелноста на неговата присутност. Овој проект и понатаму ги рефлектира негативните вредности од кои е сочинет. Непреземањето никакви чекори (освен отстранувањето на споменикот на Андон Лазов Јанев-Ќосето) во неговото поништување може да упати кон различни навестувања, кои можеби се насетуваат веќе во разгледувањето на проблемот со перцепцијата на „Вера, Надеж, Љубов“, дело што нема никаква уметничка конекција со што било што е во контекстот на вредности и светогледи од СК014.

„Вера, Надеж, Љубов“ е дело што е компатибилно со релевантните ликовни тенденции на нашата ликовна сцена, што ќе рече дека тоа е една постмодерна интервенција во градскиот простор насочена кон определени формални искази што треба во современоста и како современ исказ да ја реализираат пораката на свети Павле од Новиот завет. Или уште повеќе, тоа дело, како што забележува Љиљана Неделковска во својот текст за овој каталог: „…повикува на редефинирање на нашиот однос како кон природата, така и кон општественото живеење, преку повторното инвестирање во три основни духовни вредности: љубовта, верата и надежта. Но, не во нивното теолошко или метафизичко значење, туку во нивната еколошка димензија: како своевидна екологија на љубовта, верата и надежта, како еколошки духовен багаж што ќе биде неопходен за да можеме ‘соочувајќи се со Геа’, да се прилагодиме на новите животни услови“. „Вера, Надеж, Љубов“ поседува јасна еколошка насока. Ние сме дел од светот на екологијата што ја нема димензијата на граници и поделби. Сите сме поврзани и сите сме одговорни. Уметноста во Северна Македонија мора сѐ повеќе да се насочува во оваа насока. Проблемот е што кај нас мора да се занимаваме и со екологијата на вредности.

СК014 е, пред сѐ, вредносен модел, ужасно загаден вредносен модел. Тоа е еден компактен светоглед во кој нема недореченост или отстапки. Освен делото „Вера, Надеж, Љубов“ на Искра Димитрова. Не е јасно зошто тој е присутен во него. Можна е претпоставката дека тоа случајно се нашло во негов контекст бидејќи било избрано, на еден претходен конкурс, пред проектот СК014 да биде осмислен, односно инсистирањето да не се отстапи од него било со намера да не се покаже никаква слабост пред нападите на опозицијата.
Во секој случај, единствениот сегмент на СК014, кој нему формално не му припаѓа, станува негов најпосочуван пример – доживеано е, или е реален дел од СК014 без некоја свесна колаборативност.

Иако нападите врз „Вера, Надеж, Љубов“ почнуваат веднаш штом делото е реализирано, до позицијата тоа да претставува препознатлив знак за целиот проект се доаѓа постапно. Некако невидливо почнуваат да се избегнуваат споменувањата на сите изградени будалштини кои стануваат наши визуелни застапници. Полека сите почнуваат да се навикнуваат на нив. Како да не постои некоја критична маса која нив би ги елиминирала, односно која критично би влијаела за нивното отстранување. Популизмот како да си го пронаоѓа сопствениот нов пат.

Сѐ уште останува само терминот „Врбите на Вардар“, кој не упатува на ништо битно од СК014. Можеби тоа е неговата основна, несвесна функција.

Во опозициската јавност на популизмот од СК014 се одговара популистички и проектот на Димитрова постојано се именува како некаков индикатор за целиот зафат, веројатно со некаква пресметка дека тоа ќе наиде на лесно разбирање кај народот. Можната причина за ваквиот однос е нејасниот став на гласачкото тело кон вредностите на СК014.
Тие нив ги прифаќаат или не ги прифаќаат? Корените на СК014 се многу подлабоки и поструктурни отколку што тоа изгледа на прв поглед.
Долгиот период на транзицијата резултира со многу повеќе вредносни поместувања отколку што тоа можеше да се претпостави. Проектот СК014 е нешто што по инерција, како своевидно „следување“, доаѓа само по себе да биде остварено. Можеби сето ова и не го заслужуваме, но тој е резултат на сите претходно загубени битки, борби што и не беа водени.

Како и да е, оние што немаат јасен однос кон СК014 бидуваат бргу освестени со синтагмата „Врбите на Вардар“. Претпоставка е дека логичкиот след на нивните мисли, толкувања и ставови се движи во оваа насока: „Што? Врби? Во Вардар? Уметност? 270.000 евра?!! – Па нека одат тие, знаете каде!“ Тоа „пали“, сѐ уште „пали“ кај оние чиј однос кон вредностите на СК014 е нејасен.

Но кои се и какви патот и хронологијата на случувања што довеле до реализација на „Врбите на Вардар“?

Во некои кратки заокружувања од обемната документација на Димитрова, присутна на изложбата „@Траги“, таа може да се изложи и вака:
На Конкурсот за идејни решенија, изработка и поставување на скулптури во централното градско подрачје на Град Скопје, распишан од тогашното Министерство за култура на Република Македонија од 11.3. 2008 година Искра Димитрова конкурирала со два проекта:

  • Три врби во бетонски коцки во реката Вардар и
  • Иноксна коцка со грмушка.

Откако била известена дека двете нејзини решенија се прифатени на 25.8.2008 година, склучен е Договор меѓу неа и Министерството за култура за:

  1. Изработка на скулптура „Врби во коритото на Вардар“ и
  2. Изработка на скулптура „Грмушка на рефлектирачки блок“.

За реализација на делата, Димитрова почнала да се подготвува уште пред 2008 година, а нив ги интензивирала до 2009-2011 година.
„Грмушката во рефлектирачки блок“ е реализирана во април 2010 година. По повеќе од една година, ова дело е дислоцирано на друго место, а подоцна и уништено.
Во периодот 2009-2011 година, Димитрова интензивно работела на реализирањето на „Врби во коритото на Вардар“, но наишла на реално големи проблеми кои биле надвор од нејзините компетенции, а навлегувале и во самата формална идеја на делото. Во еден период врз неа биле вршени реални притисоци за изгледот на бетонските коцки во кои првично било планирано да се постават врбите. Било сугерирано на нив да има некакви релјефи со што, претпоставувам, ова дело некако би се „вклопило“ во контекстот на СК014. Таа некако успеала да не подлегне на ваквите „сугестии“.

Од наведеното, меѓу Димитрова и тогашното Министерство за култура на Република Македонија на 9.8.2011 година е склучена Спогодба за раскинување на Договорот за изведување на градежните работи.

Изградбата на проектот „Врби во коритото на Вардар“ е завршена во средината на 2012 година. Бетонските коцки добиле оплата од инокс, како во делото „Грмушка на рефлектирачки блок“, а на него се поставени трите наслова, посебно на секој од блоковите – Вера, Надеж, Љубов. Тоа е и актуелното именување на делото на Димитрова.

Отприлика, тоа е сѐ што ми се чинеше важно во врска со „Врбите на Вардар“. Тие се почнати пред проектот „Скопје 2014“, но СК014, како многу присутен вредносен модел, сѐ уште зрачи со својата загадувачка структура. Одвреме-навреме, во некое соопштение или обраќање, се наидува на синтагмата „Врбите на Вардар“, но за СК014 не станува ни збор. Важните општествени и политички тензии што се решаваа во изминатиов период не се никаков изговор за одбегнувањето на вниманието околу овој проблем, бидејќи тоа е проблем што е поврзан со доминантните вредности на нашата средина. Дали во моментов имаме каква било претстава за нив, бидејќи ако не се реализира ништо – тогаш СК014 е нашиот доминантен вредносен модел! Тој реално нѐ опкружува и влијае врз сите. Помирувањето со фактот дека тој ќе ни остане и некако на него ќе се навикнеме, а моменталната општествена состојба не навестува ништо поинаку, ќе биде веројатно нашиот најголем културен пораз чиишто последици не можат да се предвидат. Поголем од она што сегашниве елити можат да замислат. Непостоењето на некоја минимална критична маса луѓе, особено млади луѓе, кои ќе го променат текот на овие случувања, трајно ќе ја измести граѓанската нормалност на нашата средина. Звучи страшно, но е сосема извесно!

Потребата од некое такво движење на граѓанската свест во насока на одржување некаква нормалност на вредносните модели е пожелна од причина што не е баш најјасна претставата за вредносните ориентири на актуелните елити. Тие се против СК014, но како проект на нивните политички опоненти. Можеби тој и не им е „баш“ по вкус, но немаат ништо структурно против него. Вкусот и вредностите на политичките елити се можеби блиски, во некоја рака, не „баш“ толку различни. Можеби е тоа причината што проблемот околу „Скопје 2014“ е сосема занемарен и ставен надвор од фокусот на јавноста.

Останува само повременото споменување на стигматизираната синтагма – „Врбите на Вардар“.
Болката од сите тие напади врз „Вера, Надеж, Љубов“ е причината за најновиот проект на Искра Димитрова.
Но неврзано од споменатите побуди, проектот „@Траги“, како и секој реален уметнички проект, е реализација на една идеја како пластично да се реализира некоја намера. Димитрова кон овој проблем пристапува исклучително уметнички одговорно, внимателно фокусирајќи се врз сите детали особени за ваквиот вид изразување.

Со „@Траги“ се изнесува целата документација за делото „Вера, Надеж, Љубов“ во повеќе пластични форми: како „тврда документација“ презентирана пред јавноста, но и како материјал што до нас допира како пластичен елемент кој со сопствената присутност ги соопштува пораките како пластични пораки, пораки што поседуваат сопствени пластични вредности и заедно со нив создаваат еден уметнички исказ, еден, би рекол, минималистички пластичен исказ расположен да прикажува податоци и ставови, да создава некакви приказни. Димитрова како да сака да создаде некаков сопствен „Час по анатомија“: таа сака да полемизира за да може да постигне некаква формална дисциплина на изразот. Иако целиот проект „@Траги“ е нагласено полемичен (затоа што тој ја изразува инхибираноста од состојбата во која таа без вина била поставена), со овој повик за полемика не може да се полемизира. Со определени ставови, состојби, позиции во „@Траги“ не се полемизира затоа што тоа се уметнички обликувани ставови, а со уметнички чинови не може да се полемизира освен со, или низ, или преку – уметничка полемика, можност што е надвор од овој текст.

Поради сето тоа, вниманието треба да биде насочено и кон проектот „@Траги“, како кон јазичен проект изведен во една речиси фанатична посветеност кон она што и како се презентира. Чувството за форма во нејзината реторичка изразност е дарба што Димитрова ја применува, ја реализира исклучително одговорно, дисциплинирано и рационално. Експресивната заднина на побудата за „@Траги“ е сосема занемарена и тргната настрана. Презентирани се „голи податоци“ со минималистички приод во нивното концептуализирање. Ова дело, проектот „@Траги“, реално побудува некакво задоволување на определени потреби за концизно и изедначено изразување во просторот во кој случката на инсталацијата (и не само таа) е поставена.

„@Траги“ е проект што се занимава со делото „Вера, Надеж, Љубов“ и како тоа било инструментализирано во полемиките за СК014.
Можеби ова е крај на сите „недоразбирања“ околу него, но не е крај на она кон што овие „недоразбирања“ упатуваат или можат да упатат: каков е актуелниот општествен однос, нашиот однос кон случката на СК014.

Дали со овој проект ќе се навикнеме да живееме како што се навикнавме да живееме со сето неисчистено ѓубре околу нас?


Куратор: Лазо Плавевски
Куратор: Владимир Јанчевски
Куратор од Националната галерија: Ана Франговска
Стручен соработник: Љиљана Неделковска
Асистент на проект: Нита Муча
Кустос соработник: Александра Зиновски-Вилиќ
Кустос соработник: Горанчо Ѓорѓиевски
Технички асистент: Владо Димоски
Светло мајстор: Илија Тарчуговски
Звук и монтажа на видео: Дамјан Цветков Димитров
Фотографии: Станко Неделковски и други

АвторИскра Димитрова
2019-08-06T13:00:54+00:00 јули 31st, 2019|Categories: Изложба, Галерија, Блесок бр. 126 - 127|